67/2002-0-0

У.бр.67/2002-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 јули 2002 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/02).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Димитрија Атанасовски, адвокат од Скопје, со Решение У.бр.67/2002 година од 5 јуни 2002 година поведе постапка за оценување уставноста на член 3 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со одредбите на Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 166 став 1 од Законот за облигационите односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.18/01), за штета настаната од смрт, телесна повреда или оштетување, односно уништување на имотот на физичко или правно лице, поради акти на насилство или терор, како и при јавни демонстрации и манифестации одговара државата. Според ставот 2 од овој член, организаторите, учесниците, поттикнувачите и помагачите во актите на насилство или терор, во јавните демонстрации и манифестации, што се насочени кон подривање на уставното уредување немаат право на надомест на штета според оваа основа, а според ставот 3 на овој член од Законот, државата има право и обврска да бара надомест на исплатениот износ од лицето кое ја предизвикало штетата.

Според член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/02), што е предмет на оспорување, во членот 166 ставовите 1 и 3 зборот “државата” се заменува со зборовите: “единиците на локалната самоуправа во која е настаната штетата”.

5. Според член 8 став 1 алинеја 4 и 9 од Уставот, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и локалната самоуправа, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, а според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 61 став 1 од Уставот, Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавна власт на Републиката, според член 88 од Уставот, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт и своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и закон, а според член 91 алинеја 1 од Уставот, Владата ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување.

Според Амандман XVII точка 1 на Уставот со кој е заменет ставот 1 на член 115 од Уставот, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон. Според член 115 став 2 од Уставот, општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и закон, а надзорот врз законитоста на нејзината работа го врши Републиката, а според ставот 3 од овој член на Уставот, Републиката со закон може да довери вршење на определени работи на општината.

Со член 122 став 1 од Уставот се уредува дека вооружените сили на Република Македонија го штитат територијалниот интегритет и независноста на Републиката.

Со Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/02), меѓу другото, се утврдуваат надлежностите на општината, кои како збир на работи од јавен интерес од локално значење кои општината, во согласност со закон, има право да ги врши на своето подрачје и е одговорна за нивното вршење. Во листата на надлежности утврдена со член 22 од овој закон, воопшто не се поместени прашања, односно не се содржани работи што се однесуваат на заштитата од насилство или терор, јавните демонстрации и манифестации. Што се однесува до делгираната надлежност, согласно член 23 од овој закон, органот на државната управа може да го делегира извршувањето на определени работи од своја надлежност на градоначалникот, во согласност со закон, при што се пренесуваат и средствата предвидени во Буџетот на Република Македонија за извршување на тие работи, а органот на државната управа е супсидијарно одговорен за извршувањето на делегираните работи.

Тргнувајќи од анализа на напред наведените уставни и законски одредби, според мислењето на Судот, прашањата што се однесуваат на заштитата од насилство или терор, јавните демонстрации и манифестации што се насочени кон подривање на уставното уредување, се класични државни функции во надлежност на Републиката, а не на единиците на локалната самоуправа, па според тоа и одговорноста за надомест на штета настаната од смрт, телесна повреда или оштетување односно уништување на имотот на физичко или правно лице, поради акти на насилство или терор, како и при јавни демонстрации и манифестации, не може да биде на товар на единиците на локалната самоуправа во која е настаната штетата, туку на товар на државата, како што, всушност било утврдено и во основниот текст на Законот за облигационите односи.

Со оспорената одредба не се исклучени елементите кои доведуваат до нарушување на уставната положба и правата на општината утврдени со Уставот, а воедно таа содржи во себе и елементи на нееднаквост на граѓаните имајќи предвид дека надоместувањето на штетата од наведените дејства се определува според општината каде е настаната штетата, што ќе зависи и од материјалната можност на општината, што индиректно значи дека можноста граѓанинот да биде заштитен и соодветно обештетен ќе зависи од општината, а не од неговата еднаква положба на територијата на Република Македонија.

Врз основа на наведеното, Судот оцени дека оспорената одредба на член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи не е во согласност со напред наведените одредби од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.67/2002
17 јули 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply