13/2003-0-0

13/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 25 јуни 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 12 став 2 во делот “Промената на сопственоста на возилото се докажува со писмен договор заверен кај нотар” – од Правилникот за регистрација на моторни и приклучни возила и за водењето на евиденцијата за регистрираните моторни и приклучни возила (“Службен весник на Република Македонија” бр.97/2000).
2. Митре Лазов, адвокат од Неготино, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување законитоста на членот 12 став 2 во делот “Промената на сопственоста на возилото се докажува со писмен договор заверен кај нотар” од Правилникот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата со оспорената одредба од Правилникот била пропишана задолжителна форма на склучување на одреден вид договор што било спротивно на членот 59 став 1 од Законот за облигациони односи кој дозволувал договорите да се склучуваат во било која форма, освен ако со закон не е поинаку определено.
Исто така во иницијативата се наведува дека со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата или друг закон не се предвидувало задолжително склучување на писмен договор заверен кај нотар за промена на сопственикот на возилото, туку таква обврска за граѓаните спротивно на закон била пропишана со оспорената одредба од Правилникот кој претставувал подзаконски акт донесен од министерот за внатрешни работи.
3. Судот на седницата утврди дека Правилникот за регистрација на моторни и приклучни возила и за водењето на евиденцијата за регистрираните моторни и приклучни возила, во членот 12 став 1 предвидел: “Ако се промени сопственикот односно носителот на правото на располагање со возилото или некој податок од сообраќајната дозвола, се издава нова сообраќајна дозвола”.
Во ставот 2 од овој член од Правилникот, е предвидено дека: “Кон пријавата за промена на податоците во сообраќајната дозвола, сопственикот, односно носителот на правото на располагање со возилото приложува документ со кој се докажува промената. Промената на сопственоста на возилото се докажува со писмен договор заверен кај нотар”.
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно членот 91 алинеја 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и донесува уредби и други прописи за извршување на законите, а со членот 96 од Уставот е утврдено дека органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
Според членот 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000), министерот, меѓу другото, донесува правилници за извршување на законите кога за тоа е овластен со закон. Со членот 56 став 1 од овој закон, е утврдено дека со правилник се утврдуваат и разработуваат одделни одредби на законите и другите прописи заради нивно извршување, а според член 61 став 1 од овој закон, со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.
Понатаму, Судот утврди дека врз основа на членот 338 и членот 397 став 2 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (“Службен весник на РМ” бр.14/98), министерот за внатрешни работи во согласност со министерот за транспорт и врски, го донесол Правилникот за регистрација на моторни и приклучни возила и за водењето на евиденцијата за регистрираните моторни и приклучни возила (“Службен весник на РМ” бр. 97/2000).
Со наведените одредби од Законот кои претставуваат правен основ за донесување на Правилникот, е всушност дадено овластување министерот со свои прописи да уреди прашања во врска со регистрацијата и евиденцијата на возилата заради извршување на правата и обврските утврдени со Законот.
Во членот 325 од Законот, е утврдено дека моторните возила и возилата на моторен погон, приклучните и запрежните возила што учествуваат во сообраќајот на пат мораат да бидат регистрирани, дадени се исклучоците кога регистрирањето не е потребно и дека за регистрираните возила се води евиденција.
Исто така, во понатамошното нормативно уредување на прашањата кои се однесуваат за регистрација на возилата, Законот со членовите од 325 до 347 пропишал под кои услови можат да се регистрираат возилата, издавањето на сообраќајните дозволи и регистарски таблички, правата и обврските на сопственикот односно носителот на правото на располагање со возилото и други прашања што како основа со законот се утврдени и уредени но упатува на нивна понатамошна разработка со акт на министерот за внатрешни работи во согласност со министерот за сообраќај и врски.
Имено, согласно членот 328 став 1 и членот 329 од Законот, е предвидено дека сообраќајна дозвола се издава за регистрирани возила која има рок на важење од една година за моторните возила и приклучните возила што ги влече моторно возило, а сопственикот односно носителот на правото на располагање со возилото е должен ако не ја продолжи регистрацијата на возилото во рок од 30 дена од денот на истекот на важењето на сообраќајната дозвола, да му ги врати регистарските таблички на надлежниот орган.
Регистрација на возилата врши Министерството за внатрешни работи според живеалиштето, односно седиштето на сопственикот, односно носителот на правото на користење на возилото, ова согласно членот 332 од Законот.
Според членот 336 од Законот, во сообраќај на пат смее да учествува моторно или приклучно возило само за време на важењето на сообраќајната дозвола издадена за тоа возило и регистрираното возило ги носи оние регистарски таблици што за тоа возило се издадени и чиј број е запишан во важечката сообраќајна дозвола.
Со одредбите од членот 342 од Законот, е пропишано дека сопственикот, односно носителот на правото на располагање со возилото е должен, во рок од 15 дена да го одјави возилото ако е отуѓено, исчезнато, уништено или е отпишано, или ако сопственикот го променил постојаното живеалиште, односно седиште. Во истиот рок сопственикот, односно носителот на правото на располагање со возилото е должен да ја пријави промената на кој и да било податок што е запишан во сообраќајната дозвола, односно потврда за регистрација. Пријавувањето од ставот 1 на овој член се врши во Министерството за внатрешни работи, според местото на регистрација на возилото, а кога се врши промена на живеалиштето, односно седиштето, според новото живеалиште, односно седиште.
Според концептот на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата а во тие рамки и од анализата на изнесениве законски одредби Судот оцени дека интенцијата на законодавецот е со закон да ги пропише правата и обврските на сопственикот односно носителот на правото на располагање со возилото, во однос на прашањата кои се предмет на уредување, меѓутоа неспорен е фактот дека со законот не е определена формата за склучување на договор за промена на сопственоста на возилото.
Наспроти ова, со Правилникот за регистрација на моторни и приклучни возила и за водењето на евиденција за регистрираните моторни и приклучни возила, во членот 12 е предвидено дека ако се промени сопственикот односно носителот на правото на располагање со возилото или некој податок од сообраќајната дозвола, се издава нова сообраќајна дозвола, кон пријавата за промена на податоците во сообраќајната дозвола, сопственикот односно носителот на правото на располагање со возилото приложува документ со кој се докажува промената и промената на сопственоста на возилото се докажува со писмен договор заверен кај нотар.
5. Согласно членот 59 став 1 од Законот за облигациони односи, договорот може да биде склучен во било која форма, освен ако со закон поинаку не е определено. Според ставот 2 од овој член од Законот, барањето на законот договорот да биде склучен во определена форма важи и за сите подоцнежни измени или дополнувања на договорот.
Поаѓајќи од одредбите на членовите 25 и 26 од овој Закон, предлогот за склучување договор направен за неопределен број лица што ги содржи суштествените состојки на договорот за чие склучување е наменет, важи како понуда, а за понуда се смета и излагањето на стоки со означување на цената. Од членот 90 од овој Закон произлегува дека работниците во трговските друштва и другите правни лица што работат на такви работи чие вршење е сврзано за склучување и исполнување на определени договори, како што се продавачите во продавници и други работници кои се наброени, се овластени со самото тоа за склучување и исполнување на тие договори. Па оттука, кога за склучувањето на договорот е потребно да се состави исправа, договорот е склучен кога исправата ќе ја потпишат лицата кои се обврзуваат со не го, а за склучување на двостран договор е доволно двете страни да потпишат една исправа или секоја од страните да го потпише примерокот на исправата што е наменет за другата страна, ова согласно член 64 став 1 и 3 од Законот.
Според членот 531 од Законот, договорот за продажба со отплата на цената во рати мора да биде составен во писмена форма без оглед на предметот на продажбата.
Од анализата на изнесениве законски одредби, посебно имајќи во предви дека моторните и приклучните возила кои учествуваат во сообраќајот на патишата, се одреден вид на стока која од страна на трговските друштва и другите правни лица се изнесува и понудува на пазарот со продажба која се остварува во писмена форма со потпис на договорните страни на исправата која ги содржи суштествените состојки на договорот, произлегува и дека подоцнежните промени на сопственоста на возилото не можат да ја исклучат писмената форма на договорите со кои се врши промената на сопственоста на возилото.
Покрај наведеното, Судот оцени дека основот за оспорената одредба од Правилникот во делот кој предвидува промената на сопственоста на возилото да се докажува со писмен договор заверен кај нотар, произлегува и од членот 61 став 3 од Законот за облигациони односи, кој ја регулирал доказната форма на договорот. Имено, според оваа одредба од Законот е предвидено дека ако договорните страни предвиделе посебна форма само да осигураат доказ за својот договор, или да постигнат нешто друго, договорот е склучен кога е постигната согласност за неговата содржи на, а за договорачите во исто време настанува обврска да му ја дадат на договорот предвидената форма.
Поради тоа, посебната форма на договорот (писмена форма во вид на јавно заверена исправа) за продажба на моторно возило како што е предвидено со оспорената одредба од Правилникот претставува само доказ дека е склучен договорот, со цел подоцна врз основа на таквиот доказ да се извршат промени во податоците за сопственоста на возилото во евиденциите на моторни возила односно во јавните исправи (сообраќајната дозвола), а на кои промени обврзува Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Со оглед на тоа, според Судот оспорената одредба од Правилникот неможе независно да се гледа надвор од правата и обврските на сопствениците на возилата кои се утврдени со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и важноста на веродостојноста на податоците за сопственоста на возилата особено од аспект на надлежностите на Министерството за внатрешни работи за водење на евиденциите и за безбедноста која во сообраќајот на патиштата задира во правата и на други субјекти. Независно што со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата не се предвидува определена форма при склучување на договор за промена на сопственоста на возилото, со оспорената одредба од Правилникот се имплицира доказното својство на договорот за настанатата промена само преку писмена форма во вид на јавно заверена исправа, што е во согласност со изнесените одредби од Законот за облигациони односи. Исто така, оспорената одредба од Правилнико т исклучиво има својство и се однесува на спроведување односно операционализација на правата и обврските утврдени со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и е усмерена кон нивно практицирање.
Поради тоа, Судот утврди дека оспорената одредба од Правилникот не е во несогласност со закон.
6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Иџет Мемети, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.13/2003
25 јуни 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply