Одлука У.бр.212/2001

У.бр.212/2001-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 9 мај 2002 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ членовите 110 став 2 алинеја 3, 160 став 1 алинеја 4 и 161 став 1 алинеја 3 од Законот за хартии од вредност (“Службен весник на Република Македонија” бр.63/00, 34/01 и 4/02).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, поведе постапка за оценување уставноста на одредбите од законот означен во точката 1 од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека согласно член 110 став 2 алинеја 3 од Законот кон барањето за давање согласност за именување на директор на брокерска куќа, се доставува уверение за неосудуваност од областа на финансиите и да не е под истрага.

Според член 160 став 1 алинеја 4 од Законот за претседател и член на Комисијата може да биде именувано лице кое го исполнува условот да не е кривично осудуван и да не е под истрага.

Членот 161 став 1 алинеја 3 од Законот утврдува дека мандатот на претседателот и членовите на Комисијата може да престане само доколку кривично е осуден.

5. Според член 13 став 1 од Уставот на Република Македонија лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а согласно член 14 став 1 од Уставот никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Во член 54 став 1 од Уставот е предвидено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Согласно член 32 став 1 и 2 од Уставот секој има право на работа, слободен избор на вработување и достапност на секое работно место под еднакви услови.

Прашањата што се однесуваат на кривичните дела и кривичната одговорност, мерките за безбедност, меѓу кои и забраната за вршење на професија, дејност или должност, правните последици на осудата и рехабилитацијата, спаѓаат во кривично-правната материја и се уредени со Кривичниот законик.

Со член 102 став 2 и 3 од овој законик е уредено дека правните последици од осудата што се состојат во забрана на стекнување на определени права траат најдолго десет години од денот на издржаната, простената или застарената казна, а со бришењето на осудата престануваат правните последици на осудата. Рехабилитацијата, пак, која може да биде законска или судска, според член 103 став 2 од овој законик, значи предвремен престанок на мерките за безбедност и правните последици од осудата и бришење на осудата од казнената евиденција.

Според член 106 став 5 од Кривичниот законик е предвидено дека никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност.

Тргнувајќи од изнесеното Судот оцени дека особено битни се одредбите од член 13 и 14 на Уставот кои, меѓу другото, утврдуваат два принципи на казнено-правниот однос, а тоа се, прво, дека за извршеното казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како таква е утврдена со закон или друг пропис и второ, дека казната може да се изрече само со судска одлука. Тоа, значи дека казнено правниот однос се исцрпува во релацијата на казнивото дело и судски изречена казна за неговиот сторител и дека натамошни последици од неговото извршување односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот, согласно член 54 став 1 од Уставот.

Врз основа на изнесеното, произлегува дека со оспорените одредби од Законот за хартии од вредност се ограничуваат правата на граѓаните како последица од осуда или како последица на водење на истрага.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.212/2001
9 мај 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply