116/2002-0-0

116/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 18 септември 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Стратегијата за интеграција на Република Македонија во НАТО (“Службен весник на Република Македонија” бр.51/98 и 55/98).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Стратегијата означена во точката 1 од ова решение, затоа што Владата на Република Македонија немала правен основ и надлежност за донесување на оспорената стратегија, така што, со пречекорување на нејзината надлежност се повредувале член 8 алинеја 3 и 4, член 51, член 68 став 1 алинеја 9, член 91 алинеја 5 и 9 и член 121 од Уставот, како и член 46 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот документ, во пет посебни делови се наведуваат информативно-аналитички, статистички и други содржини преку кои се изразува подготвеноста на Република Македонија за приближување кон евроатлантските интеграции, вклучувајќи го и нејзиното интегрирање во НАТО како крајна цел. Имено, покрај предговорот, во документот се наведуват факторите на политичката безбедност, активностите на државата (во однос на изградбата на концептот на индивидуални човекови права, добрососедските односи, регионалните иницијативи, мерките на глобален план), определбата на Република Македонија за НАТО и натамошните активности и перспективи. Како прилози на документот, се дава изјавата на учесниците во дијалогот на претседателот на Република Македонија Киро Глигоров со лидерите на политичките партии, и Податоците за статусот на Република Македонија во однос на некои од конвенциите за разоружување и безбедност.

Стратегијата за интеграција на Република Македонија во НАТО, всушност претставува документ, кој ги одразува погледите и ставовите што имаат за цел да обезбеди оптимален начин за приближување и интегрирање на нашата земја во НАТО.

4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тргнувајќи од содржината на наведените одредби, а имајќи ја предвид содржината на оспорениот документ, според мислењето на Судот, тој не претставува пропис во смисла на членовите 51 и 110 од Уставот и не е подобен за уставно-судска оцена, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен МИхајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.116/2002
18 септември 2002 година
С к о п ј е
лк.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply