Одлука У.бр.123/2001

У.бр.123/2001-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 февруари 2002 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за населбата “Езерски лозја” – во Општина Струга бр. 07 – 804/10, донесена од Советот на Општина Струга на 29. 12. 1999 година.

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање од извршување поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Јавното правобранителство на Република Македонија, а по барање на Советот и Собирот на граѓани од населбата “Езерски лозја” Струга, со решение У.бр.123/2001 од 21 ноември 2001 година поведе постапка за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука, бидејќи основано беше поставено прашањето за неговата согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Со истото решение Судот ги запре од извршување поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на Одлуката.

5. Судот на седницата утврди дека според член 1 од Одлуката, со оваа Одлука се донесува Деталниот урбанистички план за населбата “Езерски лозја”, населено место во општина Струга. Деталниот урбанистички план ги почитува определбите на Основниот урбанистички план. Членот 2 уредува дека Деталниот урбанистички план содржи: графички дел, текстуален дел, стручна ревизија, и извештај од стручна консултација – јавна анкета. Според членот 3, извештајот за стручната консултација и јавната анкета, изготвени од општинскиот надлежен орган за работите од областа на урбанизмот е составен дел на оваа Одлука. Членот 4 уредува дека Деталниот урбанистички план за “Езерски лозја” ќе го спроведува Министерството за урбанизам и градежништво – ПЕ – Струга, по добивањето на согласност од страна на Министерството за урбанизам и градежништво – Скопје. Според членот 5, Деталниот урбанистички план за “Езерски лозја” се заверува со печат и потпис од изготвувачот и Советот на општина Струга, а согласно членот 6 оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен гласник на општина Струга”.

6. Според членот 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, просторното и урбанистичкото планирање е континуиран процес кој се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторни и урбанистички планови кои меѓусебно се усогласуваат.

Според член 10 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, Генерален урбанистички план се донесува за подрачје на населено место, стопански комплекс и за други подрачја предвидени за градба.

Според ставот 2 на овој член Генералниот урбанистички план содржи особено: намена на земјиштето и функционална организација на подрачјето опфатено со планот, со граници на опфатот на урбаното подрачје, решенија за генерални водови и објекти на сообраќајна и друга инфраструктура, основни услови за изградба на станбени, стопански, јавни, спортско-рекреативни и други објекти, градежни и регулациони линии и максимални висински коти, плански мерки за заштита и унапредување на животната средина и природата, природното и градителското наследство, урбани санациони мерки и мерки за заштита од воени разурнувања, природни и технолошки непогоди, одредби за спроведување на планот, билансни показатели и соодветни графички прикази.

Согласно членот 11 од овој закон, Детален урбанистички план се донесува за одделни делови на населени места и други подрачја за кои е донесен Генерален урбанистички план. Деталниот урбанистички план содржи особено:план на намена на просторот и објектите, план на градежни парцели и површина за изградба на објекти определени со регулациони и градежни линии, максимална висина на објектите и други поблиски услови за изградба, план на сообраќајна мрежа со нивелманско решение и мрежа на оски со геодетски податоци, решенија за секундарни водови и објекти на инфраструктура, услови за спречување на архитектонските бариери, урбани санациони мерки и плански мерки за заштита и унапредување на животната средина и природата, природното и градителското наследство, за заштита од воени разурнувања, природни и технолошки непогоди, одредби за спроведување на планот, билансни показатели и соодветни графички прикази.

Детален урбанистички план се изработува на ажурирани геодетски подлоги.

Од изнесените законски одредби произлегува дека детален урбанистички план се донесува за одделни делови на населени места и други подрачја за кои е донесен генерален урбанистички план. Тоа претпоставува дека деталниот урбанистички план треба да биде во рамките на урбанистичкото планирање предвидено односно зацртано со генералниот урбанистички план.

При споредувањето на графичките делови на Генералниот урбанистички план од 1990 година (Основен урбанистички план според Законот за системот на просторното и урбанистичко планирање) и оспорениот Детален урбанистички план јасно може да се согледа дека Деталниот урбанистички план е надвор од границите на урбанистичкиот опфат на Генералниот урбанистички план односно дека со Деталниот урбанистички план се проширува урбанизираниот простор предвиден со Генералниот урбанистички план и тоа од западната страна на границите на опфатот на населбата “Езерски лозја”.

Имајќи го предвид фактот дека оспорениот детален урбанистички план не е во границите на опфатот на Генералниот урбанистички план од 1990 година, Судот оцени дека оспорениот акт не е во согласност со членот 11 од Законот за просторното и урбанистичко планирање.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.123/2001
13 февруари 2002 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply