Одлука У.бр.117/2001

У.бр.117/2001-1

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 21 ноември 2001 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 17 став 3 од Законот за платниот промет (“Службен весник на РМ” бр.32/2001 и 50/2001).

2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива од Стамен Филипов од Скопје поведе постапка за оценување уставноста на член 17 став 3 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што тој не бил во согласност со членовите 8 став 1 алинеја 3 и 4, 51 и 98 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека во член 17 од Законот е предвидено дека решението за присилна наплата се доставува до носителот на платен промет назначен во решението за присилна наплата.

Во случај на недостиг на средства за потполно извршување на решението за присилна наплата, носителот на платниот промет го извршува решението во висина на расположливите средства и преку единствениот регистар на иматели на сметки, ги известува банките каде што учесникот во платниот промет има сметки дека не смеат да вршат плаќање на налог на учесникот – должник до потполно извршување на решението, освен налози со кои се врши пренос на средствата на сметката кај носителот на платен промет, кој што треба да го изврши решението за присилна наплата.

Во оспорениот став 3 е предвидено дека министерот за финансии по потреба го пропишува начинот и постапката на извршување на присилната наплата од став 2 на овој член.

5. Во член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот на РМ покрај другите како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се и владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Според член 51 од Уставот на Република Македонија во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законот.

Секој е должен да го почитува Уставот и законите.

Во член 98 ставовите 1 и 2 од Уставот е предвидено дека судската власт ја вршат судовите кои се самостојни и независни.

Според став 5 на член 98 од Уставот, видовите, надлежноста, основањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број.

6. Тргнувајќи од наведените уставни одредби, а имајќи ја предвид содржината на оспорената одредба на член 17 став 3, според која министерот за финансии по потреба го пропишува начинот и постапката на извршување на присилната наплата од став 2 на овој член, Судот оцени дека со наведеното законско овластување се засегнува во уредување на прашања од извршната постапка што не е во согласност со член 98 став 5 од Уставот, а според кој уредувањето и на извршната постапка како една од видовите на судските постапки е резервирана да биде уредена со закон. Исто така, ова овластување отстапува и од општиот принцип на поделба на власта на законодавна, извршна и судска.

Освен тоа, предвидувањето на можноста со акт на министерот по потреба да се пропишува начинот и постапката за извршување на присилната наплата, која е регулирана со Законот за извршната постапка, според мислењето на Судот би можело да значи арбитрерност и можност од нееднаков третман кон субјектите во платниот промет.

7. Од наведените причини Судот оцени дека член 17 став 3 не е во согласност со Уставот и одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.117/2001
21 ноември 2001 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply