Решение У.бр.94/2001

У.бр.94/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 25 септември 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 10 став 2 алинеја 3 од Законот за судовите (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/95).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставнсота на член 10 став 2 алинеја 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорената одредба се уредувало судовите да судат и според начелото на правичност, што не било во согласност со член 98 став 2 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 10 став 2 од Законот, постапката пред судот се заснова покрај другите дванаесет начела и на начелото на правичност, а според ставот 3 од овој член на Законот, со законите за одделните постапки поблиску се уредуваат начелата на постапките, начините на нивното остварување и евентуалното отстапување кај одделни начела.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Тргнувајќи од фактот дека Уставниот суд, постапувајќи по предметот У.бр.20/96, со Решение од 3 јули 1996 година веќе се произнел во однос на уставноста на член 10 став 2 од Законот за судовите, во кој едно од начелата на кои се заснова постапката пред судот е и начелото на правичност и притоа Судот не повел постапка за оценување уставноста на оваа одредба, како и од тоа дека подносителот на иницијативата на оспорената одредба и дава поинаква содржина од тоа што таа ја има (одредбата не содржи обврска судовите да судат и според начелото на правичност, туку дека постапката пред судот, покрај другите дванаесет начела, се заснова и на начелото на правичност), Судот оцени дека за истата работа веќе одлучувал и не наоѓа основи за поинакво одлучување, односно не е надлежен да одлучува за барањето, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.94/2001
25 септември 2002 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply