Решение У.бр.184/2001

У.бр.184/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 7 ноември 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста член 62 став 2 точките 1 и 2 од Законот за преминување на државната граница и за движење во граничниот појас (“Службен весник на РМ” бр.36/92).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 62 став 2 точките 1 и 2 од законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите од иницијативата оспорениот член не бил во согласност со членовите 8 став 1 алинеја 1, 3 и 11, член 13 став 1, член 14 став 1, член 29 став 1, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија, затоа што правните последици од осудата не се трајни, туку повремени според Кривичниот законик и тие се утврдуваат со конкретна правосудна одлука, а не по сила на закон.

3. Судот на седницата утврди дека во член 62 од Законот за преминување на државната граница и за движење во граничниот појас е предвидено дека барање за издавање дозвола за движење и задржување на граничниот премин може да се одбие кога тоа е потребно заради безбедносноста на државната граница. Дозволата за движење е престој надвор од местото на граничниот премин нема да му се издаде на странец: 1. кој во Република Македонија бил осуден поради кривично дело што се гони по службена должност; и 2. кој во Република Македонија бил казнет поради девизен или царински прекршок.

4. Според член 29 став 1 од Уставот, странците во Република Македонија уживаат слободи и права гарантирани со Уставот, под услови утврдени со закон и меѓународни договори.

Како странци се сметаат лицата што не се државјани на Република Македонија без оглед на основот по кој тие престојуваат во Републиката.

Во член 2 од Законот за движење и престој на странците, странците за време на престој во Република Македонија се должни да се придржуваат на Уставот на Република Македонија, законите и другите прописи и одлуки на државни органи, како и во согласност на обврските утврдени со меѓународни договори.

Исполнувањето на должностите на странците е битен услов за дозволување на нивниот престој во земјата, а неисполнувањето на должностите како и злоупотребата на правата се основ за откажување на престој и нивно присилно отстранување.

Според тоа поаѓајќи од наведените уставни и законски одредби, а имајќи ја предвид оспорената одредба како и статусот странците што го имаат во земјата во која престојуваат или сакаат да се движат во граничниот појас, Судот смета дека предвидените ограничувања на странците се резултат на непочитување на Уставот, Законот и други прописи, односно неисполнување на должност како и злоупотребата на правата се основ законодавецот да предвиди одредени ограничувања.

Со оглед на изнесеното, Судот смета дека престојот во земјата и движењето во граничниот појас на странците е под посебен режим при што правните последици од осудата на странец осуден во државата на кои се повикува иницијаторот се ирелевантни, поради што оцени дека оспорената одредба не е во несогласност со Уставот и одлучи како во точката 1 од ова решение .

5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.184/2001
7 ноември 2001 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply