81/2003-0-0

81/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 71 и 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 9 јули 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за помилување-ослободување од гонење, без спроведување на постапка бр.07-396 од 7 април 2003 година донесена од претседателот на Република Македонија (” Службен весник на Република Македонија” бр.15/2003).
2. Димитар Митрушевски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорената одлука не била во согласност со членовите 8 и 9 од Уставот на Република Македонија, а кои членови се однесуваат на владеењето на правото, еднаквост на сите граѓани во нивните слободи и права и нивната еднаквост пред Уставот и законите, затоа што во одлуката не е наведено кривичното дело за кое се дава помилување и ослободување од гонење без спроведување на постапката на именуваните лица со што тие се здобиваат со бланко доживотен имунитет за сите идни дела што евентуално би ги направиле, на кој начин тие се во привилегирана положба во однос на другите граѓани кога за нив ќе се покрене постапка за сторено дело. Понатаму во иницијативата се наведува дека одлуката содржи воопштена фор мулација што ја прави нејасна, непотполна и неприменлива. Во неа недостасува диспозитив односно нема јасна и директна изречна определба за која вина претпоставена или претходно утврдено дело се дава помилувањето и ослободувањето од гонење.
Имено во одлуката требало да се наведе дека именуваните “се помилуваат и ослободуваат од гонење, без спроведување на постапка за кривично дело ” Прислушување”.
Оспорената одлука не била во согласност и со член 114 од Кривичниот закон и член 1 од Законот за помилување, затоа што во неа не е наведено делото за кое се дава помилување и зашто именуваните се ослободуваат од гонење.
3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 84 став 1 алинеја 9 од Уставот на Република Македонија, и членовите 1 и 11 од Законот за помилување (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/93) а во врска со член 114 став 1 од Кривичниот законик, Претседателот на Република Македонија донесе “Одлука за помилување – Ослободување од гонење, без спроведување на постапка.
I.
1. Доста Димовска од Скопје.
2. Александар Цветков од Скопје.
II.
Оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во ” Службен весник на Република Македонија”.
4. Според член 84 од Уставот на Република Македонија, претседателот на Републиката, покрај другото дава помилување во согласност со закон.
Во член 114 од Кривичниот законик е предвидено дека “со помилувањето на поименично определено лице му се дава ослободување од гонење или потполно или делумно ослободување од извршување на казната, му се заменува изречна казна со поблага казна или со условна осуда или му се определува бришење на осудата или му се укинува, односно му се определува пократко траење на определена правна последица од осудата или на мерката на безбедност”.
Според член 1 од Законот за помилување претседателот на Републиката дава помилување на поименично определени лица за кривични дела предвидени со закон на Република Македонија согласно со одредбите на Кривичниот законик и одредбите на овој закон.
Во член 3 од наведениот закон е предвидено дека постапката за помилување за ослободување од кривично гонење се поведува само по службена должност и може да се поведе во секој стадиум на кривичната постапка.
Според член 11 од Законот за помилување претседателот на Републиката, по исклучок може да дава помилување и без спроведување на постапка за помилување пропишана со овој закон кога е тоа од интерес за Републиката или кога посебни околности што се однесуваат на личноста на кривичното дело укажуваат дека е тоа оправдано.
5. Од анализата на уставната одредба и наведените законски одредби произлегува дека претседателот на Републиката има право да дава помилување на поименично определени лица за кривични дела предвидени со закон, а кое помилување може да се однесува и на ослободување од гонење или т.н. аболиција.
При тоа аболицијата може да се даде без оглед на фазата во која се наоѓа кривичната постапка.
Што ќе биде содржина на актот за помилување (аболиција) односно ослободување од кривично гонење не е строго формално определено со закон освен што треба да се однесува на поименично определено лице, а за кривични дела определени со законите на Република Македонија.
6. Со оглед на тоа што во конкретниов случај во одлуката се определени лицата на кои се однесува ослободувањето од гонење, Судот смета дека станува збор за поеиднечен акт, а не пропис или друг вид на општ акт со кој на општ нормативен начин би се утврдувале правото на однесување или определени односи.
Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на колоективните договори и другите прописи со Уставот и законите, како и да врши други работи утврдени во тој член од Уставот, но не и да ја оценува уставноста и законитоста на поединечните акти, независно од тоа кој ги донесува.
7. Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не е надлежен да ја оценува уставноста и законитоста на оспорената одлука, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Иџет Мемети, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.81/2003
9 јули 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply