Решение У.бр.229/2001

У.бр.229/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 14 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 февруари 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членот 34 став 2 од Законот за утврдување и наплата на јавните приходи (“Службен весник на РМ” бр.13/2001).

2. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членовите 35 став 3 и 36 став 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Борис Димзов од Охрид на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на членот 34 став 2 од Законот за утврдување и наплата на јавните приходи (“Службен весник на Република Македонија” бр. 13/2001).

Причината за оспорување во иницијативата се однесува на исклученото суспензивно дејство на изјавената жалба од даночниот обврзник против решението на директорот на органот за јавни приходи. Оспорената одредба, според подносителот на иницијативата само формално го запазувала загарантираното уставно право на жалба, бидејќи правото на жалба било без значење при состојба кога првостепеното решение може да се изврши независно од навремено изјавената жалба. Сето тоа е во противност со начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 и гарантираното право на жалба на поединечните акти од член 15 од Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека според содржината на член 33 став 1 и 2 од Законот за утврдување и наплата на јавните приходи (“Службен весник на РМ” бр.13/2001) ако при инспекциски надзор се утврди дека даночниот обврзник не ги пресметал, неправилно ги пресметал или не ги уплатил даноците и другите јавни давачки, со решение, ќе се наложи плаќање на истите. Решението го донесува директорот на органот за јавни приходи во рок од осум дена од денот на приемот на приговорот, односно од истекот на рокот за поднесување на приговор по записникот. Во член 34 став 1 предвидено е против решението од член 33 на овој закон даночниот обврзник да може да изјави жалба до министерот за финансии.

Според оспорениот член 34 став 2 од Законот за утврдување и наплата на јавните приходи, жалбата не го одлага извршувањето на решението.

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото. Во член 15 од Уставот се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.

Поаѓајќи од содржината на уставните одредби, произлегува дека Уставот само го гарантира владеењето на правото, помеѓу другото, и со правото на жалба, но не ги утврдува елементите и својствата на жалбата, како што е нејзиното суспензивно или одложно дејство. На овој начин оставено е сите прашања по однос на жалбата како правен лек да се уредат со закон.

При тоа, одложното дејство на жалбата претставува законска можност во повеќе закони што ја регулираат постапката што се води во судовите и пред органите на државната управа. Во член 231 став 2 од Законот за општата управна постапка, (“Службен лист на СФРЈ” бр. 47/1986) содржан е исклучок од одложното – суспензивно дејство на жалбата, во случаите кога со посебен закон е пропишано дека жалбата не го задржува извршувањето на решението, каков што е случајот со оспорената одредба.

Согласно член 231 став 1 од Законот за општата управна постапка (“Службен лист на СФРЈ” бр.47/1986 – пречистен текст), “во текот на рокот за жалба решението не може да се изврши. Кога жалбата е прописно изјавена, решението не може да се изврши со додека решението што е донесено по жалба не и се достави на старанката”. Во став 2 од истата одредба предвидено е, “по исклучок, решението да може да се изврши во жалбениот рок како и откако жалбата е изјавена, ако тоа е предвидено со закон , ако се работи за превземање на итни мерки (член 141 т.4), или ако поради одлагање на извршувањето на некоја странка би и била нанесена штета што не би можела да се поправи. Во последниот случај може да се бара соодветно обезбедување од странката во чиј интерес се спроведува извршувањето и од ова обезбедување да се обуслови извршувањето”.

Треба да се има во предвид дека даночниот обврзник пред да го искористи правото на жалба претходно безуспешно го искористил правото на приговор против решението со кое биле констатирани неправилности во пресметката и уплатата на даноците или другите јавни давачки, според содржината на член 33 од Законот. Ваквото законско решение даночниот обврзник да може покрај приговорот да истакне и жалба доведува до оддолжување на постапката за наплата на даноците и другите јавни давачки, па Судот наоѓа дека е во јавен интерес суспензивното дејство на жалбата да биде одземено, а како би се овозможила сигурност во наплатата на јавните давачки што влегуваат во буџетските средства на државата.

Жалбата е редовен правен лек, што се изјавува против неправосилна одлука на суд или на орган на државната управа. Навремено изјавената жалба спречува одлуката да стане правосилна односно конечна во делот што се побива со жалбата, па жалбата има одложно дејство на одлуката.

Ваквото дејство на одлуката може да трпи исклучоци кога со закон е одредено жалбата да не го задржува извршува-њето на решението, поради заштита на јавните интереси, а со цел да не дојде до повреда и загрозување на со Устав загарантираните права и слободи на другите граѓани. Впрочем, наплатените даноци и други јавни давачки влегуваат во буџетските средства на државата, па Судот наоѓа дека на овој начин законодавецот го штити јавниот интерес.

Сето наведено, упатува на несомнен заклучок дека со оспорената законска одредба не се забранува гарантираното право на жалба, кое нешто не го спори и подносителот на иницијативата, но кога е во прашање заштитата на поширокиот јавен интерес правно е оправдано одземањето на одложното -суспензивно дејство на жалбата, поради што се одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Меѓутоа, постапувајќи по иницијативата, Судот по сопствена иницијатива ги ценеше членовите 35 став 3 и 36 став 3 од Законот за утврдување и наплата на јавните приходи, затоа што се појави сомнение за нивната согласност со Уставот на Република Македонија.

6. Судот на седницата утврди дека според член 35 став 3 од Законот за утврдување и наплата на јавните приходи “постапката и начинот на обезбедување на плаќање на даночниот долг поблиску ги пропишува министерот за финансии”.

Според член 36 став 3 од Законот за наплата на јавните приходи “постапката и начинот на обезбедување на плаќање на даночната обврска поблиску ги пропишува министерот за финансии”.

Во член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот, покрај другите како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и поделбата на власта на законодавна, извршна и судска.

Според член 98 став 5 од Уставот, “Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредува со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници”.

Во смисла на член 13 став 1 точка 6 и 11 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000), органите на држав-ната управа постапувајќи во рамките на своите надлежности во согласност со Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори, помеѓу другото, решаваат управни работи и вршат други работи утврдени со Устав и закон.

Согласно член 19 став 2 и 3 од Законот, во состав на Министерството за финансии е управата за јавни приходи која има својство на правно лице.

Во член 55 став 1 од Законот, предвидено е дека “министерот за финансии донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и другите прописи, кога за тоа е овластен со закон”.

Во член 61 став 1 од Законот, содржано е ограничување за министерот, па истиот со актите што ги донесува не може за граѓаните и другите правни лица да утврдува права и обврски, ниту да пропишува надлежности на други органи.

Од содржината на споменатите одреби произлегува дека министерот за финансии не може да има овластување со свој акт да ги пропишува постапката и начинот на обезбедување на плаќање на даночниот долг и даночната обврска, на кој начин не само што се утврдуваат права и обврски за граѓаните и правните лица, туку постои и опасност од арбитрерност и можност за нееднаков третман на даночните обврзници.

7. Тргнувајќи од уставните вредности за владеењето на правото и за поделбата на власта на законодавна, извршна и судска и принципот за уредување на постапките исклучиво со закон, Судот оцени дека постапката и начинот на обезбедување на плаќање на даночниот долг и даночната обврска не можат да бидат уредени со акти на министерот за финансии. Впрочем со таквата законска можност би се навлегувало во законодавната власт што во никој случај не му припаѓа во овластување на министерот за финансии, како еден од органите на извршната власт.

Поради наведеното се одлучи како во точката 2 од ова решение.

8. Решението под точка 1, Судот го донесе едногласно, а решението под точка 2 со мнозинство на гласови, во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.229/2001
13 февруари 2002 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply