Решение У.бр.228/2001

У.бр.228/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 декември 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на ПП “Ротекс” од Битола и Ристевски Пеце од Битола за заштита на слободите и правата што се однесуваат на забрана на дискриминација по основ на социјална припадност.

2. ПП “Ротекс” од Битола и Ристевски Пеце од Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа барање за заштита на слободите и правата означени во точката 1 од ова решение затоа што сметаат дека со повеќе одлуки на Основниот и Апелациониот суд од Битола им била нанесена неправда, односно биле дискриминирани во постапките што се воделе по односните предмети, и тоа поради неизведување докази, лажно и погрешно утврдена фактичка состојба, прифаќање на фалсификувани документи и непримена на важечката законска регулатива.

Така, подносителите бараат Судот да ги укине решенијата П.бр.2251/98 од 29.03.1999 година и од 26.10.2000 година на Основниот суд на Битола и Решенијата Гж.бр.1642/99 од 7.06.1999 година и Гж.бр.1834/2001 од 12.09.2001 година, двете донесени од Апелациониот суд од Битола. Со овие решенија подносителите сметаат дека е сторена повреда на членовите 30, 32, 51 и 55 од Уставот на Република Македонија и членовите 3 и 6 од Европската Конвенција за заштита на човековите права и основните слободи и членот 1 од И Протокол на Конвенцијата.

Според подносителите на барањето, во постапките по наведените предмети биле сторени суштествени повреди на процедуралните принципи и погрешна примена на материјалното право, што на крајот резултирало и со неправични, односно погрешно донесени одлуки. Во барањето е наведено дека посочените предмети претставуваат спорови од имотно-правен карактер (постапка за издавање времена мерка и спор поради смеќавање на владение) кои произлегуваат од закупо-правен однос врз деловен простор во Битола. Како резултат на донесените одлуки, на ПП “Ротекс” му било ограничено правото да го користи деловниот простор кој го имало земено под закуп, му било оневозможено да функционира нормално (со што било ограничено и правото на работа и соодветна заработувачка на другиот подносител на барањето) и истото било доведено во понеповолна, подредена положба во однос на другото правно лице кое било странка во парничната постапка.

3. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Согласно член 51 од Деловникот на Уставниот суд, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода за кои Судот е надлежен да одлучува, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Судот утврди дека со барањето се упатува на решенија на Основниот и Апелациониот суд од Битола со кои е одлучувано за прашања од имотно – правен карактер. При тоа, со исклучок на решението Гж.бр.1834/2001 од 12.09.2001 година на Апелациониот суд, останатите поединечни акти на кои се повикуваат подносителите, не ги исполнуваат процесните претпоставки за постапување на Судот (или се работи за поединечни, но не правосилни акти или за акти за кои барањето е поднесено по истекот на рокот од 2 месеци од денот на нивното доставување). Врз основа на тоа, во овој дел Судот оцени дека барањето треба да се отфрли.

Иако решението Гж.бр.1834/2001 ги исполнува процесните претпоставки (се работи за правосилен поединечен акт поднесен до Судот пред истекот на предвидениот рок) сепак, Судот оцени дека и во овој дел треба да се отфрли барањето поради тоа што истото не содржи никакви елементи кои би упатиле на евентуална дискриминација на подносителите по основ на социјална припадност. Се работи за второстепен акт со кој се потврдува состојбата утврдена со првостепената одлука. Решението е од сферата на граѓанското право и уредува едно конкретно прашање – смеќавање на владение врз деловен простор. Според мислењето на Судот подносителите не изнесуваат никакви конкретни факти и докази кои би ги оправдале причините поради кои се бара заштитата. Тие сметаат дека во постапката им била дадена поголема “тежина” на едни докази за сметка на други и дека била поклонета доверба на наводно фалсификувани документи. Поради тоа, тие бараат и од самиот Уставен суд да изведе одредени докази.

Оттука, Судот оцени дека само начелното повикување на забраната на дискриминација по основ на социјална припадност не е доволен основ за Судот да одлучува ин меритум. Имплицитното (па дури и експлицитното) барање содржано во барањето Судот да ги укине посочените судски акти, јасно укажува дека намерата на подносителите е насочена повеќе кон тоа Судот едноставно да пресуди во конкретната работа, односно да постапи од позиција на инстанционо надреден орган, што не е негова надлежност, ниту позиција.

4. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.228/2001
26 декември 2001 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply