Решение У.бр.137/2002

У.бр.137/2002

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 47 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 април 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување уставноста и законитоста на Одлуката на Советот на Општина Тетово бр. 07-527/16 од 23.05.2001 година за усвојување на измени и дополнувања на ДУП за дел од III станбена заедница на град Тетово.

2. Уставниот суд на Република Македонија, по сопствена иницијатива, со Решение У.бр.137/2002 од 11 декември 2002 година, поведе постапка за оценување законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение, бидејќи основано се постави прашањето за нејзината согласност со членовите 11 став 2 и 21-б став 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/1996, 28/1997 и 18/1999) и членот 15 од Законот за изградба на инвестициони објекти (“Службен весник на Република Македонија” бр.15/1990,11/1991, 11/1994 и 88/1999).

Имено, Судот оцени дека во постапката за донесување на оспорената Одлука не било водено сметка за законските одредби за внесување на плански мерки за заштита на градителското наследство, со почитување на стандардите и нормативите за заштита на спомениците на културата, бидејќи при донесувањето на оспорената Одлука не се почитувале забелешките на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата, дадени во мислењето бр. 08-735/2 од 23.05.2001 година.

3. Врз основа на документацијата приложена од доносителот на актот, појаснувањата содржани во одговорот на наводите содржани во решението за поведување на постапка за оценување на законитоста на оспорената Одлука и писмениот допис бр.07-172/2 од 17.02.2003 година на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата, Судот на седницата утврди дека пове-дувањето на постапката било засновано врз погрешно утврдена фактичка состојба.

Ова од причина што при повторното разгледување на документацијата се утврди дека од страна на Советот на Општината Тетово биле превземени потребните мерки за заштита на градителското наследство со внесување на забелешките од Заводот при изготвувањето на Предлог-Планот. Тоа посебно се согледува од текстуалниот дел од Предлог – планот “Документациона основа на планот” став 2.5., “Културно историско наследство” став 12, “Режим на градба, урбанистичко архитектонски интервенции и мерки на заштита на објектите на комплексот”, дел Мерки и заштита на постоечкиот комплекс, како и од разликите во графичкиот приказ на Нацрт-Планот и графичкиот приказ на Предлог-Планот, кои укажуваат на прифаќање на забелешките од Заводот со намалување на висината на индиви-дуалните објекти од 10,оо на 7,оо метри висина.

4. Согласно член 47 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.137/2002
23 април 2003 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply