Одлука У.бр.131/2002

У.бр.131/2002-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 2 април 2003 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ членовите: 34 и 35 од Законот за стопанските комори („Службен весник на Република Македонија” бр.54/2002).

2. СЕ УКИНУВА времената мерка за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорениот закон.

3. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Уставниот суд на Република Македонија по иницијативите на Стопанската комора на Македонија, Постојаниот избран суд-Арбитража при Стопанската комора на Македонија и Синдикалната организација при Стопанската комора на Македонија, поведе постапка за оценување уставноста на членовите 34 и 35 од законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот на Република Македонија.

5. Судот на седницата утврди дека согласно став 1 на член 34 од Законот Владата на Република Македонија во рок од 30 дена по влегувањето во сила на овој закон ќе формира комисија, која ќе го утврди вкупниот имот со кој располага Стопанската комора на Македонија. Притоа, комисијата ќе ја утврди одделно вредноста и висината на државниот имот со кој располага Стопанската комора на Македонија, како и вредноста и висината на останатиот имот со кој располага Стопанската комора на Македонија.

Во ставот 2 на овој член од Законот е предвиден о дека имотот за кој ќе се утврди дека е во сопственост на Стопанската комора на Македонија, ќе се пренесе на новонастанатите комори, а останатиот имот останува во сопственост на Република Македонија.

Согласно ставот 3 на овој член од Законот сразмерно на пренесениот имот од став 2 на овој член, новооснованата комора презема дел од вработените од Стопанската комора на Македонија.

Исто така, Судот утврди дека согласно членот 35 став 1 од Законот, коморите кои ќе се конституираат во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон, ќе учествуваат во распределбата на имотот според членот 34 став 2 на овој закон.

Според ставот 2 на овој член од Законот, до конституирањето на коморите од ставот 1 на овој член, Стопанската комора на Македонија продолжува да работи.

6. Оспорените одредби од членовите 34 и 35 од Законот, спаѓаат во главата на преодните и завршните одредби, кои имаат временски карактер и кои, како такви, го уредуваат начинот како ќе се изврши премин од постоечките на новите правни норми.

Во тој контекст, членот 34 од Законот кој предвидува формирање на комисија (од страна на Владата) која ќе го утрди вкупниот имот; ќе ја утврди одделно вредноста и висината на државниот имот со кој располага Комората, како и вредноста и висината на останатиот имот со кој таа располага, според Судот отвара низа прашања во врска со повреда на правото на сопственост; за критериумите според кои Владата ќе ги определува членовите на оваа комисија и за критериумите според кои ќе се утврдува вредноста и поделбата на имотот на Комората.

Имено, познато е дека Комората е правно лице кое, како такво, има имот што е негова сопственост и не може никој друг да располага со тој имот. Како правно лице, Комората влегла во низа деловни односи, поради што според Судот неопходно е прво да се поведе постапка за ликвидација, па дури потоа да се врши распределба на останатиот имот.

Со други зборови, според оценката на Судот, во членот 34 од Законот се занемарени правилата за престанок на правното лице, па во тој контекст се отвара прашањето за распределба на ликвидационата маса која, според законот, треба да им припадне на членовите на Комората.

Во спротивно, како што е во случајов, Судот оцени дека се повредува принципот на владеење на правото, што е загарантиран со Уставот.

Во однос на имотот на Комората, Судот оцени дека таа функционира врз принципот на самоорганизација и саморегулација, од причина што Комората никогаш не била врзана за буџетот на државата.

Во конкретниов случај, целокупниот имот на Комората е стекнат од активностите и придонесите на стопанските субјекти зачленети во неа кои вршеле уплата на коморски придонес.

Од тие причини, според Судот, Владата на Република Македонија нема правен основ да располага со него. Ова дотолку повеќе што не е во прашање ниту јавен интерес утврден со закон.

Исто така, во ставот 2 на членот 34 од Законот отсуствува одредба според која во Комисијата ќе се вклучат луѓе од Комората кои ќе го оценат имотот по паритетна основа, при што ќе се имаат предвид сите досегашни асоцијации и членки на комората со чие финансирање нејзиниот имот е зголемуван.

За Судот е неспорно дека Комората беше финансирана од сите правни субјекти што вршат стопански дејности, па според тоа Владата не може да биде овластена во улога на врховен арбитер, така создадениот имот, да го распределува на правни и физички лица што ќе одлучат да формираат комора.

Што се однесува до ставот 3 на член 34 од Законот, според кој сразмерно на пренесениот имот, новооснованата комора презема дел од вработените во Стопанската комора, Судот оцени дека ваквото решение е нецелосно и непрецизно.

Имено, според оценката на Судот, Законот би требало, за решавање на статусот на вработените во Комората, да упатува на решенијата содржани во Законот за работните односи или, пак, да се предвиди работниот однос во стручната служба на Стопанската комора на Македонија да се трансформира во работен однос во стручните служби на стопанските комори основани со овој закон, а распоредувањето да се изврши соодветно на работните задачи што секој вработен ги вршел на денот на влегувањето во сила на овој закон.

Од тие причини, Судот оцени дека членот 34 е несогласен со Уставот на Република Македонија.

Во однос на членот 35 од Законот Судот оцени дека истиот е несогласен со Уставот од причина што е суштински поврзан со членот 34 од Законот, односно содржи решение според кое коморите, кои ќе се конституираат во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон, ќе учествуваат во распределбата на имотот според членот 34 став 2 на овој закон.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.131/2002
2 април 2003 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply