103/2002-0-0

103/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 29 јануари 2003 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Правилникот за постапката и начинот за обезбедување на плаќање на даночен долг, односно даночна обврска, (“Службен весник на Република Македонија” бр. 25/01, 40/01 и 72/01)

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија постапувајќи по иницијативата поднесена од Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.103/2002 од 18 декември 2002 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и со закон.

4. Судот на седницата утврди дека оспорениот правилник е донесен од Министерот за финансии, а основ за неговото донесување се членовите 35 став 3 и 36 став 3 од Законот за утврдување и наплата на јавните приходи (“Службен весник на Република Македонија” бр. 13/2001).

Според членот 1, со овој правилник се пропишува постапката и начинот на обезбедување на плаќање во случај на одобрение на одлагање на извршување на решение за даночен долг до донесување на решение по жалба и во случај на одобрение на одложно плаќање на даночни обврски или плаќање на рати.

Понатаму, во наредните членови на Правилникот се утврдува најмалата висина на даночниот долг, односно даночната обврска над која Управата за јавни приходи може да го одложи извршувањето на решението, односно уплатата на даночната обврска (член 2), потоа се утврдува начинот на одложувањето (еднократно или на рати) како и рокот на плаќањето на рати зависно од висината на долгот (член 3), инструментите на обезбедувањето на плаќањето во случај на одобрување на одлагањето на извршувањето, односно плаќањето – со издавање банкарска гаранција или со уплата на готовински депозит, и сл.

5. Судот на седницата, исто така, утврди дека членовите 35 став 3 и 36 став 3 од Законот за утврдување и наплата на јавните приходи, со Одлука У.бр.229/2001 од 24 април 2002 година ги укинал, поради тоа што оценил дека овластувањето на министерот за финансии со свој акт да ја пропишува постапката и начинот на обезбедување на плаќање на даночниот долг, односно на даночната обврска, утврдено во овие два члена од Законот не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и 4 и член 98 став 5 од Уставот.

6. Имајќи предвид дека Уставниот суд на Република Македонија со Одлука У.бр. 229/2001 од 24 април 2002 година ги укинал членовите 35 став 3 и 36 став 3 од Законот за утврдување и наплата на јавните приходи, а овие членови од Законот се основ за донесување на оспорениот правилник, Судот утврди дека од денот на објавувањето на оваа одлука на Судот во “Службен весник на Република Македонија”, а тоа е 15 мај 2002 година, од кога одлуката произведува правно дејство, формално правно и фактички престанал и основот за донесување, односно постоење на овој правилник.

Бидејќи при ваква состојба на работите законското овластување на министерот за финасии за донесување на оспорениот правилник повеќе не постои, според Судот опстојувањето на овој правилник во правниот поредок на Република Македонија, во ситуација кога тој изрично не е дерогиран, односно укинат, не е во согласност пред сй со член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, според кој министерот донесува акти за извршување на законите кога за тоа е овластен со закон. Ова понатаму значи дека опстојувањето на оспорениот правилник истовремено не е во согласност и со член 8 алинеите 3 и 4, член 33, член 51, член 68 алинеите 2 и 3 и член 96 од Уставот на Република Македонија, во однос на кои членови се оспорува неговата уставност со оваа иницијатива.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.103/2002
29 јануари 2003 година
С к о п ј е
ла

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply