127/2003-0-0

127/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 и член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 19 ноември 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на
а) член 80-д од Законот за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр. 44/1995, 24/1996, 34/1996, 35/1997, 82/1999, 29/2002, 40/2003 и 42/2003), и
б) членовите 31 г и 31 д од Законот за средно образование (“Службен весник на Република Македонија” бр. 44/1995, 24/1996, 34/1996, 35/1997, 82/1999, 29/2002, 40/2003 и 42/2003).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 80 г од Законот за основно образование, означен во точката 1 под а) во ова решение.
3. Васко Томановиќ, адвокат од Скопје, како полномошник на Јован Стефановски, Нада Николовска, Анкица Витанова и други, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на законите означени под а) и б) во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспорените одредби од членот 80-г од Законот за основното образование и членот 31-г од Законот за средното образование биле спротивни членот 47 став 1 од Уставот на Република Македонија, кој ја гарантирал слободата на научното, уметничкото и друг вид на творештво.
Исто така, оспорените одредби биле спротивни и на член 9 став 1 од Уставот, затоа што го повредувале начелото на еднаквоста на граѓаните.
Имено, според подносителите на иницијативата, оспорените одредби ја мајоризирале стручната подготовка, односно академските звања и таму каде што тоа не можело да биде од никакво влијание.
Одредбите од член 80-д став 1 од Законот за основното образование и член 31-д став 1 од Законот за средното образование се оспоруваат од истите причини од кои се оспоруваат членовите 80-г од Законот за основното образование и член 31-г од Законот за средното образование.
Исто така, сите оспорени одредби биле во спротивност и со членот 55 став 1 од Уставот кој ја гарантирал слободата на пазарот и претприемништвото, затоа што ја ограничувале издавачката дејност.
На крај, со иницијативата се бара Судот, до донесување на конечна одлука, да ги запре од извршување поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорените членови од наведените закони.
4. Судот на седницата утврди дека согласно член 80-д став 1 од Законот за основното образование вработен во педагошката служба, Бирото за развој на образованието, Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците и Државениот просветен инспекторат не може да биде автор на учебник.
Според став 2 на овој член од Законот вработен во органите од став 1 на овој член, како и член на неговото семејство не можат да бидат издавачи на учебници.
Според ставот 3 на овој член како членови на семејство, во смисла на став 2 на овој член, се сметаат брачниот другар, децата, родителите,браќата и сестрите.
Според член 31-г од Законот за средно образование автор на учебник може да биде лице со високо образование, магистер или доктор на науки од областа за која е наменет учебникот, доколку со овој закон поинаку не е утврдено.
Во членот 31-д став 1 од Законот е предвидено дека вработен во педагошката служба, Бирото за развој на образованието, Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците и Државниот просветен инспектор не може да биде автор на учебник.
Според став 2 на овој член вработен во органите од став 1, како и член на неговото семејство не можат да бидат издавачи на учебници.
Според став 3 на овој член како членови на семејство, во смисла на став 2 се сметаат брачниот другар, децата, родителите и браќата и сестрите”.
5. Согласно член 47 од Уставот, се гарантира слободата на научното, уметничкото и културното творештво.
Имајќи ја предвид оваа уставна одредба, Судот оцени дека со оспорената одредба од член 31-г од Законот за средно образование утврдува кој може да биде автор на учебник што според Судот не е во насока на ограничување на научното, уметничкото и другите видови творештва утврдени во овој член од Уставот, туку е во насока на поттикнување и помагање на научниот опфат.
Во поткрепа на овој став на Судот говори и фактот што законодавецот во Законот за авторско право и сродните права ги утврдил основите за остварување на слободата на научното, уметничкото и други видови на творештво, односно ги утврдил моралните и материјалните права што му припаѓаат на авторот на кој начин всушност се врши операционализација на наведената одредба од членот 47 од Уставот.
Според мислењето на Судот, со утврдувањето на условот што треба да го исполнува едно лице за да може да биде автор на книга која ќе се користи како учебник во средното образование, а тоа е високо образование, магистратура или докторат од областа за која е наменет учебникот, не се нарушува начелото на еднаквост, односно овие лица не се ставени во поповолна положба во однос на другите педагошки работници со понизок степен на образование, поради што, според Судот, не се нарушува принципот на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите.
6. Што се однесува до членовите 80-д од Законот за основното образование и 31-д од Законот за средно образование Судот оцени дека истите се однесуваат на забрана на авторската дејност не од аспект на образование, туку од аспект на вработеност во одредени институции и на забрана на издавачката дејност на поедини лица вработени во образовни институции.
Во однос на прашањето за забрана на авторската дејност на наведениот профил на стручни кадри поради вработеност во некоја од институциите што се занимава со одреден вид просветна дејност, Судот смета дека ваквата забрана не е во несогласност со Уставот Судот смета дека оспорените законски одредби не се однесуваат на ограничување на творештвото во апсолутна смисла на зборот, туку се определуваат, односно ограничуваат лицата кои во дадениот момент не можат да се занимаваат со оваа дејност, која е инкопатибилна со дејноста што ја вршат како вработени во образовните органи.
Ова од причина што инкопатибилноста не дозволува едновремено вршење на обете функции, односно оневозможува нивно правилно вршење. Имено, според Судот инкопатибилни се функциите на претпоставениот кој врши надзор и оној врз чија работа тој надзор треба да се врши.
Поради тоа, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за уставноста на одредбите од членовите 80-д став 1 од Законот за основното образование и 31-д став 1 од Законот за средното образование.
7. Според член 55 став 1 и 2 од Уставот, Републиката ја гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, обезбедува еднаква правна положба на субјектите на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.
Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните се еднакви пред Уставот и законите.
Во врска со прашањето за забрана на вршење на издавачката дејност од областа на образованието, Судот смета дека не е во несогласност со Уставот, на лицата вработени во органи на управата од областа на образованието да не им се дозволува едновремено да бидат издавачи на учебници, затоа што во овој случај постои конфликт на интереси што може да доведе до повреда на еднаквата положба на субјектите на пазарот.
Ова од причина што според членот 23 став 2 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, во состав на Министерството за образование и наука кое ги склучува договорите за издавање на учебници, се: Педагошката служба (поранешниот Републички педагошки совет); Бирото за развој на образованието (поранешниот Педагошки завод на Македонија); Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците и Државниот просветен инспекторат (поранешниот Републички просветен инспекторат). Според тоа, вработените во сите овие органи во состав на Министерството за образование, меѓу другото, се непосредно поврзани со министерството како една од страните на издавачкиот договор.
Од тие причини, Судот смета дека, во случајов, не станува збор за општо ограничување на можноста на вработените во овие органи кои вршат издавачка дејност, туку за ограничување на вршењето на овие дејности во сфера која е инкопатибилна, што не е во несогласност со член 55 од Уставот на Република Македонија од аспект на обезбедувањето еднаква правна положба на субјектите на пазарот.
Што се однесува до прашањето за уставноста на одредбата од ставот 3 на член 80-д од Законот за основното образование и ставот 3 на член 31-д од Законот за средното образование, кои прецизираат што се подразбира под член на семејство на вработен во означените органи, определувајќи ги како такви, брачниот другар, децата, родителите, браќата и сестрите без да ги условува со живеење во заедничко домаќинство, независно што оваа дефиниција не се совпаѓа со дефиницијата на овој институт, определена во Законот за семејството, Судот оцени дека оспорените одредби не се во несогласност со Уставот.
Имено, според Судот, законодавецот има право, согласно материјата што се регулира со законот да цени што ќе се подразбира под семејство како критериум за спречување на конфликтот на интересите во оваа сфера.
Впрочем, Судот смета дека ограничувањето на издавачката дејност се однесува само на учебници, а не и на забрана на вршење на издавачката дејност воопшто.
Со исклучувањето на членовите на семејството на вработен во означените органи од можноста да бидат издавачи на учебници, според Судот не се нарушува принципот на обезбедување на еднаквата правна положба на субјектите на пазарот.
Ова од причина што тоа всушност претставува еден вид инструмент со кој се обезбедува спречување на повластување на учесниците на пазарот по основ на роднинска односно семејна поврзаност.
8. Судот, на седницата, исто така утврди дека согласно членот 80-г од Законот за основното образование автор на учебник може да биде лице со високо образование, магистер или доктор на науки од областа за која е наменет учебникот доколку со овој закон поинаку не е утврдено.
Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Со оглед на тоа што Судот со решение У.бр.143/2003 година од 8 октомври 2003 година не поведе постапка за оценување на уставноста на членот 80-г од Законот за основното образование, а нема основи за поинакво одлучување, Судот ја отфрли иницијативата за оценување на неговата уставност.
9. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
10. Решението за неповедување постапка и решението за отфрлање на иницијативата Судот ги донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
11. Решението за неповедување постапка за член 80-д став 3 од Законот за основното образование и член 31-д став 3 од Законот за средното образование Судот го донесе со мнозинство во состав од од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.127/2003
19 ноември 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply