39/2003-0-0

39/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 9 јули 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 13 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2003).

2. Регрутот војник Димков Васко, ВП 29 90/1, Команда за Логистика, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата најпрво тргнува од тоа дек а одбраната на Република Македонија, со Уставот и Законот за одбрана е утврдена како право и должност на секој граѓанин, но таа треба да се остварува на начин и под услови со кои нема да се повредат, според него, темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија утврдени во член 9 став 2, член 52 став 4 и член 54 став 2 и 3 од Уставот.

Врз основа на ваквото размислување за остварувањето на одбраната на Република Македонија, тој смета дека оспорениот став 2 на член 13 од Законот не е во согласност со Уставот, односно со неговите членови 9, 28 и 54. Појдовна основа за ова му е содржината на целиот член 13 од Законот, со кој, според него, е повреден принципот на еднаквост на граѓаните, поради што и предлага Судот да поведе постапка за оценување уставноста на став 2 на член 13 од Законот, а потоа и да го укине, со што времето на служење на воениот рок на категоријата р егрути од ставот 2 ќе се изедначи со времето за регрутите од став 1 на овој член.

3. Судот на седницата утврди дека според ставот 1 на член 13 од Законот, регрутите упатени на служење на воениот рок во Армијата со оружје или без оружје, односно во цивилна служба во месец јануари 2003 година кои на денот на влегувањето во сила на овој закон се наоѓаат на отслужување на воениот рок, го служат воениот рок во траење од шест односно десет месеци, додека според оспорениот став 2 на овој член на регрутите упатени на служење на воениот рок во Армијата со оружје или без оружје, односно во цивилна служба во месец јули и месец октомври 2002 год., кои на денот на влегување во сила на овој закон се наоѓаат на служење на воениот рок, воениот рок им се скратува за 30 дена.

Од содржината на член 13 од Законот, кој е инаку и прв член од “Преодните и завршните одредби” од Законот, произлегува дека на сите регрути кои пред влегувањето во сила на овој закон се наоѓале на отслужување на воениот рок, служењето на воениот рок им е скратено, со тоа што на регрутите упатени на служење на воениот рок во месец јануари 2003 година служењето на воениот рок фактички им се скратува за 3 односно 4 месеци, за разлика од регрутите упатени во јули и октомври 2002 година – на кои служењето на воениот рок им се скратува за 30 дена.

4. Во член 9 од Уставот утврдено е дека граѓаните во Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба (став 1) и дека граѓаните се еднакви пред Уставот и законите (став 2).

Прокламираното уставно начело на еднаквост на граѓаните во суштинска смисла значи и обврска на законодавецот во законите да утврдува исти услови под кои граѓаните ќе ги остваруваат своите слободи, права и должности, без притоа да се прави разлика меѓу нив по основ на полот, националната припадност и другите основи утврдени во член 9 став 1 од Уставот. Оваа обврска на законодавецот подеднакво се однесува и при уредување на остварувањето на слободите и правата на граѓаните и во т.н преоден период, одосно периодот предвиден за преминување од стариот во новиот систем на уредување на односите.

Во член 52 став 4 од Уставот, на кој подносителот се повикува, е утврдено дека законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Уставната забрана на повратното дејство на законите значи дека во законите не можат да се внесуваат измени во односите во општеството настанати пред нивното влегување во сила, односно кои биле уредени со поранешниот закон. Отстапување од оваа забрана според член 52 е допуштено само кога повратното дејство е поповолно за граѓаните.

Во членот 54 од Уставот, меѓудругото, е утврдено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот (став 2) и дека ограничувањето не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба (став 3).

5. Разгледувајќи ја оспорената одредба на ставот 2, заедно со ставот 1 на член 13 од Законот, во однос на член 9 став 2 од Уставот, Судот утврди дека регрутите од ставот 1 и 2 на овој член, со оглед дека се упатени на отслужување на воениот рок во различни упатни рокови, на денот на влегувањето во сила на овој закон не се наоѓале во иста, но во различна фактичка положба независно од тоа што и едните и другите отслужувањето на воениот рок го започнале под исти услови, односно во ист правен режим, според кој воениот рок требало да го служат 9 односно 14 месеци.

Ваквата нивна различна положба, што произлегува од различното време на стапување во Армијата на Република Македонија, според мислењето на Судот, претставува основ за различното, односно нееднаквото скратување на отслужувањето на воениот рок што е направено со членот 13 од Законот, поради што во конкретниот случај и не станува збор за повреда на уставниот принцип на еднаквост на граѓаните.

Освен тоа, решението на членот 13 од Законот според Судот е прифатливо од уставен аспект и од причини што со ова преодно решение на сите регрути, кои на денот на влегување во сила на овој Закон се наоѓале на отслужување на воениот рок, им се скратува служењето на воениот рок, а должината, пак, на скратува-њето е во функција на обезбедување на постојана борбена готовност на Армијата, односно на обезбедување на т.н. воена сила на која државата во секој момент може да се потпре во одбраната на земјата, што е и една од најважните нејзини функции, а и предуслов за остварување на сите други слободи и права на поединецот, односно граѓанинот.

Поради напред наведени причини пред Судот не се постави прашањето за согласноста на оспорениот став 2 на членот 13 од Законот со член 9 став 2 од Уставот.

Понатаму, разгледувајќи го оспорениот став 2 на член 13 од Законот во однос на член 52 став 4 и член 54 став 2 и 3 од Уставот, од чии аспекти, исто така, се оспорува неговата уставност, Судот го утврди следното:

Одредбата на ставот 2 на член 13, како и на ставот 1 на овој член од Законот не е спорно дека има повратно дејство. Но, повратното дејство не е во спротивност со уставната забрана за тоа утврдена во член 52 став 4 од Уставот, бидејќи скратувањето на служењето на воениот рок е секако поповолно за регрутите од член 13 од Законот.

Исто така, според мислењето на Судот, не постојат основи да се смета дека со оспорената одредба од Законот се повредени и одредбите од членот 54 став 2 и 3 од Уставот, во кои се утврдени условите, времето и основите за забрана на ограничување на слободите и правата на човекот и граѓанинот, од причини што во конкретниот случај, од една страна, не станува збор за остварување на слободите и правата на граѓаните во воена или вонредна состојба, а од друга страна, со скратувањето на служењето на воениот рок за 30 дена во преодниот период не се врши ограничување на правото на одбрана во смисла на значењето на член 54 став 3 од Уставот, како што смета подносителот на иницијативата.

Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот ни со член 52 став 4 и член 54 став 2 и 3 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Иџет Мемети, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 39/2003
9 јули 2003 год.
С к о п ј е
ла

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply