155/2002-0-0

У.бр.155/2002

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 декември 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Член 66 став 2 од Законот за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.44/95, 24/96, 34/96, 35/97, 82/99 и 29/2002).
2. Слободан Тушев, Марика Тушева, Марика Депова и Стојко Кодев, вработени во Основно училиште “Коста Рацин” с. Подареш и Основно Училиште “Кирил и Методиј” с. Ораовица, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение. Иницијаторите сметаат дека со оспорениот член е повреден принципот на еднаквоста на граѓаните, поради тоа што на наставниците со завршена ССП-учителска школа им било ускратено правото да изведуваат одделенска настава. Понатаму наведуваат дека повеќето од нив се пред пензија и дека се чувставуваат безвредни иако со квалификациите што ги имаат, до сега извеле на прав пат огромен број на ученици.
3. Судот на седницата утврди дека Според членот 66 став 2 од Законот за основното образование, учител односно наставник во одделенска настава може да биде лице со завршено соодветно високо, односно више образование.

4. Согласно членот 9 став 2 од Уставот граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Со Законот за основно образование се уредува дејноста на основното образование како дел од единствениот воспитно-образовен систем.
Во делот од Законот кој се однесува на наставниците, стручните работници и воспитувачите е и оспорената одредба со која се прецизира профилот на наставниот кадар кој може да биде учител, наставник, стручен работник и воспитувач во основното училиште.
Со оглед на тоа што Законот предвидел дека учител односно наставник во одделенска настава може да биде лице со завршено соодветно високо односно више образование, произлегува дека лицата со завршена учителска школа не ги исполнуваат условите предвидени со Законот.
Оттука, оспорената одредба сама за себе не создава нееднаквост меѓу наставниот кадар бидејќи со неа се регулира степенот на потребното образование што треба да го имаат учителите односно наставниците во одделенската настава и се однесува за сите нив подеднакво.
На досегашните учители односно наставници во одделенска настава кои имале завршено учителска школа и кои не ги исполнуваат бараните законски услови не им престанува работниот однос во училиштата туку тие се распоредуваат на други работни места, доколку не исполнуваат услови за остварување на право на пензија.
За одбележување е што во основниот текст од Законот за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.44/95), е предвидено дека постојниот кадар во одделенска настава со завршена учителска школа и натаму ги врши работите на работните места на кои се затекнати при влегувањето во сила на овој закон.
Меѓутоа со Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр .29/2002), оваа одредба се брише.
Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека е право на законодавецот да го определи степенот на потребното образование на наставниот кадар во основното образование како и да дозволи или да не дозволи натамошно изведување на наставата од страна на у чители односно наставници кои немаат завршено соодветно образование. При тоа, законската одредба се однесува за сите учители односно наставници подеднакво од што произлегува дека оспорената одредба не создава нееднаквост во смисла на член 9 став 1 од Уставот, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и су диите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р ЈосифТалевски.
У. бр. 155/2002
18 декември 2002 год.

дб

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply