41/2002-0-0

41/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 јуни 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Законот за данок на финансиски трансакции (“Службен весник на Република Македонија” бр. 49/2001, 103/2001 и 9/2002).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.

Иницијаторот смета дека во државата не била прогла-сена воена состојба па да се воведува посебен данок, поради што оспорениот Закон не бил во согласност со членовите 8 став 1 алинеја 3 и 51 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека со член од оспорени-от Закон е уредено дека со овој закон се воведува данок на финансиски трансакции. Понатаму, Законот содржи одредби во врска со предметот на оданочување, даночни ослободувања, даночен обврзник, даночна основа, настанување на даночна обврска, даночни стапки, наплата на данокот, евиденциски обврски, контрола и казнени одредби и завршни одредби.

4. Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони.

Од изнесените уставни одредби недвосмислено произлегува дека сите даноци вклучувајќи го и данокот за финансиски трансакции мора да биде утврден со закон и дека законот го носи Собранието на Република Македонија како носител на законодавната власт на Републиката.

Поради нарушената безбедносно политичка состојба во земјата и поради воените дејствија, а во функција на ублажување на буџетскиот дефицит предизвикан од овие настани, законодавецот оценил дека е потребно да се обезбедат дополнителни буџетски приходи преку нови извори на финансирање. За таа цел е воведен данокот на финансиски трансакции исклучиво како мерка на фискалната политика.

Оттука Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот Закон со уставниот принцип за владеење на правото, а уште помалку со членот 124 од Уставот во кој е уредено настапувањето на воена состојба и нејзиното прогласување и предлагање, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр. 41/2002
26 јуни 2002 год.
С к о п ј е
л.а

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply