65/2003-0-0

65/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 7 мај 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на

(1) Одлуката за донесување на Буџетот на општина Ново Село за 2003 год., донесена од Советот на Општината на 10 март 2003 година;

(2) Одлуката за извршување на Буџетот на општина Ново Село за 2003 година, донесена од Советот на Општината на 10 март 2003 година;

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста, како и согласноста со статутарните и деловничките одредби, на:

(1) Одлука за разрешување на претседателот на Советот на општина Ново Село, донесена од Советот на Општината на 10 март 2003 година; и

(2) Одлука за верификација на мандат на член на Советот на општина Ново Село, донесена од Советот на Општината на 10 март 2003 година.

3. Панчо Стојков од с. Ново Село– Струмица, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста, како и согласноста со статутарните и деловничките одредби, на одлуките означени во точките 1 и 2 од ова решение затоа што седницата на Советот на Општината од 10 март 2003 година била прекината од претседателот на Советот на барање од 5 советници, а 10 советници ја продолжиле работата по нивен дневен ред, што било спротивно на член 48 став 1 точките 1, 2 и 3 од Законот за локалната самоуправа, член 42 од Статутот на Општината и на член 56 став 3 од Деловникот за работа на Советот на Општината.

4. Судот на седницата утврди дека со одлуките означени во точката 1 од ова решение се донесува буџетот на Општината и се определува неговото извршување, при што седницата е одржана со мнозинство од вкупниот број членови на Советот и одлуките се донесени со мнозинство гласови од присутните членови на Советот.
Со оглед на тоа што седницата на Советот на Општината, кога се донесени оспорените две одлуки, работела со мнозинство од вкупниот број членови на Советот и што наведените одлуки се донесени со мнозинство од присутните членови, Судот утврди дека таквиот начин на донесувањето на Одлуките има законски основ (член 41 ставови 1 и 2 од Законот за локалната самоуправа), поради што не може да се постави прашањето за законитоста на одлуките, па се одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Во однос на одлуките означени во точката 2 од ова решение, Судот на седницата утврди дека со едната одлука “се разрешува Панчо Стојков од функцијата претседател на Советот на општина Ново Село” (член 1) и дека с о другата одлука “се врши верификација на мандатот на член на Советот на општина Ново Село, како нареден кандидат на листата на коалицијата “За Македонија заедно”, за остатокот на мандатот” (член 1) и “…. се верификува мандатот на членот на Советот г-дин Боро Китанов” (член 2).
Имајќи ја предвид изнесената содржина на Одлуките, Судот утврди дека тие акти не содржат општи правни правила за однесување на неопределени субјекти и неопределено време, туку се конкретни акти со кои се разрешува конкретно лице од функцијата претседател на Советот, поради што Судот не е надлежен да постапува по нив, па одлучи како во точката 2 од ова решение.

6. Што се однесува до барањето за оценување согласноста на сите четири одлуки означени во точките 1 и 2 од ова решение во однос на Статутот на Општината (член 42) и Деловникот за работа на Советот на Општината (член 56 став 3), Уставниот суд не е надлежен да постапува по такво барање, туку согласно член 110 од Уставот ја оценува согласноста на подзаконските акти само во однос на Уставот и законите.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.65/2003
7 мај 2003 год.
С к о п ј е
ла

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply