14/2002-0-0

14/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 26. февруари 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 72 став 1 во делот
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата терминот “заштита” бил реликт од минатото, кога постоела самозаштита, што го чинел законот несогласен со член 28 став 1 и член 51 од Уставот.
Исто така, подносителот на иницијативата смета дека терминот “и други прописи” и терминот “колективен договор” не требало да бидат содржани во законскиот текст, односно дека ваквата формулација ги правела несогласни со член 37 став 2 од Уставот.
На крај, подносителот на иницијативата смета дека со предвидувањето по жалба против решението на инспекторот да одлучува функционерот на органот на државната управа надлежен за работите на трудот се повредувало начелото на двостепеност во одлучувањето, загарантирано со Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека: согласно членот 72 став 1 од Законот за работни односи, на работникот му припаѓа надомест на плата за време на отсуство од работа под услови и висина утврдена со закон и колективен договор, а особено: за време на годишен одмор; отсуство за празници; отсуство поради бременост; раѓање и мајчинство; нега на дете; преквалификација и доквалификација; стручно оспособување и усовршување на кое е упатен од страна на работодавецот; воена вежба; учество во обука за одбрана и заштита (оспорен дел); јавување на покани и други органи до кои е дојдено без вина на работникот и во други случаи утврдени со закон и колективен договор.
Согласно членот 78 став 1 и став 2 од Законот организациите на работниците и на работодавците не можат да бидат распуштени или нивната дејност запрена по административен пат, ако се основани и дејноста ја вршат во согласност со закон и други прописи и дека активноста на синдикатите и нивниот претставник не може да се ограничува со акти на работодавецот, ако тоа е во согласност со закон и колективен договор.
Во членот 83 став 1 од Законот е предвидено дека претставникот на синдикалната организација има посебна заштита и не може да биде повикан на одговорност ниту доведен во неповолна положба, вклучувајќи го престанокот на неговиот работен однос поради членство во синдикат или учество во синдикални активности со кои се штитатт правата и интересите на работниците, ако постапува во согласност со закон и колективен договор.
Членот 144 став 1 од Законот предвидува дека против решението на инспекторот на трудот може да се изјави жалба до функционерот на органот на државната управа надлежен за работите на трудот во рок од осум дена од денот на приемот на решението.
4. Во однос на оспорениот член 72 став 1 од Законот кој, меѓу другото, предвидува работникот да има право на надомест од плата за време на отсуство поради учество во обука на одбрана и заштита, Судот оцени дека законодавецот употребува генусен поим заштита, што наведува на заклучок дека оваа заштита не мора да се однесува на самозаштита на граѓаните, туку може да станува збор за цивилна заштита, која, како институција е застапена во Законот за одбрана, поради што оцени дека, од овој аспект, не може основано да се постави прашањето за уставноста на оваа законска одредба.
Во врска со одредбите од членовите 78 став 1 и став 2 и член 83 став 1, кои, меѓу другото, предвидуваат дејноста на работниците, покрај со закон, да се уредува и со други прописи и активноста на синдикатите да е во согласност, не само со закон, туку и со колективен договор, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за нивната уставност поради следното:
Согласно член 51 од Уставот на Република Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите.
Согласно член 91 алинеја 1 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието, па во тој контекст согласно алинејата 4 од Уставот, донесува уредби и други прописи за извршување на законите.
Имајќи ги предвид наведените уставни одредби, Судот смета дека при регулирањето на материјата од областа на работните односи, законодавецот ја имал предвид уставната концепција за функцијата на подзаконските прописи кои всушност го остваруваат извршувањето на Уставот и законите.
Имено, со тие акти се уредува одредена законска материја и начинот на постапката за спроведување на законот во практиката.
Според тоа, Судот оцени дека терминот “други прописи” е соодветно употребен, односно дека не може од овој аспект да се постави прашањето за уставноста на оспорената законска одредба.
Во однос на прашањето за предвидувањето на колективните договори со кои требада биде усоглаена активноста на синдикатите и нивните претставници, односно дека истата треба да биде усогласена само со закон, Судот смета дека наводите во иницијативата не стојат, поради следното:
Согласно член 37 став 1 од Уставот, заради остварување на своите економски и социјални права, граѓаните имаат право да основаат синдикати.
Согласно ставот 2 на овој член од Уставот, со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на синдикално организирање во вооружените сили, полицијата и органите на управата.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека Уставот зборува за ограничување на остварувањето на синдикалното организирање само во три формации: војска, полиција и управа.
Наспроти тоа, оспорената одредба од Законот за работни односи зборува за неможноста на ограничувањето на синдикалното организирање ако е тоа сторено согласно закон и колективен договор, која според Судот е согласна со Уставот од причина што согласно член 76 став 1 од Законот, работниците заради остварување на своите економски и социјални права од работниот однос утврдени со закон и колективен договор, имаат право да основаат синдикати во кои слободно се зачленуваат или пристапуваат (став 2).
Од содржината на оваа одредба, несомнено произлегува дека синдикалното организирање на работниците е во склоп на нивниот работен однос.
Согласно членот 32 став 5 од Уставот остварувањето на правата на вработените и нивната положба да се уредуваат со закон и со колективни договори.
Имајќи го предвид овој член од Уставот, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за уставноста на законските одредби кои синдикалното организирање го условуваат со негова согласност со колективните договори.
Што се однесува до прашањето за ускратувањето на правото на двостепеност во одлучувањето кога против решението на инспекторот на труд се предвидува да одлучува функционерот што раководи со органот на управата, Судот смета дека наводите во иницијативата се неосновани.
Имено, согласно член 15 од Уставот се гарантира правото на жалба против поеиднечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.
Од содржината на оваа одредба произлегува дека Уставот го гарантира правото на жалба против поединечните акти со што го обезбедува начелото на двостепеност на одлучувањето. Меѓутоа, Уставот не ги утврдува елементите и својствата на жалбата, односно не утврдува кој орган одлучува по жалбата, во кој рок и под кои услови може да се изјави жалба, ниту пак, какво дејство има жалбата. Со неуредувањето на ниту едно од наведените прашања, Уставот истите ги препуштил на законското уредување, односно го овлстил законодавецот да го утврди правното дејство на жалбата, односно нејзиното деволутивно дејство со тоа што по неа ќе одлучува друг орган.
Во тој контекст Судот ја имаше предвид одредбата од член 24 став (2) од Законот за организацијата и работа на органите на државната управа според која во состав на Министерството за труд и социјална политика се: Управата за прашања на борците и воените инвалиди и Државениот инспекторат за труд.
Врз основа на оваа законска одредба, односно поаѓајќи од фактот дека Државениот инспекторат за труд е во состав на Министерството за труд и социјална политика, Судот оцени дека законската одредба со која се предвидува по жалбата против решението на инспекторат за труд да одлучува министерот за труд и социјална политика, односно функционерот кој раководи со органот на управата, е во духот на уставната интенција за гаранција на начелото на двостепеност во одлучувањето.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.14/2002
26 февруари 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply