Одлука У.бр.211/2001

У.бр.211/2001-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 22 мај 2002 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ главата VI “Одземање на одликувања” и членовите 25 и 26 од Законот за одликувања и признанија на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.44/95).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, со решение У.бр.211/2001 од 17 април 2002 година, поведе постапка за оценување уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека главата VI од оспорениот закон гласи “Одземање на одликување”. Исто така, Судот утврди дека согласно членот 25 од Законот претседателот на Републиката ќе го одземе признанието ако: одликуваното лице со правосилна судска пресуда е осудено на безусловна казна затвор за кривични дела против Република Македонија, против човечноста и меѓународното право, против угледот на странска држава или меѓународна организација, како и за кривични дела против вооружените сили на Република Македонија и одликуваното лице со правосилна судска пресуда е осудено на безусловна казна затвор за кривично дело за кое е пропишана казна затвор од најмалку пет години.

Според ставот 3 на овој член од Законот надлежниот суд е должен за правосилноста на пресудата од став 1 на овој член, најдоцна во рок од 15 дена, да го извести претседателот на Републиката.

Ставот 5 на овој член од Законот предвидува претседателот на Републиката да може по своја иницијатива или по предлог од овластените иницијатори (Собрание на Република Македонија, Владата на Република Македонија, граѓани на Република Македонија, единици на локална самоуправа, културно-уметнички и спортски друштва) да одземе одликување и поради повреда на одредбите од членот 20 од овој закон. *

Одлуката за одземање на одликувањето согласно ставот 6 на овој член од Законот се објавува во “Службен весник на Република Македонија”, а според ставот 7 на овој член од Законот, одземеното одликување се враќа на Комисијата за одликувања и признанија.

Согласно членот 26 од Законот одликуваното лице што со правосилна судска пресуда ќе биде осудено на безусловна казна затвор, а таа казна не повлекува последица одземање на одликување, не може да го носи одликувањето за време на издржувањето на казната.

5. Согласно член 9 од Уставот граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно членот 13 став 1 од Уставот лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Согласно членот 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Согласно членот 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени во Уставот.

Имајќи ги предвид наведените уставни одредби, Судот оцени дека на сторителот на кривичното дело може да му се изрече казна што за тоа дело е утврдена со закон или со друг пропис и дека казната може да се изрече само со судска одлука, што всушност значи дека други и идни последици од осудата за стореното дело, Уставот не допушта.

Во конкретниов случај, одземањето на одликувањето кое граѓанинот го добил од Републиката во знак на признание за работа и дела што заслужуваат општо признание и истакнување, со констатација дека тоа е правна последица од осуда (член 25 од Законот), па дури и предвидувањето на казна доколку лицето го носи одликувањето за време на издржувањето на казната (која како правна последица од осудата не повлекува одземање на одликување – член 26 во врска со член 30 алинеја 2 од Законот), според Судот, претставува повреда на слободите и правата на човекот и граѓанинот кои, како такви, не се предвидени во Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.211/2001
22 мај 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply