43/2003-0-0

43/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 октомври 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 22 став 5 од Законот за стечај (“Службен весник на Република Македонија” бр. 55/1997, 53/2000 и 37/2002).
2. Асоцијацијата на овластени стечајни управници на Република Македонија на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 22 став 5 од законот означен во точката 1 од ова решение.
Со оглед на тоа што со оспорената одредба на една категорија граѓани им се овозможувало да се стекнат со звањето овластен стечаен управник без полагање на испит, во иницијативата се наведува дека со оваа одредба граѓаните се ставале во нееднаква, односно нерамноправна положба пред Уставот и законите по основ на нивната општествена положба и се ограничувало правото на секој под еднакви услови да му е достапно секое работно место, што не било во согласност со член 9 и член 32 став 2 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека според член 22 став 5 од Законот за стечај: “Звањето овластен стечаен управник врз основа на писмено барање и приложената документација, може да му се признае на професор избран во научна област од деловното право, финансиите или сметководство, како и судија кој работел на стечајни постапки една година по разрешувањето, на кого министерот за правда му издава уверенеие за овластен стечаен управник без полагање на испит за стекнување звање овластен стечаен управник”.
4. При оценување на согласноста на оспорената законска одредба со Уставот, Судот ги имаше предвид следните уставни и законски одредби:
Во член 9 став 1 од Уставот на Република Македонија утврдено е дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Во ставот 2 на овој член од Уставот, пак, е утврдено дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Во член 32 од Уставот, со кој се гарантира правото на работа, како едно од економските права на човекот и граѓанинот, меѓу другото, е утврдено дека секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.
Во член 15 од Законот за стечај, како орган на стечајната постапка, меѓу другите, е утврден и стечајниот управник, кој има определени права и должности утврдени со овој закон.
Според член 20 став 1 од Законот, работите на стечаен управник може да ги врши физичко лице кое е овластен стечаен управник и друштво со ограничена одговорност кое ќе добие дозвола за вршење на работите на стечаен управник. Според ставот 2 од истиот член, за стечаен управник може да биде именовано физичко лице кое располага со потребна стручност и деловно искуство, кое согласно член 2 став 3 од Законот за трговските друштва е трговец и ако ги исполнува следниве услови:
1. да има висока стручна подготовка и најмалку три години работно искуство;
2. да положил испит за овластен стечаен управник и да има стекнато уверение за овластен стечаен управник;
3. да не е осудувано за кривични дела што го прават неподобен за стечаен управник (точката 3 е укината со Одлука У.бр.235/2001 од 6 март 2002 година на овој Суд) и
4. да даде изјава дека во работењето ќе ги применува правилата во согласност со Кодексот за етиката на стечајните управници.
Во ставовите 1, 2, 3 и 4 на членот 22 од Законот, чиј став (5) се оспорува со оваа иницијатива, е предвидено дека испитот за стекнување на звање стечаен управник се полага пред комисија формирана од страна на министерот за правда, според програма што ја донесува министерот за правда – став 1, дека на лицето кое ќе го положи испитот од став 1 на овој член, министерот за правда му издава уверение за овластен стечаен управник – став 2, дека трошоците за полагање на испитот за овластен стечаен управник се на товар на лицето кое го полага испитот – став 3 и дека формата и содржината на уверенеието, како и начинот на полагање на испитот за овластен стечаен управник ги пропишува министерот за правда – став 4.
5. Разгледувајќи го оспорениот став 5 на член 22 во контекст на целата концепција на Законот за стечај, а особено во корелација со членот 20 и останатите ставови на член 22 кои не се оспорени, Судот оцени дека со различните решенија утврдени во член 22 од Законот граѓаните не се доведуваат оправдано во различна, односно нееднаква положба во однос на стекнувањето на звање “овластен стечаен управник”. Непосредна основа за тоа е претходното искуство и знаење во вршењето на определени работи на одделна категорија граѓани утврдени во оспорениот став 5 на член 22 од Законот, а не нивната општествена положба, како што смета подносителот на иницијативата. Имено, според мислењето на Судот законодавецот има право да определи дека граѓаните од ставот 5 на член 22 од Законот и без полагање посебен испит го обезбедиле потребното знаење и искуство за професионално извршување на работите за стечаен управник утврдени со овој закон, а другите граѓани тоа знаење треба да го стекнат преку полагање на испит.
Во прилог на тоа зборува и фактот што законодавецот не утврдил можност со звањето “овластен стечаен управник” без полагање на испит да се стекнат на пример сите универзитетски професори или судии, независно на кои работи тие претходно работеле (при што навистина би се создавала и неправедна нееднаквост меѓу граѓаните по основ на нивната општествена положба), туку дека со ова звање можат да се стекнат само професорите избрани во научна област од деловното право, финансиите и сметководството и судии кои работеле на стечајни постапки една година по разрешувањето.
Од друга страна, стекнатото звање “овластен стечаен управник” без полагање на испит, не значи дека за оваа категорија на граѓани е единствени и доволен услов да бидат именувани за вршење на работите на стечаен управник. Имено, покрај тој услов, тие мора да ги исполнуваат и другите услови предвидени во член 20 став 2 од Законот, кои еднакво важат и за сите други граѓани. Тоа значи дека одредбата на ставот 5 од член 22 од Законот, автоматски не ја исклучува примената на ставот (2) на член 20 од Законот во однос на оваа категорија граѓани.
Согласно наведеното Судот утврди дека со одредбата во оспорениот став 5 на член 22 од Законот за стечај, не се создава нееднаквост на граѓаните по основ на нивната општествена положба во поглед на стекнувањето звање “овластен стечаен управник”, ниту во поглед на достапноста на вршењето на работите на стечаен управник под еднакви услови која му противречи на врвното начело на правото – правдата и правичноста и затоа не го постави прашањето на нејзината согласност со член 9 и член 32 став 2 од Уставот на Република Македонија.
6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Иџет Мемети, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.43/2003
29 октомври 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply