Одлука У.бр.77/2003

У.бр.77/2003

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 56 и 70 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 9 јули 2003 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ОДБИВА барањето на Тони Петровски, од Гостивар, за заштита на слободите и правата утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Тони Петровски од Гостивар, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот, кои биле повредени со дискриминација на подносителот на барањето по национална основа. Според наводите во барањето подносителот бил дискриминиран на тој начин што Собранието на Република Македонија на седницата од 10.04.2003 година не го изгласал предлогот за негово именување за заменик на основниот јавен обвинител во Основното јавно обвинителство во Гостивар и покрај тоа што не била водена расправа по предлогот и не биле изнесени аргументи од кои би можеле да се согледаат причините за неизгласување на предлогот, па поради тоа произлегувало дека барателот како предложен кандидат за наведената функција не бил избран само поради неговата национална припадност. Воедно, барателот во прилог на ова тврдење наведува дека од записникот од одржаната седница на Собранието на Република Македонија на 10.04.2003 година мо жело да се согледа дека пратениците од политичката партија на ДПА го прекинале текот на гласањето во Собранието уште пред почетокот на изборот на предлогот за именување на барателот, со забелешка дека застапеноста на предложени кандидати од албанска националност не била во доволен број како било договорено во Рамковниот договор и како резултат на тоа партиите се договориле предлогот за именување на барателот да не го изберат. Од овие причини подносителот бара Уставниот суд во заштита на неговите слободи и права утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот, да го задолжи Собранието да ја повтори постапката по однос на изборот за негово именување на предложената функција.

4. Судот врз основа на наводите во барањето, увидот во стенограмот од Седумнаесеттата седница на Собранието на Република Македонија на која било извршено именувањето на јавни обвинители и заменици јавни обвинители во јавните обвинителства на Република Македонија и увидот во Записникот од наведената седница на Собранието која била одржана на 10.04.2003 година, ја утврду следнава фактичка состојба:

Според содржината на стенограмот од Седумнаесеттата седница на Собранието на Република Македонија одржана на 10.04.2003 година во текот на работењето на седницата претседателот на Собранието отворил претрес за секој поединечен предлог за именување заменици на јавниот обвинител на Основното јавно обвинителство во Гостивар, предлозите ги ставал на гласање и го констатирал нивниот избор, а во продолжение и без прекин на седницата исто така бил отворен претрес по предлогот на Тони Петровски да биде именуван за заменик на јавниот обвинител на Основното јавно обвинителство во Гостивар. По однос на овој предлог, бидејќи никој не барал збор, претседателот на Собранието го заклучил претресот и предлогот го ставил на гласање, за кој од присутните 61 пратеник, гласале 56 пратеници, никој не гласал “за”, ” против” гласале 51, а од гласањето се воздржале 5 пратеници, па врз основа на тоа е констатирано дека Тони Петровски не е именуван за наведената функција.

Од Записникот од Седумнаесеттата седница на Собранието на Република Македонија, одржана на 10.04.2003 година произлегува дека под точка 8 од дневниот ред во работата на Собранието меѓу другото биле и предлозите за именување заменици на јавниот обвинител во Основното јавно обвинителство во Гостивар, при што во записникот е констатирано именувањето на четири предложени кандидати и тоа Горица Милошевска, Зоран Димоски, Боривоје Гиновски и Душица Димитриеска, додека за предлогот за избор на Тони Петровски е констатирано дека не е именуван за вршење на наведената функција.

5. Според членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Согласно членот 68 став 1 од Уставот, Собранието на Република Македонија, меѓу другите надлежности, врши избори, именувања и разрешувања и на други носители на јавни и други функции утврдени со Уставот и со закон.

Врз основа на точката 1 од Амандманот X на Уставот на Република Македонија кој е прогласен со Одлука на Собранието на Република Македонија за прогласување на Амандманите IV – XVIII на Уставот (“Службен весник на Република Македонија” бр.91/2001), Собранието може да одлучува ако на седницата присуствува мнозинство од вкупниот број пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство.

Со членот 106 од Уставот е утврдено дека Јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон.
Јавното обвинителство ги врши своите функции врз основа и во рамките на Уставот и закон.

Јавниот обвинител го именува и разрешува Собранието за време од шест години.

Исто така, со членот 107 од Уставот е определено дека Јавниот обвинител ужива имунитет и за неговиот имунитет одлучува Собранието а функцијата јавен обвинител е неспојива со вршење на друга јавна функција и професија или со членување во политичка партија.

Законот за јавно обвинителство (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/92, 19/93 и 9/94) во членот 1 определил дека со овој закон се основа јавно обвинителство, се уредува неговата организација и надлежност, се определуваат подрачјата и седиштата на јавното обвинителство и се утврдуваат условите и постапката за именување и разрешување на јавните обвинители и замениците јавни обвинители.

Според членот 25 од овој Закон, Собранието на Република Македонија врши именување на јавен обвинител, односно заменик јавен обвинител на предлог на Владата на Република Македонија по прибавено мислење од јавниот обвинител на Република Македонија.

Поаѓајќи од определбата во членот 61 став 2 од Уставот, дека организацијата и функционирањето на Собранието се уредуваат со Уставот и со Деловникот, донесен е Деловникот на Собранието на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.60/2000).

Со одредбите од членовите 70 до 80 од Деловникот, се уредени прашањата за текот на седницата на Собранието со кои меѓу другото е определено дека претседателот на Собранието утврдува дали на седницата присуствува мнозинство пратеници потребно за полноважно одлучување на Собранието, пред утврдување на дневниот ред се усвојува записникот од претходната седница кој го потпишуваат претседателот или претседавачот на Собранието и генералниот секретар на Собранието, се води претрес по прашањата од дневниот ред а Собранието претресот по секое прашање од дневниот ред, може да го заврши со донесување акт или донесување заклучок.

Во делот на одредбите од Деловникот со членовите од 93 до 103 кои се однесуваат на гласањето во Собранието и водењето на записник и стеногравски белешки меѓу другото е определено дека претседателот на Собранието по завршувањето на гласањето ги соопштува резултатите од гласањето и врз основа на резултатот објавува дали предлогот за кој се гласало е усвоен или одбиен, потоа за работата на седницата на Собранието се води записник кој ги содржи основните податоци од работата на седницата, предлозите што се поднесени и заклучоците што се усвоени во врска со прашањата од дневниот ред, а во записникот се внесуваат и резултатите од гласањето по прашањата од дневниот ред, и за работата на седницата на Собранието се водат стенографски белешки кои се чуваат во документацијата на Собранието.

6. Имајќи ја во предвид погоре изнесената фактичка и правна состојба и по оценка на наводите изнесени во иницијативата со која подносителот бара заштита на слободи и права утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот, Судот утврди дека не постојат елементи на дискриминација спрема барателот по основ на национална припадност, како во текот на водењето на самата седница од 10.04.2003 година на Собранието на Република Македонија, така и во текот на гласањето на пратениците по предлогот за именување на барателот за заменик јавен обвинител во Основното јавно обвинителство во Гостивар.

Од документацијата – стенограмот и записникот, кои се однесуваат за работата на Собранието на седницата одржана на наведениот датум, произлегува дека на неа присуствуале 61 пратеник од вкупно 120 пратеници односно присуствувало мнозинство пратеници потребно за полноважно одлучување, потоа уредно бил отворен претрес по предлогот на барателот за негово именување за заменик јавен обвинител во Основното јавно обвинителство во Гостивар, предлогот бил ставен на гласање но никој не гласал “за” предлогот поради што барателот не бил именуван од Собранието за наведената функција, и врз основа на овие факти Судот оцени дека барателот всушност незадоволен од резу лтатот на гласањето се повикува на постоење на дискриминација спрема него по основ на национална припадност сторена со дејствие односно акт на Собранието, кое не го поткрепува со веродостојни докази туку со претпоставки за постоење на докази. Во тие рамки неоснован е и наводот во иницијативата дека неименувањето на барателот за наведената функција било резултат на претходен меѓупартиски договор на пратениците во Собранието, со оглед на тоа што Собранието како орган на државната власт кој одлучува за именување на носителите на јавните функции меѓу кои и во јавните обвинителства во Републиката, изборот го врши во постапка утврдена со Деловник која во целост е запазена во конкретниот случај по предлогот на барателот. Имајќи го тоа во предвид, Судот оцени дека не се повредени уставно загарантираните слободи и права на барателот и нема елементи на дискриминација спрема него по основ на национална припадност, ниту во делувањето на Собранието, ниту со конкретниот заклучок кој Собранието го констатирал на Записникот од седницата од 10.04.2003 година дека барателот не е именуван за вршење на предложената функција.

Според членот 56 од Деловникот на Уставниот суд, со одлуката за заштита на слободите и правата Уставниот суд ќе утврди дали постои нивна повреда и во зависност од тоа ќе го поништи поединечниот акт, ќе го забрани дејството со кое е сторена повредата или ќе го одбие барањето.

Врз основа на погоре утврдената фактичка и правна состојба Судот одлучи како во точката 1 од оваа Одлука, согласно членот 56 од Деловникот на Уставниот суд.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Иџет Мемети, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.77/2003
9 јули 2003 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply