42/2002-0-0

42/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 јуни 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставност на Законот за утврдување и наплата на јавните приходи (“Службен весник на РМ” бр.13/2001) во целост и посебно оспорените членови 37 до 62 од истиот Закон.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот за поведување постапка за оценување уставност на членовите: 34 став 2, 35 став 3 и 36 став 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставност на Законот за утврдување и наплата на јавните приходи (“Службен весник на Република Македоија” бр.13/2001) во целина и посебно членовите: 35 став 3, 36 став 3, и од 37 до 62.

Според наводите од иницијативата оспорениот Закон засегнувал во уредувањето на прашањата од извршната судска постапка, а посебно оспорените членови 37 до 62, што не било во согласност со членовите: 8 став 1 алинеја 3 и 4, 51 и 98 став 1, 2 и 5 од Уставот на Република Македонија.

Исто така се наведува дека со оспорените членови: 35 став 3 и 36 став 3 од Законот, на министерот за финансии му била дадена законска надлежност, што не било во согласност со членот 68 став 1 алинеја 2 и членот 96 од Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека во општите одредби на оспорениот Закон е предвидено, овој Закон да ја уредува постапката за утврдување и наплата на јавните приходи, како и делокругот на работата, овластувањата и организацијата на Управата за јавни приходи, потоа е предвидено овој Закон да се однесува на сите видови даноци и други јавни приходи пропишани со закон, освен на увозните давачки што ги наплатува царинскиот орган. Општите одредби содржат и дефиниции и значење на поимите употребени во Законот.

Во делот втори од Законот се уредени прашањата за статусот и организацијата, делокругот на работа и средствата за работа на Управата за јавни приходи, потоа се уредуваат праша-њата за регистрација на даночните обврзници, даночната пријава и даночната евиденција. Овој дел го регулира и прашањето за доверливоста на податоците и содржи посебни одредби со кои се определува неспоивост на функциите на вработен во Управата за јавни приходи со други функции во работата во органи на трговски друштва и други функции и дејности што се неспоиви со работата на органот за јавни приходи. Потоа е предвидена забрана за службеното лице да врши дејствија во постапката на утврдување, контрола и наплата на јавните приходи доколку е во одреден степен на сродство со даночниот обврзник, ако е негов старател, штитеник, посвоено лице или посвоител на сопственикот, на работоводниот орган или на членови на органите на управување на даночниот обврзник или е акционер.

Во делот трети се регулирани прашањата за тоа кој го врши инспекцискиот надзор, на кој начин, што се опфаќа истиот, каде се превзема ова дејствие, можноста да се врши преглед на станбени простории врз основа на налог од надлежен суд кога постои сомнение дека даночниот должник врши дејност во таква просторија, како и можноста за привремено одземање на докази и материјали од значење за утврдување на даноците и другите јавни давачки. Потоа е предвидена можност за одземање на добра пуштени во промет за кои не се платени акцизи, како и на добра кои не се прописно евидентитани и можноста и условите за одземање возило и друго превозно средство со кое доброто било таранспортирано.

Во член 31 став 4 од оспорениот Закон е превидено одземените добра или средства да се продаваат согласно одредбите од овој закон. Според ставот 5 од оваа одредба, средствата остварени со продажба на одземените добра и ствари се приход на Буџетот на Република Македонија, а според ставот 6, дел од одземените добра можат да се одстапат на друг орган на државната управа. Одлуката за отстапување на дел од добрата ја донесува Владата на Република Македонија.

Во овој дел од оспорениот Закон е регулирано и прашањето за составување на записник за превземени дејствија на инспекциски надзор, доставувањето на примерок од записникот на даночниот обврзник и можноста против записникот да се поднесе приговор во рок од осум работни дена од денот на завршувањето на инспекцискиот надзор.

Во членовите 33 и 34 од оспорениот Закон се уредува прашањето на донесување на решение за констатирани непресме-тани, неправилно пресметани или неуплатени даноци и други јавни давачки, во кој случај со решението се налага плаќање на истите, а против ова решение даночниот обврзник може да изјави жалба до министерот за финансии, која жалба не го одлага извршувањето на решението. Предвидена е и можност за поведување на управен спор пред Врховниот суд на Република Македонија против решението донесено во постапка на жалба.

Под услови определени во член 35 став 1 од оспорениот Закон, може да се одобри одлагање на извршувањето на решението и такво одлагање може да се одобри доколку даночниот обрзник го обезбеди плаќањето на долгот. Според посебно оспорениот член 35 став 3 од Законот, постапката и начинот на обезбедување на плаќање на даночниот долг поблиску ги пропишува министерот за финансии.

Под услови определени во член 36 став 1 од оспорениот Закон, може да се дозволи одложено плаќање на обврски или плаќање на рати и тоа само во случај доколку даночниот обврзник го обезбеди плаќањето на даночната обврска. Според посебно оспоре-ниот член 36 став 3 од Законот, постапката и начинот на плаќање на даночната обврска поблиску ги пропишува министерот за финансии.

Во посебно оспорените членови 37 до 62 од Законот, се регулираат прашањата за присилна наплата на пристигнат даночен долг, паричните казни и каматите и јавната продажба на запленетите предмети.

Пред да се пристапи кон присилна наплата на даночниот долг, паричната казна и каматите, органот за јавни приходи е должен да му достави писмена опомена на даночниот должник, според содржината на член 38 од Законот. Присилната наплата на даночниот долг, трошоците и каматите се врши врз основа на решение за одредување присилна наплата кое го донесува органот за јавни приходи кај кој даночниот должник е регистриран, а во член 39 став 3 од Законот се регулирани елементите на вака донесеното решение. Со член 40 од Законот се регулира висината на трошоците во постапката на присилна наплата, трошоците за секое излегување на службено лице на органот за јавни приходи во врска со пописот и продажбата, трошоците за превоз и чување на предмети и слично, како и трошоците за проценувачи и сведоци, а сите наведени трошоци пагаат на товар на даночниот должник.

Во член 41 од Законот, се определува имотот, приходите и побарувањата на даночниот должник, како и предмети што се во функција на деловни простории што не можат да бидат предмет на присилна наплата, односно се изземани од извршувањето, кои се таксативно наведени.

Како средства на извршување во оспорениот Закон се предвидуваат: попис со процена и продажба на имотот по пат на јавно наддавање во член 42, административна забрана од личните примања, како и за насителот на платен промет пренос на средствата кои се водат на жиро-сметка во членот 57. Против решението со кое се определува присилна наплата по пат на продажба или со аминистративна забрана, односно забрана на жиро сметката, даночниот обврзник може да изјави жалба до министерот за финансии, која не го одлага извршувањето на решението како што е предвидено во членовите: 44 став 1 и 3 и 57 став 2 и 3.

Во член 45 од оспорениот Закон е предвидено присилната наплата на даночниот долг, паричната казна и каматата да ја врши даночен извршител кој е овластено службено лице на органот за јавни приходи. Според член 47 од оспорениот Закон, пописот го опфаќа имотот, приходите и побарувањата на даночниот должник од кој на најлесен и најбрз начин и со најмалку трошоци за даночниот должник ќе ја обезбеди наплатата на даночниот долг.

Понатаму е предвидено при пописот даночниот изврши-тел да направи и процена на имотот, а во случај на потреба има можност и за ангажирање на друго лице-проценител. За извршениот попис и процена се составува записник, со податоци и поединости како што е предвидено во член 50. Примерок од записникот се врачува на даночниот должник.

Присилна наплата на даночниот долг ќе се направи од недвижниот имот на должникот, само во случај ако истиот не може да се наплати во целина од движниот имот, како што е предвидено во член 51 од оспорениот Закон. Во член 51 е предвидено овластување за даночниот извршител да ги отвори затворените деловни простории на должникот доколку истиот не сака да ги отвори сам, при што ваквото дејство се превзема во присуство на двајца сведоци, а сето ова се констатира во записникот.

Оспорените членови 53 и 54, ја регулираат состојбата на појава на трето лице кое претендира како сопственик на имотот предмет на попис и процена, можноста за поднесување на излачна тужба, одлагањето на постапката до завршувањето на спорот по тужбата, чувањето на веќе попишаните предмети и обврската спрема третото лице да се поднесе кривична пријава доколку во постапката се утврди дека не е сопственик на спорниот имот.

Второто средство на извршување, административна забрана или забрана од жиро-сметка кај даночен должник правно лице е регулирано во член 57 од оспорениот Закон. За поднесена жалба од должникот на даночниот должник предвидено е суспензивно дејство на жалбата во став 3 од оваа одредба.

Постапувањето при јавна продажба по пат на јавно наддавање на запленетите предмети, со точен редослед на намирување на обврските на должникот е регулирана во членовите 58 до 62 од оспорениот Закон.

Понатаму оспорениот Закон ги регулира прашањата за каматата за ненавремено платениот данок; враќањето на повеќе или погрешно наплатениот данок, застареноста за утврдување и наплата на данокот, каматата и трошоците на присилната наплата, застареност на правото да се бара враќање на повеќе или погрешно наплатен данок; прекинот на роковите за застареност и апсолутниот рок на застареност и условите под кои се врши отпис на даночните обврски.

Оспорениот Закон содржи и казнени одредби за сторен прекршок од страна на даночниот обврзник, одговорното лице во правното лице, вработените во Управата за јавни приходи, носителот на платниот промет и одговорно лице кај носителот на платниот промет.

Во член 75 од оспорениот Закон е определено кои се закони или делови од закони престануваат да важат со влегувањето во сила на Законот за утврдување и наплата на јавните приходи, а во член 76 е предвидено оспорениот Закон да стапи на сила наредниот ден од објавувањето во “Службен весник на Република Македонија” (22 февруари 2001 година).

Оспоренит Закон е донесен од Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 13 февруари 2001 година.

5. Владеењето на правото и поделбата на државната
власт на законодавна, извршна и судска од членот 8 став1 алинеја 3 и 4 се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Устав и закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно член 51 од Уставот на Република Македонија.

Органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата, согласно член 96 од Уставот на Република Македонија.

Судската власт ја вршат судовите, согласно член 98 став 1 од Уставот на Република Македонија. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, согласно став 2, а видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредува со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници согласно став 5 од истата одредба.

Според член 1 став 2 од Законот за извршната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.53/1997), одредбите на овој закон се применуваат и врз присилно извршување на одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парично побарување за кое се одлучува во управна постапка, освен ако за тоа извршување или обезбедување со закон е определена надлежност на друг орган.

Постојат поголем број на закони и други прописи, кои содржат одредби што се однесуваат на извршната постапка, кое нешто посебно е изразено во областа на даноците и другите јавни давачки како на пример: Законот за персонален данок на доход, Законот за даноците на имот и други.

Во смисла на член 15 став 2 точка 2 од Законот за извршната постапка, извршна исправа е и извршна одлука и порамнување во управна постапка, ако гласат на парична обврска. Како одлука во извршна постапка во смисла на овој закон, се смета решение и заклучок на орган на управата, како и на правно лице, кои се донесени во вршењето на нивните јавни овластувања, а како порамнување во управната постапка се смета порамнување склучено во смисла на Законот за општата управна постапка, согласно член 16 став 2 од Законот за извршната постапка.

Според член 272 од Законот за општата управна постапка (“Службен лист на СФРЈ” бр.47/1986), кој е превземен како републички пропис согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, извршувањето на решението донесено во управна постапка се спроведува заради остварување на парични побарувања или непарични обврски.

Според член 275 став 1 од истиот Закон, извршувањето на решението се спроведува по административен пат (администра-тивно извршување), а во случаите предвидени со овој закон – по судски пат (судско извршување).

Во став 2 од истата одредба предвидено е: административното извршување го спроведуваат органите на управата според одредбите на овој закон односно на посебен закон, а судското извршување-надлежниот суд според прописите што важат за судското извршување.

Според член 276 став 2 од Законот за општата управна постапка извршувањето заради исполнување на парични обврски се спроведува по судски пат. По исклучок, извршувањето заради исполнување на парични обврски од примањата врз основа на работен однос може да се спроведе по административен пат по согласност на извршеникот.

Тргнувајќи од цитираните одредби на Законот за извршната постапка, произлегува дека одредбите на овој Закон, по однос на присилната наплата на парични побарувања нема да се применуваат доколку во друг посебен закон е предвидено присилната наплата на паричните побарувања да ја спроведува друг орган, што е случај со оспорениот Закон, кој предвидува присилната наплата да ја спроведува оран на управата.

Од друга страна одредбите на Законот за општата управна постапка, предвидуваат присилната наплата на паричните побарувања да се спроведува според одредбите на Законот за извршната постапка, но овој Закон дозволува таквата постапка да ја спреведува друг орган доколку тоа е определено во посебен закон, па Судот смета дека не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека материјата за присилна наплата на паричните побарувања регулирана во членовите 37 до 62 од оспорениот Закон припаѓа исклучиво во судска надлежност.

Тргнувајќи од содржината на член 276 став 2 од Законот за општата управна постапка, произлегува дека присилната наплата на паричните обврски се спроведува по судски пат. Меѓутоа, од друга страна од содржината на член 1 став 2 од Законот за извршната постапка, произлегува дека предмет на присилна наплата во судска постапка не може да биде секоја одлука донесена во управната постапка која гласи на парично побарување, заради исклучокот содржан во оваа одредба.

Имено, доколку во друг посебен закон е определена надлежност на друг орган, судот не е надлежен да ја спроведе присилната наплата, туку истата ќе се спроведе од страна на органот определен со посебниот закон. Тоа е случај и по однос на оспорените член 37 до 62 од Законот за утврдување и наплата на јавните приходи.

Ова од причини што во смисла на одредбите од оспорениот Закон, како огран што ќе ја спроведува присилната наплата е определена Управата за јавни приходи, која има својство на правно лице, согласно член 2 од споменатиот Закон.

Од сето наведено Судот заклучи дека со оспорениот Закон во целост и посебно оспорените одредби не се повредува принципот на владеење на правото и принципот за поделба на власта. Ова посебно ако се има во предвид дека судската извршна постапка дозволува присилна наплата на парично побарување што потекнува од управна постапка да го спроведе друг орган кога тоа е определено со друг закон, па цениме дека постои јасно разграничување на извршната и судската власт. Заради изложеното Судот оцени дека се неосновани наводите во иницијативата за несогласност на оспорениот Закон со член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот.

Вака јасно разграничената надлежност помеѓу судската и управната извршна постапка го отстранува и сомнението од иницијативата за несогласност на оспорениот Закон со членот 51 од Уставот на Република Македонија.

Од друга страна, содржината на оспорените одредби од Законот во целост кореспондираат со членот 96 од Уставот, според кој органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Исто така цениме дека нема ни повреда на членот 98 став 1 и 2 од Уставот, бидејќи одредбите на оспорениот Закон овозможуваат самостојност и независност на судовите во извршува-ње на нивната надлежност врз основа на Уставот и законите, што се изразува преку предвидениот исклучок во членот 1 став 2 од Законот за извршната постапка присилната наплата на паричните побарувања од управната постапка да ги спроведуваат други органи кога тоа е определено со друг закон.

Во оспорениот Закон постапката за присилна наплата на даночниот долг, паричните казни и каматите е уредена како упавна извршна постапка, од каде цениме дека произлегува и неоснова-носта на наводот од иницијативата за повреда на членот 98 став 5 од Уставот. Имено, во смисла на оваа одредба постапката пред судовите се уредува со Закон, а токму одредбите на оспорениот Закон како и цитираниот член 1 став 2 од Законот за извршната постапка за оваа област не предвидуваат судска надлежност.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 2 од ова решение.

7. Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основа за поинакво одлучување.

Со решение У.бр.229/2001 од 13.02.2002 година, Судот одлучи да не поведе постапка за оценување уставност на членот 34 став 2 од оспорениот Закон, бидејќи утврди дека со оспорената законска одредба не се забранува уставно загарантираното право на жалба, а правно е оправдано одземање на одложното-суспензивно дејство на жалбата кога на тој начин се штити јавниот интерес.

Со одлука У.бр.229/2001 од 24.04.2002 година, Судот ги укина членовите 35 став 3 и 36 став 3 од оспорениот Закон, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со членовите: 8 став 1 алинеја 3 и 4 и 98 став 5 од Уставот, а од причина што се утврди дека постапката и начинот на обезбедување на плаќање на даночниот долг и даночната обврска не можат да бидат уредени со акт на министерот за финансии.

Тргнувајќи од фактот што Судот веќе одлучил да не поведе постапка за оценување уставност на членот 34 став 2 од Законот за утврдување и наплата на јавните приходи, односно ги укина членовите 35 став 3 и 36 став 3 од истиот Закон, а нема основа за поинакво одлучување, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, се одлучи како во точката 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.42/2002
19 јуни 2002 год.
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply