Решение У.бр.95/2002

У.бр.95/2002

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 14 мај 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 329 став 2,член 399 став 1 точка 34 во делот: “не му ги врати регистарските таблички на возилото на кое не му е продолжена регистрацијата ни по 30 дена од истекот на важењето на регистра-цијата или”, и во делот “(член 329 став 2 и)”, член 401 став 1 точка 25 во делот: “не му ги врати регистарските таблички на возилото на кое не му е продолжена регистрацијата ни по 30 дена по истекот на регистрацијата или”, и во делот: (“член 329 став 2 и)” и член 403 став 1 точка 53 во делот: “кој на надлежниот орган нема да му ги врати регистарските таблици на возилото на кое не му е продолжена регистрацијата ни по 30 дена од истекот на важењето на регистрацијата, или”; и во делот: “(член 329 став 2 и)” од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (“Службен весник на Република Македонија” бр.14/98, 18/99, 1/2002 и 38/2002).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение затоа што обврската (од член 329 став 2) сопственикот или корисникот на возилото да мора да ги врати регистарските таблички на надлежниот орган во ситуација кога нема да ја продолжи регистрацијата на возилото во рок од 30 дена, како и казнувањето на тие лица ако не постапат така (член 399 став 1 точка 34 во делот …., член 401 став 1 точка 25 во делот …., и член 403 став 1 точка 53 во делот …), значеле (1) повреда на правото на сопственост со оглед дека граѓанинот ги купил регистарските таблички за кои не му се плаќал надоместок при враќање, (2) повреда на правото на жалба со оглед дека не било предвидено донесување поединечен правен акт за одземање на регистарските таблички и оспорување на истото, (3) излегување на Законот надвор од уставните рамки со оглед дека предвидувал ограничување на определени слободи и права за кои Уставот не давал таква можност и (4) значеле повреда на темелната вредност – владеење на правото со оглед на неусогласеноста на Законот со Уставот. Поради тоа со оспорените одредби се повредувале членот 8 став 1 алинеите 3 и 6, членот 15, членот 30 ставовите 1, 3 и 4 и членот 54 ставот 1 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека со член 329 став 2 од Законот се определува “сопственикот, односно носителот на правото на распола-гање со возилото е должен ако не ја продолжи регистрацијата на возилото во рок од 30 дена од денот на истекот на важењето на сообраќајната дозвола, да му ги врати регистарските таблички на надлежниот орган”.

Според член 399 став 1 точка 34 од Законот со парична казна од 25.000 до 80.000 денари ќе се казни за прекршок претпријатие или друго правно лице, ако на на длежниот орган не му ги врати регистарските таблички на возилото на кое не му е продолжена регистрацијата ни по 30 дена од истекот на важењето на регистрацијата или ако во пропишаниот рок не го одјави возилото, односно не ја пријави промената на податоците запишани во сообраќајната дозвола (член 329 став 2 и член 342 став 1). Во член 401 став 1 точка 25 од Законот се предвидува со парична казна од 7.000 до 20.000 денари ќе се казни за прекршок автопревозник кога лично управува со свое возило, како и кога ќе го довери своето возило на друго лице на управување, ако на надлежниот орган не му ги врати регистарските таблички на возилото на кое не му е продолжена регистрацијата ни по 30 дена по истекот на регистрацијата, или ако во пропишаниот рок не го одјави возилото, односно не ја пријави промената на податоците запишани во сообраќајната дозвола (член 329 став 2 и член 342 став 1). Според член 403 став 1 точка 53 од Законот со парична казна од 4.000 до 12.000 денари или со казна затвор до 30 дена ќе се казни за прекршок сопственик на возило кој на надлежниот орган нема да му ги врати регистарските таблици на возилото на кое не му е продолжена регистрацијата ни по 30 дена од истекот на важењето на регистрацијата, или кој нема да го одјави возилото или нема да ја пријави промената на податоците запишани во сообраќајната дозвола во рок од 15 дена (член 329 став 2 и член 342 став 1).

4. Покрај тоа, а со цел да се оцени дали има повреда на наведените уставни одредби, Судот ги утврди и следните факти: Според член 325 став 1 од Законот “моторните возила … што учествуваат во сообраќајот на пат мораат да бидат регистрирани”. Според член 325 став 4 од Законот “За регистрираните возила се води евиденција”. Во член 326 од Законот се утврдува дека “можат да се регистрираат само оние моторни возила … за кои на задолжителниот технички преглед ќе се утврди дека се исправни”. Според член 328 став 1 од Законот “за регистрирани моторни возила …. се издава сообраќајна дозвола и регистарски таблички”, со тоа што според член 329 став 1 од Законот “сообраќајна дозвола за моторни возила се издава со рок на важење од една година”. Во член 332 став 1 од Законот се определува дека “регистрација на моторни возила …. врши МВР според живеалиштето, односно седиштето на сопственикот, односно носителот на правото на користење на возилото”. Според член 335 став 2 од Законот”; регистарските таблички мораат да бидат поставени на возилото така што да можат добро да се гледаат од задната, односно предната страна и да бидат читливи”. Според член 336 став 1 од Законот “во сообраќај на пат смее да учествува моторно … возило само за време на важењето на сообраќајната дозвола издадена за тоа возило”, а според став 2 “регистрирано возило во сообраќајот на пат ги носи оние регистарски таблички што за тоа возило се издадени и чиј број е запишан во важечката сообраќајна дозвола”.

Од изнесените законски одредби, во врска со иницираните прашања произлегува дека регистарските таблички се во функција на идентификација на моторните возила и утврдување на нивната техничка исправност со важност од една година и можност за нејзино продолжување или враќање доколку не се врши нејзино продолжу-вање. Надвор од таквата функција, регистарските таблички немаат никаква улога.

5. Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека пропишувањето обврска (во оспорениот член 329 став 2 од Законот) да мора да се вратат регистарските таблички на моторните возила доколку помине повеќе од 30 дена од нивната важност, како и пропишувањето (во другите три оспорени члена од Законот) казна за невраќање на регистарските таблички во наведената ситуација, не може да се смета за повреда на сопственоста, ниту пак на правото на жалба (тоа му е обезбедено во прекршочна постапка), а нема ниту неусогласеност на Законот со Уставот (со закон се пропишуваат делата кои се казниви и се определуваат казните за нив – член 14), ниту повреда на темелната вредност – владеење на правото (напротив, оспорените законски одредби се во функција на остварувањето на таа вредност).

Поради тоа, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски и д-р Милан Недков.

У.бр.95/2002
14 мај 2003 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply