Решение У.бр.116/2001

У.бр.116/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 27 март 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Правилникот за пополнување на постојаниот состав на Армијата на Република Македонија со војници по договор (“Службен весник на Република Македонија” бр.11/2000) во целина и посебно членовите 6 до 9 од Правилникот.

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што според подносителот на иницијативата, министерот за одбрана немал уставно и законско овластување за донесување на оспорениот правилник, а со посебно оспорените членови 6 до 9 од Правилникот, се уредувале прашања што не спаѓале во доменот на прописи за извршување на законите, односно со нив се излегувало надвор од овластувањата на органот на државната управа со подзаконски пропис да ги уредува тие прашања, што не било во согласност со член 28 став 2, член 32 став 5, член 96 и член 122 став 2 од Уставот, член 27 точките 2 и 5 од Законот за одбрана и член 55 став 1, член 56 став 1 и член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот правилник е донесен од министерот за одбрана, врз основа на член 27 точка 5 од Законот за одбрана, на 4 февруари 2000 година. Со овој правилник се уредуваат начинот и постапката за пополнување на постојаниот состав на АРМ, со војници по договор и извршувањето на должноста војник по договор.

Со член 2 од Правилникот се уредува дека за потребите на Армијата се врши пополнување на постојаниот состав на Армијата со војници по договор во согласност со актот за организација и формација на Армијата.

Според член 3 став 1 од Правилникот, пополнувањето на постојаниот состав на Армијата се врши со војници по договор примени по пат на јавен оглас кои ги исполнуваат општите услови утврдени со закон и посебните услови утврдени со општиот акт за систематизација и организација на работите и задачите во Армијата, а според ставот 2 од овој член е предвиден исклучок, пополнувањето во единиците за специјална намена да се врши со војници по договор примени без јавен оглас во согласност со одредбите на Законот за органите на управата.

При утврдувањето на здравствената и психофизичката способност на кандидатите за војници по договор, согласно член 4 од Правилникот, се упатува на примена на прописите за оценка на здравствената способност на воените старешини во служба на армијата, односно на прописите за оценка на психофизичката подготвеност на питомците на Воена академија.

Според член 5 од Правилникот, постапката за прием на војници по договор се спроведува од петчлена комисија во чиј состав е определен и воен старешина од родот односно службата за која се врши прием на војници по договор, која предлага листа на кандидати кои ги исполнуваат условите по огласот за прием на војници по договор која се доставува до министерот за одбрана заради одлучување за изборот на војници по договор.

Со член 6 од Правилникот се определува дека со избраните лица за вршење должност војник по договор, Министерството за одбрана склучува договор за засновање работен однос и се даваат елементите на договорот, а според член 7 од Правилникот, униформата за војниците по договор бесплатно е обезбедена од Министерството за одбрана.

Според член 8 од Правилникот, на војниците по договор соодветно се применуваат општите прописи за правата, обврските и одговорностите кои се однесуваат на работниците во органите на државната управа, доколку со овој правилник не е поинаку определено, а според членот 9 од Правилникот, војниците по договор во единиците за специјална намена имаат и други права и обврски пропишани со посебни акти за припадниците на овие единици.

Со член 10 од Правилникот е уредено дека овој правилник влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

Исто така, Судот утврди дека оспорениот правилник е донесен од министерот за одбрана на 4 февруари 2000 година, а е објавен во “Службен весник на Република Македонија” бр.11/2000. Основ за негово донесување е член 27 точка 5 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/92 и 30/95), според кој во согласност со документите за развој на армијата и со актите на претседателот на Републиката, министерот за одбрана, меѓу другото, донесува упатства и други прописи во врска со евиденцијата, регрутирањето и пополнувањето на армијата.

Подносителот на иницијативата оспорениот правилник го спротивставува на стариот Закон за одбрана, не имајќи предвид дека со Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/2001) со денот на влегување во сила на овој закон, престанало важењето на стариот закон. Судот имајќи ја предвид истоветноста на прашањата и нивниот третман како со поранешниот, така и со постојниот закон, анализата на уставноста и законитоста на оспорениот правилник ја изврши според постојната регулатива.

4. Според член 28 од Уставот, одбраната на Република Македонија е право и должност на секој граѓанин. Остварувањето на ова право и должност на граѓаните се уредува со закон.

Согласно член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Со член 122 став 1 од Уставот, вооружените сили на Република Македонија го штитат територијалниот интегритет и независноста на Републиката, а според ставот 2 на овој член, одбраната на Републиката се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Со Законот за одбрана се утврдени надлежностите на органите на државната власт и другите прашања од интерес за армијата на Република Македонија. Во таа смисла, со член 20 став 1 точките 14, 40 и 51 од Законот, во остварувањето на одбраната Министерството за одбрана, меѓу другото врши пополнување на Армијата, ги врши управните работи во остварувањето на правата и должностите на граѓаните во областа на одбраната, донесува прописи, што се однесуваат на регрутирање и пополнување на постојаниот состав на Армијата со регрути, школување, стручно оспособување и усовршување на лицата на служба во Армијата и други прописи во врска со вршењето на службата во Армијата.
Според член 29 став 1 од Законот, пополнувањето на Армијата се врши според организацијата и формацијата на Армијата, а според став 2 од овој член на Законот, пополнувањето на постојаниот состав на Армијата се врши со регрути, професионални војници, воени старешини и цивилни лица на служба во Армијата, како и со материјални средства. Статусот на професионалните војници, покрај тоа е уреден и со членовите 41 до 44 од Законот, во делот за учество на Армијата надвор од територијата на Републиката.

Со Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000) се уредува организацијата, надлежностите и работата на органите на државната управа.

Така, според член 55 став 1 од овој закон, министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон, според член 56 став 1 од Законот, со правилник се уредуваат и се разработуваат одредби од законите и други прописи заради нивно извршување, а според член 61 став 1 од Законот, со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Тргнувајќи од анализа на наведените уставни и законски одредби јасно произлегува дека одбраната на Републиката е право и должност на секој граѓанин и дека остварувањето на ова право и должност на граѓаните се уредува со закон, дека одбраната на Републиката организирана како систем за одбрана на независноста и територијалниот интегритет на Републиката ја остваруваат граѓаните, органите на државната власт и вооружените сили како Армија на Република Македонија и дека во рамките на тој систем секој од овие субјекти има права и должности односно надлежности конкретно утврдени со закон. Во таа смисла, согласно Законот, пополнувањето на Армијата го врши Министерството за одбрана за која цел министерот е овластен да донесува прописи што се однесуваат на пополнувањето, кое покрај регрути се врши и со професионални војници (по стариот закон: војници по договор). Оттука произлегува дека оспорениот акт донесен од министерот за одбрана претставува подзаконски пропис чија цел е операционализација и извршување на одредбите од Законот што се однесуваат на пополнувањето на постојаниот состав на Армијата со професионални војници, за чие донесување постои уставно и законско овластување на министерот за одбрана.

Поаѓајќи од наведеното, а имајќи ја предвид содржината на оспорениот правилник со кој се уредува начинот и постапката за пополнување на постојаниот состав на Армијата со војници по договор и извршувањето на должноста војник по договор и дека тоа се врши во согласност со актот за организација и формација на Армијата, дека пополнувањето се врши преку јавен оглас од лицата што ги исполнуваат општите услови утврдени со закон и посебните услови утврдени со актот за систематизација и организација на работите и задачите во армијата и дека, притоа се упатува на примена на одредбите од Законот за органите на управата, според мислењето на Судот, оспорениот правилник не излегува надвор од овластувањата на органот на државната управа со подзаконски пропис да ги уредува тие прашања. Исто така, според мислењето на Судот ниту посебно оспорените членови 6 до 9 од Правилникот, според кои со професионалните војници односно војници по договор Министерството за одбрана склучува договор за засновање на работен однос, дека униформата за тие војници е бесплатна, дека за тие војници соодветно се применуваат прописите за работниците во државната управа и дека заради специфичниот карактер во единиците за специјална намена овие војници имаат и други права и обврски пропишани со посебните акти за припадниците за овие единици, не излегуваат надвор од системот за работните односи, а по својот карактер се упатувачки и појаснувачки имајќи го притоа предвид посебниот карактер и природата на вршењето на работите на професионалните војници.

Врз основа на наведеното пред Судот не се постави прашањето за согласноста на одредбите на оспорениот правилник со наведените одредби од Уставот, Законот за одбрана и Законот за организација и работа на органите на државната управа.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.116/2001
27 март 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply