Решение У.бр.29/2002

У.бр.29/2002

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 13 март 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Рајка Петрушевска Клачар од Скопје за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

2. Рајка Петрушевска Клачар од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот, утврдени во погоре посочената одредба од Уставот, од причина што смета дека треба да добие прием во државјанство на Република Македонија без плаќање на предвидената такса за истото.

Смета дека Уставниот суд на Република Македонија треба да му наложи на Министерството за внатрешни работи да ја ослободи од плаќање на законски предвидената такса за добивање прием во државјанство по основ олеснета натурализација, односно по основ на брачен однос со македонски државјанин.

3. Согласно членот 9 од Законот за државјанство (“Службен весник на Република Македонија” бр.67/92) странец кој е во брак со државјанин на Република Македонија најмалку три години и до поднесувањето на барањето законски престојува најмалку една година непрекинато на територијата на Република Македонија, може со природување да стекне државјанство на Република Македонија иако не ги исполнува условите од член 7 став 1 точка 2, 6 и 8 на овој закон, односно иако до поднесувањето на барањето законски не престојувал на територијата на Република Македонија непрекинато најмалку 15 години; не го владее македонскиот јазик и нема отпуст од странско државјанство, односно нема доказ дека ќе добие отпуст ако биде примен во државјанство на Република Македонија.

Од плаќањето такси ослободени се Република Македонија, општината, државните органи, месните заедници, организацијата на црвениот крст и другите хуманитарни организации и странска држава и странски државјанин ако е тоа предвидено со меѓународен договор или под услов на реципроцитет.
Имајќи ги предвид наведените законски одредби, Судот оцени дека подносителката на барањето има правен основ за прием во државјанство по член 9 од истоимениот закон при што, за да го реализира тоа право треба да плати такса во определен износ што важи за сите лица кои се примаат во државјанство по овој основ.

Што се однесува до прашањето за плаќањето на такса во контекст на Законот за судските такси, на кои се повикува подносителката на барањето, Судот ја имаше предвид одредбата од членот 11 од овој закон, меѓутоа, според Судот овој закон се однесува на плаќање на судски такси пред редовните судови на Република Македонија и тоа во: процесната постапка; во вонпроцесната постапка; извршната постапка; постапка за издавање на тапии и за ставање на интабулација; кривична постапка по приватна тужба; постапка по управните и управно-сметководствените спорови; постапка за упис во судски регистар; стечајната постапка; постапка по барање за преиспитување на решение за прекршок и сл.

Со други зборови, според Судот, членот 11 од Законот ги предвидува правните субјекти што можат да бидат ослободени од плаќање на судска такса и, меѓу нив, ги предвидува и странските државјани со тоа што ослободувањето го условува со постоење на меѓународен договор за тоа или застапеност на принципот на реципроцитет.

Имајќи го предвид изнесеното, за Судот е неспорно дека ослободувањето од плаќање на судска такса се однесува за постапката, што евентуално би ја воделе наведените правни субјекти, пред редовните судови, но не и пред органите на државната управа, уште помалку во постапка за прием во државјанство на Република Македонија.

Инаку, што се однесува до случајот на подносителката на барањето, со оглед на тоа дека 35 години живее на територијата на Република Македонија, таа согласно член 10 од Законот за државјанство на Социјалистичка Република Македонија (“Службен весник на СРМ” бр.19/77), како државјанин на друга социјалистичка република, врз основа на склучување на брак со државјанин на СРМ, можела да биде примена во државјанство на СРМ, иако не го исполнувала условот предвиден во член 9 од овој закон, односно немала живеалиште на територијата на Социјалистичка Република Македонија.

Оваа можност, подносителката на барањето не ја искористила.

Втора можност, подносителката на барањето можела да искористи врз основа на член 26 од Законот за државјанството на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.67/92) кога како државјанин на другите републики во поранешна СФРЈ и државјаните на порнаешна СФРЈ кои иимале пријавено живеалиште на територијата на Република Македонија, можат да се стекнат со државјанство на Република Македонија ако: во рок од една година од влегувањето во сила на овој закон (завршно со 9 ноември 1993 година) поднеле барање; имаат постојан извор на средства; се полнолетни и до поднесувањето на барањето законски престојувале на територијата на Република Македонија, најмалку 15 години.

Овој рок, подносителката на барањето , исто така го пропуштила.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека Министерството за внатрешни работи, на подносителката на барањето не и го оспорува правото за прием во државјанство, туку приемот го условува со плаќање на определен паричен износ што, впрочем, важи за секое лице кое се здобива со државјанство по основ на брачен однос со македонски државјанин.

Во тој контекст, Судот оцени дека, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, не е надлежен да одлучува за висината на износот што подносителката на барањето треба да го плати на име такса за прием во државјанство на Република Македонија.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.29/2002
13 март 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply