Решение У.бр.178/2001

У.бр.178/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 5 јуни 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членот 8 став 2, поднасловот бр.8 кој гласи: “Учество на Армијата во отстранувањето на последиците од вонредна состојба” и член 40 од Законот за одбрана (“Службен весник на РМ” бр.42/2001).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, служењето на воениот рок согласно членот 7 од Законот траел девет месеци, а оспорениот став 2 на член 8 од овој закон за регрутите кои од верски или морални убедувања не сакале да служат воен рок во Армијата со оружје, траењето на воениот рок се продолжувала за уште пет месеци, односно траело 14 месеци што претставувало директна повреда на членот 16 став 1 од Уставот според кој се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

Поточно, според подносителот, ваквото законско решение всушност претставувало типична казна за оние регрути кои го користеле ова уставно право, што било спротивно и на членот 9 став 1 од Уставот според кој граѓаните во Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од политичкото и верското уверување.

Понатаму, подносителот на иницијативата се повикува на членот 54 став 1 од Уставот според кој слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени во Уставот. Притоа, се повикува и на ставот 4 од овој член од Уставот според кој ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавно изразување на мислата и вероисповеста.

На крај, според подносителот на иницијативата со оспорената одредба се вршел притисок на војниците да го променат своето верско или морално убедување што било спротивно на Документот за состанокот на конференцијата за човековата димензија на КЕБС во Копенхаген, одржана од 5 до 29 мај 1990 година.

Во врска со поднасловот “Учество во Армијата во отстранување на последиците во вонредна состојба” подносителот на иницијативата смета дека вооружените сили на Република Македонија се должни да го штитат само територијалниот интегритет и независноста на Републиката, а не да учествуваат во отстранувањето на последиците од вонредната состојба, за што постоел специјален надлежен субјект, односно цивилната заштита.

Уставноста на одредбата од членот 40 став 3 од Законот, подносителот на иницијативата ја оспорува затоа што предвидувала наредбата за учество на Армијата во отстранување на последиците од вонредната состојба, да ја донесува претседателот на Републиката, а едновремено го овластувала и министерот за одбрана да донесува упатство што зачело за иста работа да се донесуваат два подзаконски акти од различни правни субјекти.

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 8 став 2 од Законот, служењето на воениот рок на регрутот кој од верски или морални убедување (приговор на совеста) не сака да служи воен рок во Армијата со оружје, може да служи воен рок без оружје или да служи воен рок во цивилна служба во траење од 14 месеци, односно пет месеци подолго од регрутот кој го служи воениот рок со оружје.

Понатаму, Судот утврди дека оспорениот поднаслов 8 од Законот гласи: “Учество на Армијата во отстранувањето на последиците во вонредна состојба”.

Исто така, Судот утврди дека согласно ставот 1 на член 40 од Законот Армијата може да учествува во отстранувањето на последиците од вонредната состојба.

Согласно ставот 2 на овој член од Законот наредба за учество на Армијата во отстранувањето на последиците од вонредна состојба донесува претседателот на Републиката.

Ставот 3, пак, на овој член од Законот предвидува, Упатството за начинот на учеството на Армијата во отстранувањето на последиците од вонредна состојба да го донесува министерот за одбрана”.

4. Имајќи ја предвид содржината на оспорените законски одредби, Судот заклучи дека: станува збор за два различни вида воени обврзници (со оружје и без оружје); за регрут кој од морални убедувања не сака да служи воен рок во Армијата со оружје да може да служи воен рок во Армијата без оружје или да служи воен рок во цивилна служба (член 8 став 1 од Законот); воениот рок во цивилната служба се служи во здравствени, хуманитарни или социјални организации и установи и противпожарни единици, што ги определува Владата на Република Македонија (член 9 став 1 од Законот); служењето на воениот рок во Армијата без оружје е резултат на таквата определба на регрутот за што, тој поднесува писмено барање до Министерството за одбрана, во кое ги наведува причините и начинот на кој сака да го служи воениот рок; воениот рок во Армијата со оружје опфаќа: стражарска служба, патролна и спроведувачка служба, чување на државната граница, грижење за заштита на воената единица, обезбедување и вршење на воените вежби (сврзани со ризик по живот ) и сл. и дека Законот прави терминолошка дистинкција во смисла што за регрутот што не сака да служи воен рок во Армијата со оружје употребува термин “лице кое го служи воениот рок во цивилна служба”, додека за регрутот што служи воен рок во Армијата со оружје употребува термин “војник кој служи воен рок во Армијата”.

Во овој контекст Судот направи увид и во Документот од состанокот на Конференцијата за човековата димензија на КЕБС во Копенхаген, одржана во терминот од 5до 29 јуни 1990 година.

Според овој документ, (18.4) со цел за поголемо почитување и уживање на човековите права и основни слободи, за унапредување на контактите меѓу луѓето и за решавање на прашањата од хуманитарен карактер, државите учеснички, меѓу другото, се сложиле да го разгледуваат воведувањето, онаму каде што тоа не е сторено, на различни форми на алтернативна служба, кои одговараат на причините за одбивање на служење на воениот рок со тоа што такви форми на алтернативна служба во принцип да бидат од неборбен односно цивилизациски карактер, во јавен интерес и да немаат казнен карактер.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека предвиденото законско решение им дава можност на регрутите, да служат воен рок во Армијата без оружје или во цивилната служба, е токму во духот на изнаоѓање на алтернативното решение што се споменува во посочениот Документ на КЕБС.

Со други зборови, според Судот, предвиденото законско решение не може да се оквалификува како казна за оние регрути кои се определиле за служење на воениот рок без оружје, туку, напротив, претставува, еден вид, баланс меѓу нив и меѓу регрутите што се определиле да го служат воениот рок со оружје.

Ова дотолку повеќе што поединецот (воениот обврзник) сам се определува за служење на воената обврска на тој начин, односно без оружје.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот смета дека една од класичните обврски на секој државјанин на Република Македонија претставува одбраната на земјата, поради што оцени дека не може основано да се постави прашањето за уставноста на одредбата од членот 8 став 2 од Законот.

5. Во врска со прашањето дали Армијата на Република Македонија има исклучиво задача да учествува во одбраната на земјата, а не и во отстранувањето на послеидците од вонредната состојба и дали е тоа исклучиво право и должност на цивилната заштита, Судот исто така оцени дека одредбата од членот 40 од Законот која го регулира ова прашање е согласна со Уставот на Република Македонија.

Имено, согласно член 122 став 1 од Уставот, вооружените сили на Република Македонија го штитат територијалниот интегритет и независност на Републиката.

Одбраната на Републиката, согласно ставот 2 на овој член од Уставот, се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Притоа, причините поради кои настанува воената или вонредната состојба не се исти.

Имено, воената состојба настанува кога претстои непосредна воена опасност од напад врз Републиката или кога Републиката е нападаната или и е објавена војна (член 124 став 1 од Уставот).

Вонредната состојба, пак, настапува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемиии (член 125 став 1 од Уставот).

Согласно членот 126 од Уставот, при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила.

Ако на овие уставни одредби се надоврзе и одредбата од членот 2 од Законот за одбрана според која во остварувањето на одбраната на Република Македонија граѓаните имаат право и должност да ја извршуваат воената обврска, да учествуваат во цивилната заштита, да извршуваат работни и материјални обврски, се доаѓа до заклучок дека цивилната заштита е всушност дел од дејностите што го сочинуваат остварувањето на одбраната.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека е согласно со Уставот, Армијата на Република Македонија да може да учествува во отстранувањето на последиците предизвикани од вонредната состојба.

Ова дотолку повеќе што отстранувањето на последиците од вонредната состојба е задача на секој субјект од правниот поредок (секој граѓанин, секоја институција, па и Армијата на Република Македонија.

6. Во врска со прашањето дали наредбата на претседателот на Републиката за учеството на Армијата во отстранувањето на последиците од елементарната непогода може да се поистоветува со упатството за начинот на учеството на Армијата во отстранувањето на последиците од вонредната состојба, што го носи министерот за одбрана, во смисла што за една иста работа се носат два акти од различни правни субјекти, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оваа одредба со Уставот, поради следното:

Согласно член 79 став 2 и став 3 од Уставот, претседателот на Републиката е врховен командант на вооружените сили во Република Македонија, а своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Како таков, тој е овластен при постоење на вонредна состојба, да издаде наредба за учество на АРМ во отстранувањето на последиците од истата.

Што се однесува до прашањето на времето на донесувањето, според Судот, издавањето на наредбата на претседателот за отстранување на последиците од вонредната состојба е условено со прогласувањето на истата.

Донесувањето, пак, на упатството на министерот за одбрана за начинот на отстранувањето на последиците од вонредната состојба не е условено со прогласувањето на вонредната состојба.

Со други зборови, наредбата не може да се поистоветува со упатството за начинот на учеството на Армијата во отстранувањето на последиците од вонредната состојба, што го донесува министерот за одбрана, од причина што од самата насловеност на овој акт произлегува дека тој содржи одредби од процедурална природа, односно со него се уредува начинот на отстранувањето на последиците од елементарната непогода.

Поточно, тој акт (упатство) министерот го носи во функција на извршувањето односно операционализација на наредбата на претседателот на Републиката за учество на Армијата во отстранувањето на последиците од елементарната непогода.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Решението за член 8 став 2 од Законот за одбрана, Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

9. Решението за поднасловот број 8 кој гласи: “Учеството на Армијата во отстранувањето на последиците од вонредната состојба” и членот 40 од Законот за одбрана, Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.178/2001
5 јуни 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply