Одлука У.бр.151/2001

У.бр.151/2001-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 декември 2001 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ:

– Одлуката за изменување на Одлуката за висината на надоместокот на трошоците на членовите на Советот на Општина Зелениково за вршење на функцијата член на совет, донесена од Советот на општина Зелениково на 29 декември 1997 година,
– Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за висината на надоместокот на трошоците на членовите на Советот на општина Зелениково за вршење на советничка функција, донесено од Советот на општина Зелениково на 30 март 2001 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива на Љупчо Кузмановски од Зелениково поведе постапка за оценување законитоста на одлуките означени во точката 1 од оваа одлука затоа што со нив бил утврден паушален надоместок на членовите на Советот без оглед на трошоците направени во извршување на задачите.

4. Судот на седницата утврди дека на 31 март 1997 година Советот на општина Зелениково донесол Одлука за висината на надоместокот на трошоците на членовите на Советот на општина Зелениково за вршење на функцијата член на советот.

Во член 1 од Одлуката било предвидено дека со оваа одлука се утврдува висината на надоместокот што ќе го добива секој советник на Советот на општината за вршење на својата функција.

Во член 2 од Одлуката било предвидено дека висината на надоместокот се утврдува на 650 денари за секој советник, а ќе се исплати од одржана седница.

Во член 23 било предвидено дека за работа во работни тела на Советот (одбори и комисии) на советникот му припаѓа надоместок од 500,00 денари од одржана седница на работно тело.

Во член 4 било предвидено дека за неприсуство на седниците на Советот на општината и на работните тела на советот, советникот нема да добие надоместок утврден во член 2 и 3 на оваа одлука.

Во член 5 од одлуката било предвидено дека претседавачот на Советот на општината Зелениково има право на месечен паушален надоместок во висина од 800,00 денари.

На 29 декември 1997 година Советот на општината донел Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за висината на надоместокот за трошоците на членовите на Советот која е оспорена со иницијативата.

Според член 1 од одлуката е предвидено дека член 2 се менува и гласи “Висината на надоместокот се утврдува на 2000,00 денари месечен паушален износ без оглед колку седници Советот ќе одржи во текот на месецот.

Во член 2 е предвидено дека член 3 се брише.

Во член 3 е предвидено дека член 4 се менува и гласи “За неприсуство на седниците на Советот на членот на Советот од утврдениот износ од член 1 му се намалува 700,00 денари за секоја седница на која не присуствува.

Во член 4 е предвидено дека член 5 зборовите 800,00 денари се заменуваат со зборовите 300,00 денари.

Во член 5 е предвидено дека оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето а ќе се објави во службено гласило на општината.

На 30 март 2001 година, Советот на општината донел Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за висината на надоместокот на трошоците на членовите на Советот на општината Зелениково за вршење на советничка функција.

Во член 1 од наведената одлука е предвидено дека во Одлуката за висината на надоместокот на трошоците на членовите на советот на општина Зелениково за вршење на функцијата член на совет (Службено гласило бр.1-98/12, Службено гласило 1-98/94 и Службено гласило бр.1-2001/7) членот 2 став 1 се менува и гласи: “висината на надоместокот се утврдува на 3000,00 денари месечно паушален износ, со тоа што ако во месецот се одржи седница овој износ се надополнува со 500,00 денари, без оглед на тоа колку седници ќе одржи советот во текот на месецот”.

Во членот 2 е предвидено дека членот 4 се менува и гласи: “за неприсуство на седниците на членовите на советот утврдениот износ во член 2 став 1 се менува за 1000,00 денари за секое неоправдано отсуство од седницата на советот”.

Во член 3 е предвидено дека членот 5 се менува и гласи: “Претседавачот на Советот на општина Зелениково има право на месечен паушален надоместок во висина од 4000,00 денари, со тоа што ако во месцот се одржи седница овој износ се наголемува за уште 500,00 денари, без оглед на тоа колку седници ќе одржи советот во тековниот месец.

4. Според член 37 од Законот за локална самоуправа членовите на советот имаат право на надоместок на патните и дневните трошоци во со закон утврдени рамки, како и на трошоците направени и во извршувањето на задачите што им ги доверил советот.

Од наведената законска одредба произлегува дека членовите на советот имаат право на патните и дневните трошоци, како и на трошоци што тие ќе ги направат при извршување на задачите што им ги довери и советот, при тоа со законот не се дава можност на членовите на советот и на претседавачот да им се определува паушален надоместок кој не е врзан за конкретна активност.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај со оспорените одлуки е предвидено надоместок без оглед на тоа дали советот ќе одржи седница или не, а доколку се одржи седница овој износ се надополнува со уште 500,00 денари без оглед колку седници ќе се одржат, Судот оцени дека не е во согласност со законот, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

5. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.151/2001
26 декември 2001 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply