148/2002-0-0

148/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седниците одржани на 15 и 29 јануари 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 53 став 2, член 55 став 7, член 65, член 86 став 3, член 122, член 132 став 1 и 4 во делот
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од законот означен во точката 1 од ова решение. Иницијаторот наведува дека одредбите на членовите 53 став 2, 55 став 7, 65, 86 став 3, 132 став 1 и 4, во делот: “а министерот за одбрана за офицерите со чин мајор до полковник”, 137, 155, во делот: “со правилник ги утврдува министерот за одбрана” и 176 став 3 од Законот за служба во АРМ се неодржливи од уставно правен аспект, затоа што службеното оценување, унапредувањето на воените лица, кадровскиот совет во воените единици и установи, дисциплинската одговорност на воените лица, посебните специјалности од особено значење за Армијата и паричните награди, се од сверата на командувањето со Армијата и во Армијата, за која област е надлежен Претседателот на Републиката како врховен командант на вооружените сили на Македонија, а не министерот за одбрана, како што е тоа предвидено во оспорените одредби. Според член 18 став 1 точка 11 од Законот за одбрана, Претседателот на Република Македонија унапредува генерали. Според тоа, поблиски прописи за начинот на унапредување на офицери во генералски чин не би можел да донесува министерот за одбрана, а според кои прописи ќе постапува Претседателот на Републиката. Воената дисциплина, исто така, спаѓа во командувањето со Армијата и во Армијата, а што може да се заклучи од членовите 18 став 1 точка 9 и 28 од Законот за одбрана и членот 12 од Законот за служба во АРМ, поради што, министерот за одбрана не би требало да формира воено дисциплинска комисија ниту, пак, тој да ги изрекува дисциплинските мерки од став 1 на член 132 од Законот за служба во АРМ. Според тоа, со оспорените одредби, смета дека се повредуваат членовите 8 став 1 алинеја 3, 32 став 5, 51, 79 став 2 и 3, 84 алинеја 8, 91 алинеи 1 и 5 и 122 став 1 од Уставот на Република Македонија.
Понатаму, иницијаторот наведува дека членот 122 од Законот не може да егзистира во правниот поредок поради тоа што: 1) за повреда на воената дисциплина може да се смета единствено постапувањето на военото лице што е спротивно на прописите за вршење на воената служба, наредбите и другите акти на надлежните старешини но, не и секое друго постапување на военото лице надвор од службата, како што е тоа определено со оспорената одредба. 2) со оспорената одредба се предвидуваат правни последици по изречената судска пресуда, а кои последици конкретно не се утврдени во таа пресуда, со што се повредуваат темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска. 3) со оспорената одредба на военото лице повторно му се суди, и тоа не од суд, туку од друг ненадлежен орган за тоа, и тоа за дело за кое веќе бил суден од надлежен суд и за кое е донесена правосилна судска одлука. Според тоа, со оспорената одредба, смета дека се повредуваат членовите 8 став 1 алинеи 3 и 4, 9, 13 став 1, 14 став 2, 51, 54 став 1 и 98 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија.
Иницијаторот смета дека и членот 227 став 1 од Законот за служба во АРМ, според кој, решение за престанок на работниот однос на професионален војник и воен старешина донесува министерот за одбрана или од него овластено лице, не бил во согласност со Уставот. Иницијаторот наведува дека според член 18 став 1 точка 11 од Законот за одбрана, претседателот на Република Македонија разрешува генерали, а според член 26 точка 18 од истиот закон, Генерал – штабот на Армијата разрешува професионални војници и воени старешини заклучно со чин капетан. Според тоа, министерот за одбрана или од него овластено лице не може да донесува решение за престанок на работниот однос на професионалните војници и воени старешини заклучно со чин капетан и генерали.
3. Судот на седницата утврди дека според член 53 став 2
од Законот, поблиски прописи за оценување на воените лица донесува министерот за одбрана. Членот 55 став 7 од Законот утврдува дека поблиски прописи за оценување на воените лица во резервниот состав на Армијата донесува министерот за одбрана. Според член 65 од Законот поблиски прописи за начинот на унапредување на офицери и подофицери во непосредно повисок чин донесува министерот за одбрана. Согласно членот 86 став 3 од Законот начинот на работа и составот на кадровскиот совет го пропишува со посебен акт министерот за одбрана. Според членот 122 од Законот како повреда на воената дисциплина, во смисла на овој закон, се смета и секое постапување на воено лице надвор од службата кое е неспоиво со вршење должност воено лице, за што му е изречена правосилна судска пресуда, а особено: 1) извршување кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку шест месеца; 2) предизвикување национална, расна или верска нетрпеливост и постапување против уставното уредување на Република Македонија или против мерките за одбрана и безбедност на Републиката; 3) потешка повреда на јавниот ред и мир и 4) друго постапување спротивно на прописите со кое се нанесува штета на угледот на Армијата. Според член 132 став 1 од Законот за спроведување на постапката за утврдување дисциплинска одговорност на професионални војници, подофицери и офицери за повреди на воената дисциплина за кои може да се изречат дисциплинските мерки: забрана за унапредување во повисок чин за една година за подофицери и офицери, враќање на должност со непосредно понизок чин до две години, одземање на чинот за подофицери и офицери и враќање во претходниот чин, престанок на работниот однос и губење на чин, министерот за одбрана формира воена дисциплинска комисија, а според став 4 на овој член врз основа на предлог на воената дисциплинска комисија, началникот на Генералштабот на Армијата ги изрекува дисциплинските мреки од став 1 на овој член на професионалните војници, подофицери и офицери до чин капетан, а министерот за одбрана за офицерите со чин мајор до полковник. Членот 137 од Законот утврдува поблиски прописи за дисциплинската одговорност на воените лица донесува министерот за одбрана. Според член 155 од Законот посебните специјалности од особено значење за Армијата, работните места (должности) и висината на износот на додатокот на плата од членовите 150, 151 и 152 на овој закон во зависност од условите под кои се вршат должностите, на предлог на началникот на Генералштабот на Армијата, со правилник ги утврдува министерот за одбрана. Според член 176 став 3 од Законот поблиски критериуми за доделување на парична награда од ставовите 1 и 2 на овој член утврдува министерот за одбрана. Според членот 227 став 1 од Законот, решение за престанок на работниот однос на професионален војник и воен старешина донесува министерот за одбрана или од него овластено лице.
4. Според член 122 став 2 од Уставот, одбраната на Републиката се уредува со закон.
Членот 1 од Законот за одбрана утврдува дека, одбраната на Република Македонија се организира како систем за одбрана на независноста и територијалниот интегритет на Републиката. Одбраната ја остваруваат граѓаните, органите на државната власт и вооружените сили како Армија на Република Македонија.
Со овој Закон се утврдуваат надлежностите во остварувањето на одбраната на претседателот на Републиката и врховен командант на Армијата, како и надлежностите на Министерството за одбрана.
Со Законот за служба во Армијата на Република Македонија се уредуваат статусот, правата, должностите и одговорностите на лицата во служба на Армијата, како и системот на плати и надоместоци на плати и други прашања во врска со службата во Армијата.
Законот го уредува службеното оценување на воените лица во постојаниот и во резервниот состав на Армијата, и тоа целта на оценувањето, периодот на оценување, податоците врз чија основа се врши оценувањето, степените со кои се врши оценувањето, како и се определуваат лицата кои се надлежни да го вршат оценувањето. Со оспорените член 53 став 2 и член 55 став 7 од Законот се определува дека министерот за одбрана ќе донесе поблиски прописи за оценувањето на воените лица. Со тоа се дава можност министерот за одбрана поблиску да го пропише начинот на постапување при спроведувањето на постапката пропишана во Законот за оценување на воените лица, кој акт по својата содржина не би можел да претставува надлежност на претседателот на Републиката како врховен командант на Армијата, со ингеренции во одбраната утврдени со Законот за одбрана.
На ист начин во Законот се уредува и унапредувањето на воените лица во Армијата (членови 56-72), со тоа што се утврдуваат условите кои треба да се исполнат за унапредување во повисок чин, како и се утврдува постапката за унапредување-постоење на комисија која ќе предлага ранг-листата на кандидати за унапредување во повисок чин (заклучно со чин полковник). Оваа комисија не е надлежна за предлагање ранг-листа на кандидати за унапредување во генералски чинови. Унапредувањето во генералски чинови е во законска надлежност на претседателот на Републиката, што е утврдено со член 18 од Законот за одбрана. Согласно член 65 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, поблиски прописи за начинот на унапредување на офицери и подофицери во непосредно повисок чин донесува министерот за одбрана. Тоа е материја која по својата природа има карактер на акт со кој би се пропишал начинот на работење на комисијата за унапредување на воените лица, а кој акт по својата содржина не би можел да биде во надлежност на претседателот на Републиката како врховен командант на Армијата, со ингеренции во одбраната утврдени со Законот за одбрана.
Со членот 86 од Законот се утврдува постоење на кадровски совет како советодавно тело на воениот старешина – командант на баталјон, нему рамен или повисок воен старешина, каде се разгледуваат кадровски прашања за професионалните војници и воени старешини и се дава мислење на надлежниот старешина за тие прашања. Согласно став 3 на овој член, начинот на работа и составот на кадровскиот совет со посебен акт го пропишува министерот за одбрана. Со овој посебен акт всушност се утврдува начинот на работа на едно помошно тело кое има со закон точно определени советодавни надлежности, и по својата природа не би можело да биде предмет на надлежност на претседателот на Републиката како врховен командант на Армијата.
Со член 132 од Законот се утврдува постоење на единствена воена дисциплинска комисија која ја формира министерот за одбрана и која е надлежна за спроведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност на професионални војници, подофицери и офицери заклучно со чин полковник. Врз основа на предлогот на оваа комисија, началникот на Генералштабот на Армијата ги изрекува дисциплинските мерки на професионалните војници, подофицери и офицери до чин капетан, а министерот за одбрана за офицерите со чин мајор до полковник. При тоа, треба да се има предвид определбата во Законот за одбрана, според која министерот за одбрана поставува, унапредува и разрешува воени старешини на должности за кои е предвиден чин мајор до полковник (член 20 точка 20), а началникот на Генералштабот на Армијата поставува, унапредува и разрешува професионални војници и воени старешини заклучно со чин капетан (член 26 точка 18). Оттука е неиздржано претседателот на Републиката, како врховен командант на Армијата, да ја формира оваа дисциплинска комисија, врз чиј предлог началникот на Генералштабот или министерот за одбрана ќе донесуваат соодветни решенија за дисциплинската одговорност на професионалните војници и воени старешини заклучно со чин полковник.
Во оваа смисла со член 137 од Законот се утврдува надлежност на министерот за одбрана да донесе пропис со кој ќе се разработи постапката за утврдување на дисциплинската одговорност пред надлежните воени старешини на командни должности и пред Воената дисциплинска комисија. Овој пропис по својата природа и содржина не би можело да биде предмет на надлежност на претседателот на Републиката како врховен командант на Армијата.
Понатаму во Законот се утврдува систем на плати и надоместоци на плати за воените лица на служба во Армијата. Се утврдува дека платата се состои од основна плата и додатоци на основната плата. Основната плата се определува според чинот, должноста на военото лице, работното искуство и армискиот додаток, кои елементи во целост се утврдени со Законот. Додатоците на основната плата ги сочинуваат: додадток за вршење специфична воена служба, додаток за вршење служба со висок ризик, додаток за вршење трупна служба, додаток за посебен степен на образование и додаток за застапување, при што во Законот се определува максималниот број на бодови во чија висина додатоците можат да се движат. Согласно член 155 од Законот, посебните специјалности од особено значење за Армијата, работните мста (должности) и висината на износот на додатокот на основната плата, на предлог на началникот на Генералштабот на Армијата, со правилник ги утврдува министерот за одбрана. Притоа треба да се има предвид дека со овој правилник министерот ги определува посебните специјалности од особено значење за Армијата и работните мста (должности) само од аспект на додатоци на основната плата, а со актот за формација на Армијата претседателот на Републиката ја пропишува формацијата на Армијата, односно ги определува сите посебни специјалности и должности кои постојат во Армијата. Поради тоа, висината на додатоците на основната плата, како право што произлегува од работниот однос, единствено може да биде во надлежност на министерот за одбрана, кој раководи со Министерството за одбрана со кое е заснован работниот однос на воените лица.
Со членот 176 од Законот е пропишано дека на професионален војник и воен старешина кој со посебно ангажирање и квалитет во извршувањето на работата ќе оствари особени резултати во службата, може да му се додели парична награда во износ до две негови плати, при што за наградата до висина на една плата одлучува началникот на Генералштабот на Армијата, а за награда до висина на две плати одлучува министерот за одбрана. Според став 3 на овој член, поблиски критериуми за доделување на паричната награда утврдува министерот за одбрана. Со оглед дека во Законот се утврдени критеримите за доделување на парична награда -–посебно ангажирање и квалитет во извршувањето на работата со што се остваруваат особени резултати во службата, основано е утврдена надлежност на министерот да донесе правилник со кој ќе ги разработи поблиску наведените криериуми. При тоа треба да се прави разлика меѓу паричната награда што се пропишува со овој член и доделувањето на признанија (одликувања, плакети, значки, награди и пофалниц и) за постигнат исклучителен успех во службата, што како право се утврдува со член 23 од Законот, според кој член поблиски прописи за доделување на овие признанија донесува претседателот на Републиката.
Врз основа на наведеното, Судот оцени дека се неосновани наводите во иницијативата за тоа дека донесувањето на поблиски прописи за оценувањето, унапредувањето, дисциплинската одговорност, додатоците на основната плата или паричната награда на воените лица, во случаи кога сите овие институти се утврдени со Законот, претставуваат елементи од сферата на командување со Армијата, за која област, согласно член 79 став 2 од Уставот на Република Македонија, е надлежен претседателот на Републиката како врховен командант на Армијата, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.
Во однос на наводите во иницијативата со кои се оспорува членот 122 од Законот за служба во Армијата, Судот оцени дека наводите се неосновани од следните причини:
Со Законот се утврдува дисциплинска одговорност на воените лица за повреда на воената дисциплина. Како повреда на воената дисциплина се смета постапување на воено лице што е спротивно на прописите за вршење на воената служба, наредбите и другите акти на надлежните старешини (наведени се 18 случаи), како и секое постапување на воено лице надвор од службата кое е неспоиво со вршење на должност воено лице, а за што на военото лице му е изречена правосилна судска пресуда, а особено за: 1) извршување кривично дело за кое е предвидена ка зна затвор од најмалку шест месеца; 2) предизвикување надионална, расна или верска нетрпеливост и постапување против уставното уредување на Република Македонија или против мерките за одбрана и безбедност на Републиката; 3) потешка повреда на јавниот ред и мир и 4) друго постапување спротивно на прописите со кое се нанесува штета на угледот на Армијата. Согласно член 121 став 3 од овој закон, одоговрноста за сторено кривично дело односно прекршок не ја исклучува дисциплинската одговорност на военото лице. При тоа треба да се има предвид дека изречната правосилна судска пресуда за казниви дела во смисла на овој член од Законот не значи по автоматизам изрекување на дисциплинска мерка на сторителот, но остава можност да се цени дали има место на сторителот да му се изрече дисциплинска мерка пропишана со овој закон, се со цел заштита на угледот на професионален војник и воен старешина, односно заштита на угледот на Армијата (на пр. да се оцени дали заслужува да остане на служба како воен старешина, или да го задржи чинот како главна одлика на воено лице, лице кое е осудувано за пуштање во промет на наркотични дроги, насилство, предизвикување национална и друга дискриминација и сл.).
Оттука Судот оцени дека со оспорениот член 122 од Законот не се предвидува правна последица по изречена судска одлука, бидејќи во овој член точно се наведуваат кривичните дела кои го прават военото лице неподобно за вршење на неговата функција. Значи судската одлука може да биде основ и за дисциплинска одговорност на воено лице доколку се утврди дека со извршувањето на кривичното дело за кое е осудено военото лице, се доведува во прашање угледот на Армијата односно дека извршеното дело го прави военото лице неподобно (недостојно) и понатаму да биде воено лице. Тоа пак, секако не значи дека военото лице е двапати судено за едно исто сторено дело како што смета иницијаторот, бидејќи лицето е осудено сао за она дело за кое судот донесол пресуда. Дали по донесувањето на судската пресуда военото лице ќе одговара и дисциплински е предмет на оценка и целата дисциплинска постапка ќе се одвива во министерството за одбрана во согласност со закон и со прописот за дисциплинска одговорност на воените лица донесен од министерот за одбрана.
Поради тоа Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 122 од Законот со Уставот.
Согласно член 3 од Законот за служба во АРМ, служба во Армијата вршат воени и цивилни лица. Воени лица во смисла на овој закон, меѓу другите, се воени старешини – офицери и подофицери и професионални војници.
Според член 4 став 2 од овој закон, служба во Армијата со засновање работен однос во министерството за одбрана вршат офицери, подофицери и професионални војници.
Оспорениот член 227 став 1 е во делот од Законот кој се однесува на престанок на работниот однос на професионален војник и воен старешина.
Имајќи предвид дека воените старешини – офицери и подофицери како и професионалните војници службата во Армијата ја вршат со засновање на работен однос во Министерството за одбрана, логично произлегува дека решение за престанок на работниот однос на воен старешина односно на професионален војник донесува министерот за одбрана како старешина на органот или од него овластено лице.
Според Судот иницијаторот оспорувајќи го членот 227 став 1 не ја имал предвид содржината на законот во целина поради што неправилно заклучил дека министерот за одбрана или од него овластено лице може да носи решение за престанок на работниот однос и на лица кои не се во работен однос во Министерството за одбрана.
Поради тоа, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 227 став 1 од Законот со член 8 став 1 алинеја 3, член 79 став 2 и член 122 од Уставот.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.148/2002
15 и 29 јануари 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов

Leave a Reply