Одлука У.бр.36/2001

У.бр.36/2001-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 7 мај 2003 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за изменување и дополнување на Одредбите за спроведување на Детален урбанистички план за Месната заедница ‘’Цветан Димов II’’ бр. 07-44/4-12 од 28.03.2000 година, донесена од Советот на општина Кисела Вода, а објавена во “Службен гласник на град Скопје” бр. 8/2000.

2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива поднесена од Ратка Каркалашева и Вукашин Тоскоски од Скопје, со Решение У.бр. 36/2001 од 19 март 2003 година, поведе постапка за оценување уставноста на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано беше поставено прашањето за нејзината согласност со закон.

4. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука има вкупно 3 члена и тоа во првиот член фактички се констатира дека се извршени изменувања и дополнувања на одредбите за спроведувања и дополнувања на одредбите за спроведување на Детален урбанистички план за Месната заедница ‘’Цветан Димов II’’.

Според членот 2 од Одлуката, текстуалниот дел на овие одредби се составен дел на Одлуката, кои не се објавуваат, а се чуваат во Министерството за урбанизам и градежништво.

Членот 3 од Одлуката го регулира прашањето за нејзиното влегување во сила.
Понатаму, Судот утврди дека според текстуалниот дел на одредбите, кои се составен дел на одлуката, коефициентот на искористување на земјиштето на одредени содржини во рамките на планот, изнесува:
– за станбени објекти или комплекси до 1,5
– за станбено-деловни објекти или комплекси до 1,8
– во зоните со деловни содржини индустрија и трговија до 2,5
– во централните градски подрачја, утврдени со урбанистички план до 3,0

Процентот на изграденост на локацијата, исто така, според текстуалниот дел на одредбите, изнесува:
– за семејни куќи до 60%
– за повеќесемејни-колективни станбени објекти до 70%
– за трговско-деловни објекти до 80%

Минималниот процент на изграденост на парцелата за семејни куќи изнесува:
– 30% за семејни куќи со парцели до 300 м2 , 20% за семејни куќи со парцели до 500м2 и
– 15% за семејни куќи со парцели над 1000 м2.

Според текстуалниот дел се допушта со спогодба – согласност на сопствениците на предвидена двокуќа со планот, да може да се изврши одвојување во две индивидуални станбени згради, со согласност-спогодба од сопствениците се допушта да се изврши спојување на две или повеќе урбанистички парцели во една за изградба на индивидуална станбена зграда или друг вид на објекти со јавни содржини, како и се допушта поместување на градежната линија во однос на веќе изградените објекти, сето тоа врз основа на изготвен урбанистички проект.

Исто така, според текстуалниот дел, за колективните станбени објекти изградени пред земјотресот се допушта доградба и надградба согласно Правилникот, а урбанистичките карактеристики (стандарди и нормативи) ќе се дефинираат со изработка на урбанистички проект за добивање на услови за градба.

Судот на седницата, исто така, утврди дека Нацрт-одлуката за изменување и дополнување на одредбите за спроведување на Деталниот урбанистички план за Месната заедница ‘’Цветан Димов II’’- е изготвена од Подрачната единица на Министерството за урбанизам и градежништво, а нејзин предлагач е повереникот на Владата кој што ги вршел работите на градоначалникот на оваа општина.

По предметната Нацрт – одлука, како и по други 18 исти вакви одлуки, кои се однесувале исто така за изменување и дополнување на одредбите за спроведување на исто толку детални урбанистички планови за други населби, е дадено позитивно мислење од Главниот архитект на градот Скопје под бр. 18.а.458/1 од 27.03.2000 година.

Стручната ревизија на Нацртот на оваа одлука е извршена од страна на Институтот за просторно планирање, урбанизам, сообраќај и екологија на Македонија ‘’ИН-ПУМА’’ Скопје, која има овластување за вршење на стручна ревизија.

Со заклучок бр.07-32/2 од 07.03.2000 година Советот на Општина Кисела Вода ја усвоил Нацрт-Одлуката за изменување и дополнување на Одредбите за спроведуање на Деталниот урбанистички план за Месната заедница ‘’Цветан Димов II’’ и заклучил по истата да се спроведе јавна анкета, во рок од 15 дена од денот на објавувањето во јавните гласила.

Соопштението за организирање јавна анкета е објавено во весникот Дневник од 11.03.2000 година во кое меѓу другото стои дека јавната анкета ќе се спроведе со излагање на Нацрт – Одлуката во просториите на Месната заедница ‘’Цветан Димов’’ и ќе трае 15 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица доставуваат писмени забелешки на анкетни листови.

За спроведување на јавната анкета е составен извештај во кој е констатирано дека не е поднесен приговор, односно забелешка на ниеден анкетен лист и дека по Нацртот треба да продолжи постапката за усвојување на Предлог – одлуката.

Предлог – Одлуката за изменување и дополнување на одредбите за спроведување на Деталниот урбанистички план за Месната заедница ‘’Цветан Димов II ’’ бил разгледан на седницата на Советот одржана на 28.03.2000 година, кога е донесена и самата Одлука, која потоа е објавена во ‘’Службен весник на град Скопје’’ бр.8/2000.

Министерството за урбанизам и градежништво, под бр.10-2253 од 30.03 2000 година има издадено согласност за спроведување на измените и дополнувањата на одредбите за спроведување на Деталниот урбанистички план, извршени со оспорената Одлука.

Предметните изменувања на одредбите за спроведување на Деталниот урбанистички план за Месната заедница ‘’Цветан Димов II’’, Кисела Вода всушност произлегле од потребата за усогласување на деталните урбанистички планови со веќе извршените измени во законската регулатива и новиот Правилник за стандарди и нормативи за планирање на просторот, а за која цел самото Министерство за урбанизам им сугерирало на општините да се извршат измени само во текстуалниот дел на деталните урбанист ички планови, а не и на графичкиот дел, за да до целосното усогласување на деталните урбанистички планови со новата регулатива н е се стопира градбата на терен.

5. Со оглед дека оспорената одлука е донесена во 2000 година, при оценување на нејзината законитост Судот ги имаше предвид следните одредби од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96, 28/97 и 18/99), кои што важеа во време на донесувањето на оваа одлука.

Според член 11 од наведениот закон, деталниот урбанистички план содржи особено: план на намена на просторот и објектите, план на градежни парцели и површини за изградба на објекти определени со регулациони и градежни линии, максимална висина на објектите и други поблиски услови за изградба. Исто така според овој член од Законот деталниот урбанистички план мора да содржи и одредби за спроведување на планот, билансни показатели и соодветни графички прикази.

Според член 21-а од Законот, при изработување на просторен и урбанистички план задолжително се применуваат урбанистичките нормативи и стандарди за планирање на просторот, кој ги донесува министерот надлежен за работите на урбанизмот.

Во однос на постапката за донесување на деталните урбанистички планови Законот пропиша неколку правила и тоа :

Во членот 17 од Законот е утврдено дека деталните урбанистички планови, како впрочем и сите други урбанистички планови, се изработуваат како нацрт и предлог на план.

По нацртот на деталниот урбанистички план по неговото утврдување се спроведува, односно организира, јавна анкета, која, пак, согласно член 18 од Законот, се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 15 дена (по измените на Законот од 2001 година овој рок е скратен на 10 дена), во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица доставуваат писмени забелешки на анкетни листови, до организаторот на анкетата.

За времето и местото на кое ќе биде изложен планот задолжително се објавува соопштение во јавните гласила.

За јавната анкета се изготвува извештај, со образложение за неприфатените забелешки кој се доставува заедно со предлогот на планот на усвојување. Овој извештај до измените на Законот во 1999 година го изготвуваше Министерството надлежно за урбанизамот, а по тие измени, овој извештај го изготвува општината.

Во членот 20 од Законот, на кој се повикуваат подносителите на оваа иницијатива, утврдено е дека измените и дополнувањата на урбанистичките планови се врши по иста постапка пропишана за нивно донесување, доколку со овој закон не е поинаку определено.

Според член 22 став 6 и 7 од Законот, урбанистичките планови можат да се спроведуваат по издавањето на согласност од Министерството надлежно за работите на урбанизмот, а плановите за кои не е издадена согласност, се сметаат дека не се донесени.

Тргнувајќи од наведените законски одредби, како и утврдената фактичка состојба произлегува дека оспорената одлука, со која се врши изменување и дополнување на одредбите за спроведување на Деатлен урбанистички план за Месната заедница ‘’Цветан Димов II’’, како составен дел на овој план, е донесена по спроведување на севкупната постапка која е пропишана и за донесување на планот.

Меѓутоа, самиот факт дека со оспорената одлука се вршат измени и дополнувања на одредбите за спроведување на Деталниот урбанистички план за Месната заедница ‘’Цветан Димов II’’ а не на планот и дека овие измени и дополнувања се однесуваат само на текстуалниот дел, а не и на графичкиот дел на планот, за Судот е доволен основ за изразување на сомневање во нејзината согласност со Законот.

Имено, според мислењето на Судот со оспорената одлука и формално и суштински е повреден Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Формално, прво затоа што Законот не познава донесување и изменување на дел на урбанистички план, но само донесување и изменување на план. Оттука, со оглед дека одредбите за спроведување на планот сами за себе не постојат, но се дел од деталниот урбанистички план, тие и неможат посебно, односно одвоено да се изменуваат и дополнуваат, како што е направено во конкретниот случај, но може да се вршат измени и доплонување на урбанистичкиот план во тој дел.

Второ, имајќи предвид дека според Законот, деталниот урбанистички план содржи графички и текстуален дел, според Судот не е можно овие делови да се одвојуваат, бидејќи по правило нумеричките показатели во текстуалниот дел тангираат и податок во графичкиот дел. Тоа, со други зборови би значело дека и при секои изменувања и дополнувања на планот, планот мора содржински да ги има сите прилози, односно делови на оргинерниот план што се менува и дополнува, што не е така во конкретниот случај, бидејќи измените и дополнувањата се извршени и се однесуваат само на тек стуалниот, а не и на графичкиот дел на деталниот урбанистички план на Месната заедница ‘’Цветан Димов II’’.

Како повреди на Законот од суштинска природа што се направени со оспорената одлука, според Судот се следните:

Со текстуалниот дел на оспорената одлука, кој е нејзин составен дел, се навлегува во другите делови, конкретно во графичкиот дел, на планот. Ова од причина што параметрите, односно нормативите и стандардите утврдени во текстуалниот дел се практично единствени нумерички параметри кои непосредно се однесуваат на физичките параметри на секоја градба и се уредуваат во графичкиот дел на планот.

Со оглед дека во конкретниот случај со оспорената одлука не се извршени измени и на графичкиот дел на Деталниот урбанистички план за Месната заедница ‘’Цветан Димов II’’ фактички постои неусогласеност на податоците меѓу текстуалниот и графичкиот дел на овој план, односно овие податоци меѓусебно се спротивставени.

Од друга страна, стандардите и параметрите за коефициентот на искористување на земјиштето и процентот за изграденост на локацијата утврдени во Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот се користат при планирањето и важат за изготвувачот на планот, а не за органите што го спроведуваат планот, поради што тие и не можат да бидат предмет на уредување со одредбите за спроведување на планот.

Со текстуалниот дел на оспорената одлука всушност се врши делегирање на правото на планирање од Советот на општината Кисела Вода, на подрачната единица на Министерството за урбанизам бидејќи се допушта врз основа на изготвен урбанистички проект планираната градба и градежната линија утврдени со планот да се менуваат, односно се допушта урбанистичките параметри да се дефинираат со изработка на урбанистички проект за добивање на услови за градба. Тоа практично би значело дека на овој начин се утврдуваат нови услови за градба кои не се содржани во ниеден дел од деталниот урбанистички план, односно ни во неговиот текстуален ни графички дел, што од друга страна пак значи да се гради вон уставните и законските рамки за планирање на просторот.

И на крајот, со оглед на тоа што со оспорената одлука, преку изменување и дополнување само на одредбите за спроведување на Деталниот урбанистички план за Месната заедница ‘’Цветан Димов II’’ се овозможува на органот на управата надлежен за работите на урбанизмот при издавање на услови за градба да врши измена на целиот урбанистички план вон законски утврдената постапката, Судот смета дека се нарушува и принципот на хармонизација на планирањето, а директно се повредува и членот 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, според кој планирањето на просторот е континуиран процес кој се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторните и урбанистичките планови кои меѓусебно се усогласуваат.

6. Поради сите напред наведени причини, Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со одредбите на Законот за просторно и урбанистичко планирање, кои важеле во времето на нејзиното донесување.

7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.36/2001
7 мај 2003 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply