60/2002-0-0

60/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 3 јули 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 5 став 4 од Правилникот за квалитетот на освежителните безалкохолни пијачки, донесен од директорот на Сојузниот завод за стандардизација на 12 септември 1983 година во согласност со претседателот на Сојузниот комитет за труд, здравство и социјална заштита и со Сојузниот секретар за пазар и општи стопански работи (“Службен лист на СФРЈ”бр.52/83 и 56/83).

2. ДООЕЛ “Интелект- протект” од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одредбата од Правилникот означена во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата, производителот на “готов” освежителен безалкохолен пијалок, во кој е содржан “одреден овошен удел”, има право да го заштити својот производ преку стоковен жиг во кој е прикажано и природното овоштие, што произлегувало од член 47 став 2 на Уставот, како и членовите 1, 6, 21, 22 и, особено, од член 37 на Законот за индуструската сопственост (“Службен весник на Република Македонија”бр.42/93), поради што оспорената одредба од Правилникот не била во согласност со наведените уставни и законски одредби. Едновремено, со иницијативата се бара Судот привремено да го запре применувањето на одредбата од Правилникот, со цел да се спречи настанување штетни последици од нејзината примена.

3. Судот на седницата утврди дека Правилникот како целина е посветен на определувањето на минималните особини кои мораат да ги содржат освежителните безалкохолни пијалоци и сирупите, прашоците и пастилите за тие пијалоци, како и минималните правила за надзор и контрола на квалитетот на тие производи (член 1 од Правилникот). Притоа, Правилникот дава прецизни дефиниции за тоа што се подразбира под освежителни безалкохолни пијалоци (член 10 од Правилникот), што под сирупи за освежителни безалкохолни пијалоци (член 53 од Правилникот), а што под прашоци и пастили за освежителни безалкохолни пијалоци (член 57 од Правилникот). Понатаму , Судот утврди дека за секој од наведените видови пијалоци Правилникот ги определува основните и дополнителни состојки на пијалокот. Така “готовите” освежителни безалкохолни пијалоци (не треба да се раствораат), според состојките, можат да бидат од 6 вида (со овошен сок, од база, од растителни екстрати, од жита, ароматизирани и со сода-вода), при што Правилникот го определува составот на секој од 6-те вида “готов” освежителен безалкохолен пијалок. Покрај тоа, пред да се пушти во промет секој производ, тој мора да ги исполнува и следните критериуми – (1) мирисот, вкусот и бојата да се својствени на овошјето чиј овошен сок е застапен во производот; (2) да содржи најмалку 8% сува материја, мерено на 20°С; (3) да содржи најмалку 10% матичен овошен сок, (4) да не содржи повеќе од 0,5% етанол; . . – член 14 од Правилникот.

Оттука, Судот оцени дека Правилникот е посветен на квалитетот на “вештачките” сокови, а не на 100% природните сокови.

Судот, исто така, утврди дека оспорената одредба на член 5 став 4 од Правилникот предвидува дека “Истакнување на слика, ознака или цртеж на овошје застапено во освежителна безалкохолна пијачка, прашок или пастили за освежување на безалкохолна пијачка не е дозволено.

Според тоа, Судот оцени дека на “вештачките”сокови не може да се ставаат слики, знаци или цртежи на “природно” овоштие.

Инаку, според сегашниот Закон за стандардизација (“Службен весник на Република Македонија”бр.23/95) прописите и стандардите донесени по претходните закони остануваат во важност до донесување други такви акти, со тоа што дотогаш кратенката ЈУС (југословенски стандард) се заменува со кратенката МКС (македонски стандард) – член 93 од Законот.

4.Тргнувајќи од тоа дека-неможноста на “вештачките” сокови да се стават знаци од “природни” овоштија е заради правилно информирање на граѓаните-потрошувачи околу тоа што купуваат и консумираат (поради што стоковиот жиг може да биде ограничен во таа смисла да не може да содржи одреден знак – член 23 став 1 точка 5 од Законот за индустриска сопставеност), како и дека произведителите ги имаат на располагање сите други знаци кои можат да ги стават на својот производ за да се разликува од другите производи и за да се сочува неговата репутација при конкуренцијата (со тоа што тој знак треба да се разликува од претходно одобрените знаци), Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од член 5 став 4 на Правилникот со наведените уставни и законски одредби.

Поради тоа, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Во однос на барањето за времена мерка, Судот утврди дека не се исполнети условите за нејзино изрекување, предвидени во член 27 став 1 од Деловникот на Судот, со оглед дека од оспорената одредба не можат да настанат штетни последици.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У. бр. 60/2002
3 јули 2002 год.
Скопје
д.б.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply