Решение У.бр.65/2002

У.бр.65/2002

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 22 мај 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставност на членот 8 од Законот за амнестија (“Службен весник на Република Македонија” бр.18/02).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на одредбата означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата оспорената одредба му давала генерално законско овластување на министерот за правда да донесува упатство за спроведување на целиот закон, а не на одделни одредби. Исто така се наведува дека министерот за правда, може со упатство да пропишува начин на постапување во извршувањето на одделни одредби на законите и другите прописи, но не и на целиот закон, а врз основа на членовите: 55 став 1 и 56 став 3 од Законот за организација и работа на органите на државната управа. Од друга страна, се потенцира дека оспорената одредба ги надминува рамките на Уставот и законите во кои може да се движи министерот за правда при донесување на упатството за спроведување на означениот Закон, па произлегува дека може да пропишува што сака.

Воедно, во иницијативата се предлага при одлучувањето да се има предвид и член 6 став 3 од Законот за амнестија, според кој по жалбата против решението на казнено-поправната установа одлучува Министерството за правда, па произлегува дека најнапред ќе се донесе Упатството за спроведување на Законот од овој орган, а потоа истиот орган одлучува и по жалбите што било против владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок од членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

Со оглед да оспорената одредба ги повредувала членовите: 8 став 1 алинеја 3 и 4, 51, 91 алинеја 5 и 96 од Уставот на Република Македонија, предлага да се поведе постапка за оценување уставноста.

3. Судот на седницата утврди дека според содржината на член 8 од Законот за амнестија (“Службен весник на РМ” бр.18/2002), упатство за спроведување на овој закон може да донесе министерот за правда наредниот ден од денот на влегување во сила на овој закон.

4. Владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, согласно член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Владата на Република Македонија, согласно член 91 алинеја 5 и 6 од Уставот, помеѓу другите работи утврдени со Уставот, донесува уредби и други прописи за извршување на законите, утврдува начела за внатрешна организација и за работа на министерствата и другите органи на управата, ја насочува и врши надзор над нивната работа.

Согласно член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Во член 17 став 1 алинеја 1, 7 и 9 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на РМ” бр.58/2000), определено е дека Министерството за правда ги врши работите што се однесуваат на: судството, јавното обвинителство, јавното правобранителство, извршувањето на санкциите за кривичните дела и прекршоците, амнестијата и помилувањето.

Според член 55 став 1 од Законот, министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и другите прописи, кога за тоа е овластен со закон.

Според член 56 став 3 од Законот, со упатството се пропишува начинот на постапување во извршувањето на одделни одредби од законите и другите прописи.

Тргнувајќи од пошироко или екстензивно анализирање на цитираните одредби помеѓу кои и оспорената, најнапред треба да се има предвид дека во оспорената одредба не е содржано облигаторно туку факултативно дејствие што треба да го превземе министерот за правда, преку можноста да донесе Упатство за спроведување на Законот за амнестија.

Спроведувањето на одредбите од Законот за амнестија е предвидено за казнено-поправните установи и судовите во зависност од тоа дали лицата што се аменстираат отпочнале или неотпочнале со издржувањето на казната.

Во членот 17 од Законот за организација и работа на органите на државната управа определен е делокругот на Министерството за правда. Врз основа на оваа одредба споменатото министерство помеѓу другото врши работи што се однесуваат на судството, извршувањето на санкциите за кривичните дела и амнестијата. Од ова произлегува дека ресорниот министер, како функционер што раководи со Министерството за правда, може да го пропише спроведувањето на целиот Закон бидејќи истиот се однесува на амнестијата што ја спроведуваат како казнено поправните установи така и судовите.

Според изложеното, Судот оцени дека со тоа не може да се постави прашањето за мешање на извршната со судската власт, па со самото тоа нема ни повреда на уставниот принцип од членот 8 став 1 алинеја 4 од Уставот на Република Македонија.

Од тука неоснован е наводот содржан во иницијативата дека оспорената одредба му дава генерално овластување на ресорниот министер за спроведувањето на Законот за амнестија и дека истиот излегува надвор од овластувањата дадени во членовите 55 став 1 и 56 став 3 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

Со тоа се обезбедува целосно респектирање на одредбите 91 и 96 како и темелна вредност на владеење на правото од членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

При одлучувањето Судот го имаше во предвид и предлогот од иницијативата посебно во однос на содржината на членот 6 став 3 од Законот за амнестија во релација со оспорената одредба, но оцени дека е неосновано тврдењето за повреда на уставниот принцип на владеење на правото на начин што најнапред министерството ќе донесе Упатство за спроведување на Законот, а потоа истото ќе одлучува по жалбите против решенијата на казнено поправните установи. Неоснованоста на ваквото тврдење произлегува од фактот што Упатството го донесува министерот кој остварува и надзор врз законитоста по однос на работата на казнено и воспитно поправните установи.

Сето наведено дава за право да се заклучи дека со оспорената одредба се дава овластување на министерот за правда што е во рамките на постојната поставеност на државната управа.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.65/2002
22 мај 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply