109/2003-0-0

109/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седни- цата одржана на 22 октомври 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување на висината на коморскиот уписен влог, донесена од Адвокат- ската комора на Република Македонија на седницата одржана на 30 мај 2003 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.39/2003).

2. Томе Тодоровски од Свети Николе на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата најнапред се наведува дека Уставниот суд со своја Одлука ја укинал Одлуката на Адвокатската комора на Републука Македонија со која коморскиот уписен влог беше утврден на износ од 1000 евра, но Управниот одбор експресно ја донел, новата, сега оспорена Одлука со која коморскиот уписен влог сега го утврдува на износ од 61.500 денари на кој начин не се почитувала донесената Одлука на Уставниот суд.
Понатаму се истакнува дека сега оспорената Одлука не била во согласност со членот 32 од Уставот, бидејќи со неа се повредувало уставно гарантираното право на работа на начин што обврската за плаќање на коморскиот уписен влог била поставена како услов за “самовработување”. Исто така, коморскиот уписен влог претставувал бариера за вработување на нови млади правници и заштита од конкуренцијата.

Воедно, според подносителот на иницијативата со Одлуката се повредувал и принципот на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, гарантиран во членот 9 од Уставот, бидејќи пред десетина години не се плаќал коморски уписен влог во оваа висина, во 2001 год. коморскиот уписен влог изнесувал 11.300 денари, а со оспорената Одлука повеќе пати е зголемен.

Исто така се истакнува дека при донесувањето на Одлуката не се имале во предвид сите параметри од влијание за утврдување на висината на коморскиот уписен влог како што се: зголемување на цените, зголемен стандард на населението или пак немањето на инфлација од 1993 година, па наваму.

Од изнесените причини се предлага поведување на постапка за оценување уставноста на оспорената Одлука и нејзино поништување.

Иницијатива за оценување уставноста и законитоста на истата Одлука поднесе и Јанкова Тодорка од Скопје.

Во иницијативата најнапред се потсетува дека Уставниот суд со Одлуката У.бр.51/2003 од 22 мај 2003 година ги укина ?ленот 69 став 1 во делот: “плаќа коморски уписен влог” и членот 84 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.97/2002), како и Одлуката за утврдување на висината на коморскиот уписен влог, донесена од Адвокатската комора на Република Македонија на седницата одржана на ден 29 јануари 2003 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.9/2003).

Потоа подносителот на иницијативата наведува дека Адвокатската комора на РМ и покрај вака донесената интервентна Одлука на Судот, на 29.05.2003 година донела нова Одлука со која повторно коморскиот уписен влог се поставува како услов за добивање на лиценца за отпочнување со работа на идните адвокати. Вака донесената Одлука го ограничувала правото на слободен избор при вработувањето гарантирано во членот 32 став 1 од Уставот на Република Македонија, а исто така била спротивна на Законот за адвокатирата и Статутот на Адвокатската комора, при што не се означуваат конкретни одредби од Законот и Статутот.

3. Судот на седницата утврди дека во член 1 од Одлуката за утврдување на висината на коморскиот уписен влог (“Службен весник на Република Македонија” бр.39/2003), е предвидено: “Висината на коморскиот уписен влог изнесува 61.500,оо денари”. Во членот 2 од Одлуката е определено дека истата влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”. Одлуката е донесена на одржаната седница на Управниот одбор на Адвокатската комора на Република Македонија на 30 мај 2003 година, врз основа на член 34 став 1, 35 став 1 точка 2 и член 36 од Законот за адвокатурата и член 23 став 1 алинеја 14 и член 82 став 1 алинеја 2 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија.

4. Во член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија е определено дека Уставниот суд на Република Македонија помеѓу другото одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

За еден акт да има карактер на пропис, во смисла на изнесената уставна одредба, потребно е да содржи определени правни елементи. Помеѓу другото, актот, предмет на уставно-судска оценка, треба да содржи општи норми на однесување, да ги уредува односите на субјектите во правото на општ начин и со тоа да утврдува права и обврски за неопределен круг на субјекти во правото.

Според Судот, оспорениот акт не содржи општи норми, не утврдува права и обврски, туку напротив претставува акт за реали-зација, операционализација на членот 36 од Законот за адвокатурата и членот 23 алинеја 14 од Статутот на АКРМ, во кои одредби во надлежност на Управниот одбор е предвидено и определување на висината на коморскиот уписен влог.

Исто така, Судот смета дека е потребно да се нагласи фактот што донесената Одлука на Комората од 29 јануари 2003 година, укината со Одлука на Судот У.бр.51/2003 од 22.05.2003 год., содржеше правило по уписот во Именикот на адвокатите да се плати определениот коморски уписен влог, со што се воведуваше услов за добивање лиценца што не е предвиден со закон. За разлика од таа Одлука сега оспорената Одлука не содржи услови за стекнување на својството адвокат, туку само ја определува висината на коморскиот уписен влог, што по својата правна суштина е извршен акт на Управниот одбор на Комората кој не третира нови односи и затоа нема нормативен карактер.

Наводот од иницијативите дека Адвокатската комора на Република Македонија не ја почитува донесената Одлука У.бр.51/2003 од 22 мај 2003 година на Уставниот суд на Република Македонија, како конечен и извршен акт, не е релевантен за определување на природата на сега оспорениот акт. Извршување на одлуките на Судот е друго прашање.

5. Со оглед на тоа што оспорениот акт нема карактер на пропис, Судот утврди дека не е надлежен да ја оценува неговата уставност и законитост, поради што согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Иџет Мемети,д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.109/2003
23 октомври 2003 год.
С к о п ј е
ла

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова
1

Leave a Reply