Решение У.бр.3/2003

У.бр.3/2003

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 26 февруари 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување постапка за оценување законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за градската четврт “Буњаковец” II Скопје донесена од Советот на Општина Центар Скопје (“Службен гласник на град Скопје” бр.13/2002).

2. Иванка Георгиева Каруловска и Драгиша Георгиев од Скопје и Никола Цубалевски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата на Иванка Георгиева Каруловска и Драгиша Георгиев се наведува дека со ДУП “Буњаковец” II се доделени две урбанистички парцели од кои едната е доделена на подносителот на иницијативата. Според нив со доделената парцела им е одземена сопственоста на земјиштето кое им се доделувало на други лица. Поради тоа бараат Судот да го измени и дополни ДУП “Буњаковец” II и да им помогне да добијат урбанистичка парцела на “нивно” место од 13 м2 должина и 24 м2 ширина.

Во иницијативата на Никола Цубалески се наведува дека оспорената Одлука не е во согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање и со Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот. Според него не била запазена законската постапка за јавно излагање на планот бидејќи истиот бил изложен за време на годишни одмори, како и во сабота и недела кога скопјани оделе на излет. Понатаму иницијаторот наведува дека примената на планот ќе направи непредвидени штети и дека неговото донесување е нецелисходно. Како пример за штетноста на планот врз граѓаните, иницијаторот наведува дека канализационата мрежа била димензионирана само за приземни куќи така што доколку се изградат објекти со висина од 16 – 18 метри канализационата мрежа нема да можела да ја прифати целата отпадна и атмосферска вода поради што ќе се создавале езера.

3. Според член 110 став 1 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Со оглед на тоа што во првата иницијатива се бара изменување и дополнување на деталниот урбанистички план “Буњаковец” II, за што Уставниот суд не е надлежен, Судот оцени дека треба да ја отфрли иницијативата согласно член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

Во втората иницијатива, иницијаторот не спори дека оспорениот урбанистички план бил јавно изложен, туку спори дека бил изложен во незгодно време за граѓаните.

Согласно член 17 став 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, по нацртот на деталниот урбанистички план се спроведува јавна анкета, а според членот18 од овој закон, јавната анкета се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 10 дена во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот доставуваат писмени забелешки на анкетни листови до организаторот на анкетата.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека спорниот факт за инцијаторот дека планот бил изложен во летен период како и за време на викенд е ирелевантен и не го прави планот несогласен со Законот за просторно и урбанистичко планирање бидејќи според овој закон нема ограничување за одржување на јавната анкета во било кој период во годината. При тоа, јавното изложување на планот и спроведувањето јавна анкета е дел од постапката за донесување на планот е предвидена со закон.

Што се однесува до барањето на инцијаторот Судот да ја оценува согласноста на ДУП “Буњаковец II” со Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот, Судот оцени дека станува збор за прописи од ист правен ранг. Согласно член 110 од Уставот Уставниот суд не е надлежен да одлучува за меѓусебната согласност на деталните урбанистички планови со друг пропис поради што оцени дека иницијативата треба да се отфрли.

4. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласо ви во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.3/2003
26 февруари 2003 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply