Одлука У.бр.190/2002

У.бр.190/2002-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 30 април 2003 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА поднасловот “Забрана за вршење функции и должности” и член 69 од Законот за спречување на корупцијата (“Службен весник на Република Македонија” бр.28/2002).

2. Оваа Одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.190/2002 од 5 март 2003 година, поведе постапка за оценување уставноста на поднасловот и членот од Законот означени во точката 1 од оваа Одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната усогласеност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 8 став 1 алинеја 1, 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а со членот 14 став 1 од Уставот е утврдено дека никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Согласно член 32 од Уставот, секој граѓанин има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност, а според став 2 на овој член од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Со член 54 став 1 од Уставот, е утврдено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Согласно член 98 став 1 од Уставот, судската власт ја вршат судовите, а според став 2 од овој член судовите се самостојни и независни и судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Законот за спречување на корупцијата (“Службен весник на РМ” бр.28/2002), во поднасловот “Забрана за вршење функции и должности” го предвидел членот 69, според кој лицето кое со правосилна судска пресуда е осудено за корупција, не може да врши функции и должности на избран или именуван функционер, службено лице или одговорно лице во јавно претпријатие, во рок од пет години од денот на правосилноста на пресудата.

Според содржината на член 101 од Кривичниот законик (“Службен весник на РМ” бр.37/96), правните последици на осудата што се надоврзуваат на осудите за определени кривични дела, не можат да настапат кога за кривично дело на сторителот му е изречена парична казна, условна осуда, судска опомена или кога тој е ослободен од казна. Правните последици можат да се предвидат само со закон.

Со членот 102 од овој Закон, е предвидено дека 1) правните последици од осудата настапуваат со денот на правосилноста на пресудата; 2) правните последици од осудата што се состојат во забрана на стекнување на определени права траат најдолго десет години од денот на издржаната, простената или застарената казна; 3) со бришење на осудата престануваат правните последици од осудата.

Со оспорениот член 69 од Законот за спречување на корупцијата, законодавецот предвидел правна последица забрана на вршење на одредена дејност и го определил рокот на забрната, за лице кое со правосилна судска пресуда било осудено за корупција, кој е пет години и настапува од денот на правосилноста на пресудата, а не од денот на издржаната, простената или застарената казна.

Имено, со оспорениот член по сила на самиот закон настапува правната последица како ограничувачки фактор лицето кое било осудено за корупција со правосилна судска пресуда, да не може во рок од пет години да врши функции во јавно претпријатие, независно од фактот дали таква правна последица е воопшто изречена од страна на судот со правосилната судска одлука за тоа лице, или, пак, независно од рокот и времетраењето на последицата која Судот ја утврдил во самата судска одлука.

Тргнувајќи од погоренаведените уставни одредби, а имајќи ја во предвид содржината на оспорената одредба од Законот, според која осудуваноста на граѓанинот за одделно кривично дело на корупција, е ограничувачки фактор лицето да врши функција во јавно претпријатие, по сила на самиот закон, а не како последица од конкретна забрана за вршење на таква дејност што ја изрекол судот со правосилна судска одлука, според Судот тоа е повреда на уставниот принцип на законитост во казнувањето и се ограничува правото на работа и учество во вршење на јавна функција.

Имено, правните последици од осудата не можат да настапуваат автоматски по сила на закон, туку тие настапувааат само со правосилна судска одлука. Казнено-правниот однос се исцрпува на релација на казниво дело и судски изречена казна за неговиот сторител и натамошни последици од неговото извршување односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изрично утврдено со Уставот.

Со оглед на тоа Судот утврди дека постои уставна неусогласеност на поднасловот “Забрана за вршење функции и должности” и членот 69 од Законот со напред наведените одредби од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.190/2002
30 април 2003 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply