76/2002-0-0

76/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 19 јуни 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 47 став 3 од Законот за здруженијата на граѓани и фондациите (“Службен весник на РМ” бр. 31/98), во делот “статутот и програмата”.

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на дел од одредбата на Законот означена во точката 1 од ова решение, затоа што со него се овластувал основниот суд да ја оценува уставноста на програмите и статутите на здруженијата на граѓаните и фондациите, иако таа материја е во надлежност на Уставниот суд согласно член 110 алинеја 7 од Уставот, поради што оспорениот дел од законската одредба не бил во согласност со тој член од Уставот. Покрај тоа, законската одредба ги повредувала и уставните одредби на член 8 став 1 алинеите 1 и 3 (основните слободи и права на човекот и граѓанинот и владеењето на правото), член 20 (слободата на политичкото здружување), член 51 (законите да мораат да бидат во согласност со Уставот) и член 54 став 1 (слободите и правата да можат да се ограничат само во уставно определени случаи), бидејќи ги ограничувала или спречувала граѓаните слободно да основаат здруженија и фондации надвор од ситуацијата кога Уставниот суд тоа нема да го дозволи поради неуставна програма или статут.

3. Судот на седницата утврди дека со член 47 став 3 од Законот се определува дека “Судот (основниот суд – член 43 став 1) нема да изврши упис во регистарот ако утврди дека целите и дејствувањето, актот за основање, статутот и програмата на здружението на граѓани и фондацијата не се во согласност со членовите 3 и 4 на овој закон”.

Во член 3 од Законот е предвидено дека “здруженијата на граѓани и фондациите не можат да вршат политички активности или да го користат својот имот или средства за остварување на цели на политичките партии” (став 1), при што “како политичка активност во смисла на овој член се подразбира директно учество во изборната кампања или собирање на средства за изборната кампања и финансирање на политичките партии” (став 2).

Во член 4 од Законот е предвидено дека “Програмите и дејствувањето на здруженијата на граѓани и фондациите не можат да бидат насочени кон:
– насилно уривање на уставниот поредок на Републиката,
– поттикнување или повикување на воена агресија и
– разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост”.

Од означените законски одредби, според мислењето на Судот, произлегува дека основните судови се овластени да ја оценуваат законитоста на статутите и програмите на здруженијата во основање од ограничувачките уставни аспекти за да се изврши нивен упис во судски регистар, а не уставноста на статутите и програмите на здруженијата во основање. Во таа смисла, законската одредба не значи повреда на слободата на здружување и дејствување бидејќи за да може да се остварува таа слобода, на неа и претходи регистрацијата. Покрај тоа, така разбрана законската одредба не значи навлегување на основните судови во делокругот на Уставниот суд , ниту, пак, повреда на другите вредности наведени во иницијативата – владеење на правото, …

Со оглед на изнесеното, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел од член 47 став 3 на Законот со уставните одредби наведени во иницијативата, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.76/2002
19 јуни 2002 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply