Решение У.бр.53/2003

У.бр.53/2003

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 30 април 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 449 став 2 од Законот за облигациони односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.18/2001, 4/2002 и 5/2003).

2. Димитрија Атанасовски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на одредбата од Законот означени во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата со оспорената одредба од Законот било предвидено дека е ништовен договорот со кој адвокат или некој друг налогопримач би купил спорно право чие што остварување му е доверено, или би договорил за себе учество во поделбата на износот досуден на неговиот налогодавец. Меѓутоа, со ваквата законска одредба адвокатите и другите налогопримачи биле ставени во нерамноправна положба во однос на другите граѓани, бидејќи не им се дозволува купување на спорно право и договарање за учество во досуден износ на налогодавачот, само поради тоа што припаѓаат на одредена професија, а тоа било спротивно на членот 55 став 1 од Уставот според кој се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, и спротивно на членот 9 став 2 од Уставот, според кој граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

3. Судот на седницата утврди дека со членот 449 од Законот, во ставот 1 е предвидено дека спорно право може да биде предмет на договор за продажба, а со одредбата од ставот 2 на овој член од Законот е утврдено дека ништовен е договорот со кој адвокат или некој друг налогопримач би купил спорно право чиешто остварување му е доверено, или би договорил за себе учество во поделбата на износот досуден на неговиот налогодавец.

Една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото, согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Според членот 9 став 2 од Уставот, граѓаните се еднакви пред Уставот и законите.

Во делот на основите на економските односи, Уставот на Република Македонија во членот 55 став 1 утврдил дека се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.

Законот за облигационите односи (“Службен весник на Република Македонија” бр. 18/2001, 4/2002 и 5/2003) во членот 1 предвидел дека предмет на уредување на овој закон се основите на облигационите односи, договорните и други облигациони односи во прометот на стоки и услуги.

Според концептот на Законот во кој е применето единствено регулирање на договорите, типични одредби кои главно се однесуваат на договорот за продажба како заокружена правна работа, се содржани во Глава VII од Законот, во членовите 442 – 539.

Согласно член 442 став 1 од Законот, со договорот за продажба продавачот се обврзува предметот што го продава да му го предаде на купувачот така што купувачот да стекне право на сопственост, а купувачот се обврзува да му ја плати на продавачот цената. Според ставот 2 од овој член од Законот продавачот на некое право се обврзува на купувачот да му го прибави продаденото право, а кога вршењето на тоа право бара држење на предметот и да му го предаде предметот.

Од формулацијата на одредбата од ставот 2 од овој член од Законот, која се надоврзува на одредбата од ставот 1, произлегува дека предмет на продажба може да биде право што може да се пренесува односно што е во правниот промет, и за тоа купувачот треба да плати цена за продаденото право.

Меѓутоа, определени права односно побарувања, не можат да се пренесуваат, во случај кога таквиот пренос е забранет со закон, како што предвидел Законот за облигациони односи во оспорената одредба од членот 449 став 2, потоа оние кои се поврзани со личноста на доверителот и оние кои според својата природа се противат на пренесувањето врз друг, како што предвидел овој закон, во членот 424 став 1, според кој доверителот може со договор склучен со трет да го пренесе врз него своето побарување, освен она чие пренесување е забрането со закон или кое е врзано за личноста на доверителот, или кое според својата природа му се спротивставува на пренесувањето врз друг.

Од анализата на оспорената законска одредба произлегува дека спорното право кое по својата суштина претставува она право за кое се води судски спор или постои оспорување на неговиот обем, вистинитоста, носителот на правото или правниот основ, со Законот се забранува адвокатот или друг налогопримач да го купи со договор, доколку му е доверено остварувањето на тоа спорно право. Исто така, за ништовноста на договорот склучен спротивно на наведената одредба од Законот, се применуваат одредбите од членовите 95 до 102, кои се однесуваат на ништовни договори.

Ваквата законска определба всушност пропишува ништовност на договор за купување на спорно право но само за одредена категорија на лица и под определени услови односно за адвокати или други налогопримачи на кои им е доверено остварувањето на спорното право. Ова произлегува од својството и улогата на наведените лица поради вршењето на адвокатската дејност и вршењето на правото, признато во правниот поредок, во рамките на нивната професија која мора да се движи во нормирани рамки. Судот оцени дека со нормирање на конкретниот облигационен однос со оспорената законска одредба, која не дозволува и пропишува ништовност за настанување на договорот за купување на спорно право од страна на адвокатите или други налогопримачи на кои им е доверено остварувањето на спорното право, законодавецот директно го ставил во функција начелото на совесност и чесност пропишано во членот 5 од Законот, според кое во засновувањето на облигационите односи и остварувањето на правата и обврските од тие односи учесниците се должни да се придржуваат кон начелото на совесност и чесност.

Имено, спорното право изразува интереси на повеќе учесници во еден правен однос кои најчесто се спротивставени поради што во постапките за справедливо решавање на односот, учесниците можат да го доверат остварувањето на спорното право на адвокати или други налогопримачи. Оттука, доколку овие овластени лица на кои им е доверено остварувањето на спорното право излезот од рамките на вршењето на правната помош и со правна работа за себе земаат лично учество за работите внатре во односот на спорното право, преку договор за купување или во поделбата на износот досуден на неговиот налогодавец, се доведува во прашање заштитата од недозволено користење на правната положба на адвокатите или други налогопримачи и ризик од злоупотреба на правото. Следствено на ова не може да се прифати наводот во иницијативата, дека адвокатите или другите налогопримачи со оспорената законска одредба биле ставени во нееднаква положба со останатите граѓани поради тоа што не им се дозволува купување на спорно право и поради тоа им била ограничена слободата на пазарот и претприемништвото. Ова особено поради тоа што имајќи ги во предвид изнесените уставни и законски норми, произлегува дека токму со содржината на оспорената одредба од Законот се афирмира владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, согласно членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Со оглед на тоа, Судот утврди дека за оспорената одредба од Законот не може основано да се постави прашањето за несогласност со членот 9 став 2 од Уставот, според кој граѓаните се еднакви пред Уставот и законите и за несогласност со членот 55 став 1 од Уставот, со кој се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.53/2003
30 април 2003 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply