187/2002-0-0

187/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и ?лен 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 февруари 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување
а) уставноста на членот 12-а од Законот за изменување и дополнување на Законот за државните службеници (“Службен весник на Република Македонија” бр.34/2001) и
б) уставноста и законитоста на Правилникот за критериумите и стандардите како и за постапката за вработување и селекција на државните службеници (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2001).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување: уставноста на одредбата од Законот и уставноста и законитоста на Правилникот означени под а) и б) во точката 1 од ова решение.
Според наводите од иницијативата со оспорената одредба од Законот се овластувал Директорот на Агенцијата за државни службеници да донесе Правилник со кој ќе се утврдат критериумите и стандардите, како и постапката за вработување и селекција на државните службеници, па врз основа на ова овластување бил донесен второоспорениот акт. Меѓутоа, според иницијаторот овие акти не биле во согланост со Уставот на Република Македонија од причина што остварувањето на правата на вработените и нивната положба, согласно член 32 став 5 од Уставот се уредуваат со закон и колективните договори, а не со оспорената законска одредба и оспорениот Правилник.
Во иницијативата по однос на членовите 3, 4 и 5 од Правилникот, посебно се истакнува дека утврдувале што се подразбира под поимите: знаење, способност и достигнување, што не можело да спажа во делокруг на извршно-управната власт, туку таквата регулатива припаѓала во законодавната надлежност.
Бидејќи според иницијаторот, оспорената законска одредба ги повредувала: член 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 32 став 5, член 51, ?лен 68 став 1 алинеја 2, член 91 алинеја 1 и 5 и член 96 од Уставот, предлага поведување на постапка за оценување уставноста. По однос на оспорениот Правилник се предлага поведување на постапка за оценување на законитоста, бидејќи овој акт ги повредувал член 56 став 1 и ?лен 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.
3 . Судот на седницата утврди дека според содржината на член 12-а од Законот за изменување и дополнување на Законот за државните службеници (” Службен весник на Република Македонија” бр.34/2001), Агенцијата со правилник ги утврдува критериумите и стандардите како и постапката за вработување и селекција на државните службеници.
Во член 1 од оспорениот Правилник е определено дека, со овој правилник се утврдуваат критериумите и стандардите, како и постапката за селекција и вработување на државните службеници.
Од смислата на членот 2 од Правилникот, произлегува дека како критериуми и стандарди при вработувањето на државните службеници се применуваат: знаењето, способноста и достигнувањата. Членовите 3, 4 и 5 ги дефинираат поимите: знаење, способност и достигнување.
Понатаму, во членот 6 став 1 од Правилникот се опреде-лува кои се параметрите за утврдување на споменатите критериуми и стандарди од членовите: 3, 4 и 5 од Правилникот. Во ставот 2 на оваа одредба е регулирано кои елементи ја чинат основата за вреднување на знаењето, способноста и достигнувањата. Како посебни основи само по однос на знаењето и способноста, во членот 7 се определени остварените резултати од писмениот и практичниот дел на стручниот испит, според програмата за полагање на стручен испит.
членот 8 од Правилникот се занимава со прашањето на вреднува ње на знаењето, способностите и достигнувањата од членот 6 и резултатите од стручниот испит, па определува дека вреднувањето се врши во сооднос 30 :70.
Вреднувањето на знаењето, способностите и достигнува-њата до 30%, од претходната одредба, според членот 9 од Правилни-кот се изразува во бодови и тоа: до 19 бода за покажаниот успех во образованието (точка 1), до 17 бода за другите форми на образовни активности (точка 2), до 20 бода за постигнатите резултати и способно-сти покажани во претходното работење (точка 3) и до 10 бода за достигнувањата на полето на науката и културата (точка 4). При тоа бодовите кај покажаниот успех во образованието според степенот на образование и постигнатиот просек детално се дадени во то?ката 1 од оваа одредба и се движат од 19 до 8 бодови.
Во членовите 10, 11 и 12 од оспорениот Правилник се содржани одредби во врска со бодирањето на кандидатите за државни службеници, вршењето на нивната селекција и подведувањето на интервју по извршената селекција, што претставуваат активности на Комисијата за спроведување на стручниот и приправнички испит. За оваа комисија поблиско определување е содржано во членот 3 од Правилникот за начинот, постапката и критериумите за спроведување на стручниот и приправничкиот испит.
членот 13 од оспорениот Правилник се занимава со прашањето за објавувањето на јавен оглас, односно определува дека јавниот оглас го објавува Агенцијата за државни службеници и регулира што треба да содржи јавниот оглас. Според содржината на членот 14, кандидатите комплетната документација ја доставуваат до Комисијата.
Во член 15 став 1 од Правилникот е определно дека, одредбите од овој правилник за критериумите и стандардите не се однесуваат при вработувањето на помлад соработник и помлад референт. Во став 2 на оваа одредба е определено дека бодовите од точките 1 и 2 од членот 9 ќе се земат во предвид при селекција на кандидатите за вработување на споменатите две работни места.
Според член 16 од оспорениот Правилник, истиот влегува во сила од денот на објавувањето во “Службениот весник на РМ”. Правилникот е објавен на 8 август 2001 год. под број 59/2001.
4 . Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на власта на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.
Во член 51 од Уставот е определено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Со член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, во надлежност на Собранието на Република Македонија е определено донесувањето на закони и автентичното толкување на законите.
Владата на Република Македонија, согласно член 91 алинеја 1 и 5 од Уставот, помеѓу другото е надлежна за утврдување на политиката за извршување на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување и донесува уредби и други прописи за извршување на законите.
Во член 96 од Уставот е определено дека, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
Според содржината на член 51 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” ; бр.58/2000), со правилник се утврдуваат и разработуваат одделни одредби на законите и другите прописи заради нивно извршување.
Во член 61 став 1 од истиот Закон е определено дека, со актите што ги донесува министерот не може за граѓаните и други правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се предвидува надлежност на други органи. Во ставот 2 на истата одредба е содржано идентично ограничување и за актите што ги донесува директорот кој раководи со самостојниот орган на државната управа, односно со управната организација.
5. Иницијаторот смета дека оспорената законска одредба не е во согласност со: член 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 32 став 5, член 51, ?лен 68 став 1 алинеја 2, член 91 алинеја 1 и 5 и член 96 од Уставот.
Тргнувајќи од анализата на одредбите на Законот за државните службеници (” Службен весник на Република Македонија” бр.59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001 и 43/2002) произлегува дека овој закон поблиску ја уредува материјата за статусот, правата, должностите и одговорностите на државните службеници, како и системот на плати и надоместоци на плати за државните службеници.
Според содржината на ?лен 7 став 1 од Законот, за вршење на стручни, управни и други работи што се однесуваат на статусот, правата, должностите и одговорностите на државните службеници се основа Агенција за државни службеници, како самостоен државен орган со својство на правно лице. Во оваа одредба се определени надлежностите на Агенцијата, помеѓу кои спаѓаат: подготовка и донесување на прописи што се однесуваат на државните службеници за кои е овластена со закон, по претходно мислење од органите од член 3 став 2 на овој закон; развивање политика поврзана со вработувањето, селекцијата и престанокот на вработувањето, плати и надоместоци на плати, оценување, класификација и опис на работните места и дисципилинска одговорност; водење грижа за единствена примена на законите и прописите што се однесуваат на државните службеници.
Со оспорениот член 12-а од Законот за изменување и дополнување на Законот за државните службеници (“Службен весник на Република Македонија” бр.34/2001), предвидено е дека Агенцијата со правилник ги утврдува критериумите и стандардите како и постапката за вработување и селекција на државните службеници.
Тргнувајќи од фактот што Агенцијата за државни службеници е основана со Законот за државните службеници, како самостоен државен орган, со точно определени надлежности во членот 7 од Законот, Судот оцени дека овластувањето за донесување на Правилник за критериумите и стандардите како и за постапката за вработување и селекција на државните службеници дадено со оспорената одредба од измената на Законот, токму произлегува од карактерот на Агенцијата, како самостоен државен орган и од нејзините надлежности.
Од тука Судот по однос на наводот на иницијаторот дека правата и обврските на вработените не можат да се уредат со оспорената одредба од Законот оцени дека не е издржан. Ова од причина што токму членот 32 став 5 од Уставот инсистира остварувањето на правата на вработените и нивната положба да се уредуваат со закон и со колективен договор, а оспорениот член 12-а неспорно е законска одредба, донесена од страна на Собранието на Република Македонија, согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот.
Со оглед на фактот што овластувањето за донесување на оспорениот Правилникот е дадено во законска одредба, по оценка на Судот нема ни повреда на членот 96 од Уставот, кој бара органите на државната управа работите од својата надлежност да ги вршат во рамките на Уставот и законите. Од друга страна не само Владата на Република Македонија, туку и органите на државната управа се одговорни за извршувањето на законите, па не може да се прифати и наводот од иницијативата за несогласнот на оспорената законска одредба со членот 91 од Уставот.
Според сето наведено Судот заклучи дека нема ни повреда на принципите за владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, како темелни вредности на уставниот поредок, утврдени во членот 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот.
6. По однос на оспорениот Правилник иницијаторот наведува дека членовите 3, 4 и 5 не се во согласност со принципот за поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска, со оглед дека во овие одредби се вршело недозволено дефинирање на определени поими и како и тоа дека оспорениот Правилник ги повредувал членовите: 56 став 1 и 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.
Во оценката на основаноста на ваквите наводи, Судот тргна од содржината на член 51 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, од која одредба произлегува дека Правилникот е акт со кој се утврдуваат и разработуваат одделни одредби на законите и другите прописи заради нивно извршување. Од тука се постави прашањето дали оспорениот Правилник има функција на утврдување и разработување на одредбите на Законот за државните службеници кои ја регулираат материјата за критериумите и стандардите, како и постапката за селекција и вработување на државните службеници. Исто така се постави и прашањето дали со Правилник како подзаконски акт може да се врши дефинирање на одредени поими, како што наведува иницијаторот, или тоа е ис клучиво законска материја.
Според оценка на Судот појаснувањето на поимите: знаење, способност и достигнување во посебно оспорените членови: 3, 4 и 5 од Правилникот е во функција на разработка на одредбите на Законот, а со цел за нивно извршување и со таквата разработка не се навлегува во законодавната власт, како што тврди иницијаторот, па не може да се прифати наводот за несогласност на овие одредби со членот 8 став 1 алинеја 4 од Уставот.
Во поткрепа на ваквото становиште е и содржината на членот 79 до Законот за државните службеници, во чија смисла оценувањето на државните службеници се врши според податоците за стручното знаење и способноста во работата, залагањето, резултаите во работата, креативноста и совесноста при извршувањето на службените задачи, што претставуваат идентични поими како посебно акцентираните во членовите 3, 4 и 5 од Правилникот.
Според становиште на Судот членовите 6, 7, 8, и 9 од Правилникот ги разработуваат параметрите за утврдување на знаењето, способностите и достигнувањата, основата за нивното вреднување и соодветното бодирање за овие категории, па се утврди дека и овие посочени одредби на Правилникот се во функција на разработка и извршување на членот 79 од Законот за државните службеници.
Понатаму од анализата на членот 9 од Законот, произлезе дека оваа одредба ги регулира општите услови за засновање на работен однос на државниот службеник. Од анализата на членот 11 од Законот произлезе дека истиот определува дека вработувањето по правило се врши преку јавен оглас, а членот 12 го регулира прашањето за полагањето на стручниот испит пред надлежната Комисијата. Од тука Судот оцени дека членовите: 10 до 15 од оспорениот Правилник претставуваат разработка на споменатите законски одредби, со оглед дека поблиску го разработуваат праша-њето за постапката за вработување и селекција на државните службеници, односно се во функција на извршување на наведените законските одредби.
Врз основа на изнесеното, а разгледувајчи го оспорениот Правилник сумарно, Судот заклучи дека со него не се утврдуваат права и обврски за државните службеници навор од одредбите на Законот и не се определува надлежност на друг орган, па не може да се прифати и наводот од иницијативата за несогласност на Правилникот со членот 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа. Ова ако се има и во предвид фактот дека Правилникот не е акт донесен од министер на ресорно министерство, туку акт донесен од Директорот на Агенцијата за државни службеници, за кого пак важи истата забрана, но не од член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, на која одредба се заснова иницијативата, туку од член 61 став 2.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р С тојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Милан Недков и д-р ЈосифТалевски.

У. бр.187/2002
19 февруари 2003 год.
Скопје
дб

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply