85/2003-0-0

85/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 17 септември 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на членот 2 од Колективниот договор за изменување и дополнување на Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” бр.12/2000).
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на членот 2 од актот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата, оспорената одредба од Колективниот договор не била во согласност со членот 72 од Општиот Колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и другите правни лица кои вршат нестопанска дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр.39/94, 47/00, и 73/01) и не била во согласност со членовите 98 и 99 од гранскиот Колективен договор за државните, правосудните и органите на локалната самоуправа на Република Македонија (” Службен весник на Република Македонија” бр. 53/95 и 11/98).
Со иницијативата се наведува дека неусогласноста на оспорената одредба од Колективниот договор, кој е на ниво на работодавец, со Општиот Колективен договор и гранскиот Колективен договор, претставува основна причина поради која оспорената одредба е во спротивност со повеќе норми од Уставот на Република Македонија (член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 32 став 5 и член 51) и од Законот за работни односи (член 84, член 86 став 2, член 88 став 3 и член 89 став 2), па поради тоа се предлага за оспорената одредба Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста.
3. Судот на седницата утврди дека Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи, бил склучен помеѓу Министерот за внатрешни работи и Македонскиот Полициски Синдикат и објавен во “Службен весник на Република Македонија” бр.8/98.
Со ?ленот 139 од овој Колективен договор, било предвидено: “Решение за престанок на работниот однос со отказ од страна на Министерот во случаите од член 129 и 130 од овој договор, донесува Министерот по предлог на Комисијата од член 144 на овој договор.
Решението за престанок на работниот однос е во писмена форма со образложение за причините за давање отказ.
Решение за престанок на работниот однос на работникот, Министерот е должен да донесе за 1 месец од денот на пријавувањето на повредата на работната дисциплина, работниот ред, неисполнување на обврските и поради неспособност на извршување на работните задачи и за сторителот, а најкасно во рок од 3 месеци од денот кога е сторена повредата”.
Со Колективниот договор за изменување и дополнување на Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” бр.12/2000), во членот 2 е предвидено: “Во членот 139 став 3 зборовите: “1 месец” се заменуваат со зборовите: “3 месеци”, зборовите: “3 месеци” се заменуваат со зборовите: “6 месеци” и се додава нов став 4 кој гласи: “Како ден на пријавување се смета денот на поднесувањето на предл огот за кршење на работната дисциплина од овластен подносител”.
Исто така Судот утврди дека прашањето за роковите во кој работодавецот донесува одлуки за престанок на работниот однос на работникот е предмет на уредување и со одредби од Општиот Колективе н договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и други правни лица кои вршат нестопанска дејност и гранскиот Колективен договор за државните, правосудните и органите на локалната самоуправа на Република Македонија.
4. Имајќи ги во предвид наводите во иницијативата Судот утврди дека со неа се бара Судот да ја оценува меѓусебната согласност на оспорената одредба од Колективниот договор за изменување и дополнување на Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи со одредби од Општиот Колективен договор и Гранскиот колективен договор, со цел Судот да ја земе нивната меѓусебна неусогласеност како причина за поведување на постапка за оценка на уставноста и законитоста на оспорената одредба од договорот.
Меѓутоа, според членот 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, а не и за меѓусебната согласност на колективните договори.
Согласно членот 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.
Со оглед на наведеното произлегува дека поради ненадлежност на Уставниот суд да ја цени меѓусебната усогласеност на колективните договори, во случајов отпаѓаат и причините на кои се повикува подносителот на иницијативата за испитување на уставноста и законитоста на оспорената одредба од Колективниот договор, поради што Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Иџет Мемети, д-р Бајрам Положани, Игор Спи ровски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.85/2003
17 септември 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply