Решение У.бр.251/2001

У.бр.251/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 30 јануари 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на членовите 40 став 4 и 93 од Законот за здравствено осигурување (“Службен весник на РМ” бр.25/2000, 96/2000 и 50/2001).

2. Адвокатската комора на Република Македонија на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата со оспорените одредби придонесот за здравственото осигурување се пресметувал во зависност од образованието и сложеноста на работите што ги вршел осигуреникот, односно од неговата општествена положба што не било во согласност со член 9 од Уставот на Република Македонија. Адвокатурата, согласно Уставот била самостојна и независна јавна служба и граѓаните што ја вршеле оваа дејност поради тоа што требало да поседуваат високо образование не можело да биде основ односно претпоставка дека ќе остварат таков доход кој ќе биде основ за пресметување на придонесот за здравственото осигурување. Со ваквиот начин на пресметувањето на придонесот за здравственото осигурување овие граѓани биле дискриминирани во однос на лицата вработени во трговските друштва или државните и другите органи кои во својот состав имале лица со минимално образование. Така, адвокатите со оспорените одредби биле доведени во нееднаква положба да плаќаат поголем придонес, не затоа што остваруваат поголем приход туку поради тоа што биле со повисоко образование.

Кај правните лица со повеќе вработени коефициентот на сложеност се пресметувал просечно за сите вработени и за вработените со најниско и за вработените со највисоко образование што значи дека тој коефициент на сложеност на трудот се пресметувал со примена на начелото на солидарност, взаемност, хуманост и социјална правда и затоа бил помал, поради вработените кај правното лице со пониско образование.

Со ваквиот начин на пресметување на придонесот за здравствено осигурување била повредена и темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија хуманизмот, социјалната правда и солидарноста затоа што овие принципи биле доследно применети кај правните лица со повеќе вработени, а немало причина истите принципи да не најдат своја примена и кај вршителите на приватната дејност.

Според мислењето на подносителите правото на здравствена заштита признато со Законот за здравственото осигурување е условено со обврска за плаќање на задолжителен придонес, а во користењето на тоа право граѓаните се еднавки без оглед на нивната општествена положба. Според тоа, еднаквоста на граѓаните во правата од здравственото осигурување требало да се однесува не само на користењето на здравствената заштита, туку и на предходниот услов за користењето на тоа право – во јавната давачка која се воспоставува со закон како услов за користење на тоа право.

3. Судот на седницата утврди дека според член 40 од Законот за здравственото осигурување (во иницијативата се оспорува одредбата на ставот 4 на член 39 од Законот, меѓутоа од наводите во иницијативата несомнено произлегува дека предмет на оспорување е членот 40 став 4 од овој закон), основица за пресметување и плаќање на придонесот за задолжително здравствено осигурување од членовите 38 и 39 на овој закон, за осигурениците за кои се утврдува плата е бруто платата и надоместокот на платата.

Бруто плата, во смисла на овој закон, претставува платата во која се содржани придонесите и даноците што се плаќаат од платата, односно надоместокот на плата.

За осигурениците за кои не се утврдува плата како основица за пресметување на придонесот за задолжителното здравствено осигурување се зема основицата од која се пресметува и плаќа персоналниот данок од плата, зголемена со придонесите и даноците од плата (бруто основица).

Основицата за пресметување на придонесот од ставовите 1 и 3 на овој член, не може да биде помала од најниската плата по работник утврдена со колективен договор помножена со просечниот коефициент на сложеност на трудот кај работодавецот.

Во членот 93 од Законот е предвидено дека до утврдувањето на најниската плата според колективен договор, како најниска плата во смисла на овој закон, ќе се зема износот од 65% од просечната месечна нето плата по работник во соодветната гранка остварена во предходниот месец.

4. Судот, исто така утврди дека Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр.133/2001 од 7 ноември 2001 година, не поведе постапка за оценување уставноста на член 40 став 4 и член 93 од Законот за здравственото осигурување (“Службен весник на Република Македонија бр.25/2000, 96/2000 и 50/2001).

Во образложението на ова решение се вели:

“Правото на социјалното осигурување, а во тие рамки и на здравственото осигурување на граѓаните како елемент на социјалното осигурување, се остварува под услови, на начин и во постапка утврдени со закон и колективен договор. Во тие рамки и определувањето на основиците за придонесот за здравствено осигурување претставува елемент на уставното овластување со закон да се уредат условите и начинот за остварување на правото на граѓаните на социјално осигурување. При тоа, законодавецот во уредувањето на односите е должен да ги има предвид и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

Со Законот за здравственото осигурување се уредува здравственото осигурување, правата и обврските од здравственото осигурување, како и начинот на спроведувањето на здравственото осигурување, кое со овој закон се востановува како задолжително и доброволно.

И покрај тоа што Уставот не содржи мерила за димензиите и обемот на правата на граѓаните и обврските за плаќање на придонесот за здравственото осигурување не е спорно дека преку нормативната функција на државата, односно преку законите во оваа област треба да бидат утврдени начела и да бидат уредени прашања кои еднакво ќе се однесуваат на сите осигуреници. Социјалното осигурување ги опфаќа сите вработени и преку нив членовите на нивните семејства при што не е исклучена можноста права од социјално осигурување под одредени услови да имаат и невработените, и особено лицата на кои им престанал работниот однос без нивна вина.

Грижата на Републиката за социјалната сигурност на граѓаните покрај нормативната функција за остварување на правото опфаќа и обезбедување на материјални и финансиски средства зашто без остварување на оваа компонента правата би биле како декларација без никаква вредност, што ја осмислува државата и како социјална држава.

Според мислењето на Судот, во овој контекст треба да се гледа и еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите утврдена во членот 9 од Уставот. Суштината на оваа уставна норма е нејзиниот антидискриминаторски карактер и што забранува секаква привилегија и облик на повластување, меѓу другото, и по основ на општествената положба на граѓаните. Ова право не допушта воспоставување на основи за било какви разлики меѓу луѓето кога тие остваруваат одделни свои права и пропишани должности.

Сведено на ниво на социјалното осигурување, директно на здравственото осигурување тоа би значело исклучување на било какви разлики во правата од здравственото осигурување ниту во исполнувањето на пропишаните обврски. Според мислењето на Судот одредбата од членот 40 од Законот за здравственото осигурување не допушта разлики помеѓу осигурениците при пресметувањето на придонесот за здравственото осигурување. Оспорената одредба, пак, на ставот 3, востановува само обврска, односно востановува критериум за најникската основица за пресметување на придонесот за сите обврзници која не може да биде помала од најниската плата по работник утврдена со колективен договор помножена со просечниот коефициент на сложеноста на трудот кај работодавецот. Според тоа, за вработените со повисоко образование, независно од тоа каде се вработени, се плаќа поголем придонес. Ако на ова се придаде дека стапките на придонесите за задолжителното здравствено осигурување се утврдуваат како единствени стапки со акт на Собранието на Република Македонија, тогаш и од овој аспект непостои нееднаквост меѓу граѓаните, односно обврзниците за плаќање на придонесот, а при тоа, Законот утврдил еднаква мера за утврдување на висината на придонесите што ја врзал со најниската плата утврдена со колективен договор помножена со просечниот коефициент на сложеност на трудот кај работодавецот. Оттука судот смета дека не може да се бара воспоставување на такви критериуми кои би важеле за обврзниците што обавуваат приватна дејност и трговските друштва и другите обврзници.

Од друга страна, согласно Законот за здравственото осигурување задолжителното здравствено осигурување се востановува за сите граѓани во Република Македонија заради обезбедување на здравствена заштита, меѓудругото, и врз начелата на солидарност и еднаквост што значи, остварувањето на овие начела не може да се сведе во рамките на трговските друштва и другите обврзници како што сметаат подносителите на иницијативата, туку солидарноста, како во извршувањето на обврските за плаќање на придонесот така и за користењето на здравствените услуги има пошироко значење, односно овие начела се остваруваат пошироко во рамките на Републиката, а нечелото на праведност се манифестира токму во обврската граѓанинот што остварува поголема плата да плаќа и поголем придонес за здравствено осигурување.

Со оглед на тоа што оспорените законски одредби содржат еднаква мера за пресметување на основицата за плаќање на придонесот за здравствено осигурување за осигурениците од иста категорија (осигурениците што вршат приватна дејнсот, согласно член 5 од Законот се изедначени со приватните лица), Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нивната согласност со членот 8 алинеја 8, со членот 9 и со членот 34 од Уставот на Република Македонија.”

5. Согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставот на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлу чувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа што Судот ги оценувал членовите 40 став 4 и 93 од Законот за здравственото осигурување и не повел постапка, а нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека иницијативата треба да се отфрли.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.251/2001
30 јануари 2002 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply