Решение У.бр.92/2002

У.бр.92/2002

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 71 и 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 23 април 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 18 став 2 во делот “на вработен на кого му е изречена мерка на безбедност забрана за вршење на професија, дејност или должност, му престанува работниот однос во Агенцијата со денот на врачувањето на правосилна пресуда” од Законот за Агенцијата за разузнавање (“Службен весник на Република Македонија” бр.19/95).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 18 став 2 во делот “кој е осуден за кривично дел од став 1 точка 1 на овој член кое се гони по службена должност” од законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на член 18 став 2 од Законот за Агенцијата за разузнавање.

Според наводите во иницијативата по укинување на член 18 став 1 точка 1 и 2 од Законот за Агенцијата за разузнавање членот 18 став 2 нема своја функција односно со нејзиното опстојување во правниот поредок се повредува уставното начело на владеење на правото утврдено во член 8 став 3, член 13 став 1 и член 51 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека со одлука У.бр.211/2001 година од 2 ноември 2001 година Уставниот суд на Република Македонија го укинал членот 18 став 1 точка 1 и 2 од Законот за Агенцијата за разузнавање.

Според содржината на сега укинатиот член 18 став 1 точка 1 и 2 од Законот за Агенцијата за разузнавање работен однос во Агенцијата може да заснова лице кое, покрај општите услови, ги исполнува и следните посебни услови:

1. да не е осудувано за кривично дело против уставното уредување и безбедноста на Република Македонија, слободите и правата на човекот и граѓанинот, стопанството, вооружените сили на Република Македонија, службената должност, тешки дела против животот и телото, имотот или кривично дело извршено од користољубие и нечесни побуди.
2. против него да не се води кривична постапка за кривични дела од став 1 точка 1 на овој член.

Судот понатаму утврди дека според содржината на оспорениот член 18 став 2 од Законот “на вработен кој е осуден за кривични дела од став 1 точка 1 на овој член кое се гони по службена должност или на кого му е изречена мерка на безбедност забрана за вршење на професија, дејност или должност, му престанува работниот однос во Агенцијата со денот на вачување на правосилна пресуда.

5. Со отстранување од правниот поредок на одредбата од член 18 став 1 точка 1 и 2 од Законот, оспорената одредба на цитираниот закон која предвидува основи за престанок на работниот однос на работникот во случај кога е осуден за сторени кривични дела предвидени на сега непостоечката законска одредба, по мислењето на Судот оваа одредба нема функција и всушност е неприменлива поради што се одлучи како во точката 2 од ова решение.

6. Според член 61 став 1 точка 4 од Кирвичниот законик како една од мерките на безбедност е предвидена и забраната на вршење на професија, дејност или должност, а во членот 66 од законот се определуваат условите и роковите за изрекување на ваквата мерка.

Извршувањето на оваа мерка на безбедност е уредено во членовите 254 и 255 од Законот за извршување на санкциите, од чија содржина произлегува дека за нејзиното извршување се надлежни правните лица и институцииите во кои осуденото лице е вработено, органот надлежен за издавање на одобрение за вршење на професија, дејност или должност, надлежниот орган на инспекцијата на трудот во местото на живеалиштето односно престојувалиштето на осуденото лице, надлежниот суд за регистрација на претпријатието како и министерството за внатрешни работи. При тоа инспекцијата на трудот оваа мерка за извршување со преземање на дејство со кои на осуденото лице му се оневозможува да врши определена професија, дејност или должност.

Имајќи го предвид наведеното како и содржината на член 18 став 2 од Законот во делот “на вработен на кого му е изречена мерка на безбедност забрана за вршење на професија, дејност или должност му престанува работниот однос со денот на врачување на правосилна пресуда” Судот смета дека оспорената одредба во овој дел упатува на изречената мерка за безбедност како основ за престанок на работниот однос бидејќи само на тој начин може да се оствари целта на изречената мерка по правосилната судска пресуда. Тое воедно не значи повреда на принципот на п резумпција на невиност со оглед да врз основа на претходно утврдена вина со правосилна пресуда, а под услови определени со закон може да дојде до изрекување на таква мерка. Во периодот на траењето на таа мерка правно е оправдано на вработениот да му престане работниот однос, а по престанокот на временскиот период на забрана на ова лице му се достапни сите професии, дејности или должности.

7. Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека оспорениот дел од одредбата не е во несогласност со Уставот и одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.92/2002
23 април 2003 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply