Одлука У.бр.23/2001, У.бр.24/2001 и У.бр.48/2001

У.бр.23/2001-1, У.бр.24/2001-1 и У.бр.48/2001-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 ноември 2001 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2001 година).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.23/2001, У.бр.24/2001и У.бр.48/2001 од 3 октомври 2001 година, поведе постапка за оценување уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2001), затоа што пред Судот се постави прашањето за неговата несогласност со темелните вредности на уставниот поредок утврдени во член 8 алинеите 1, 3 и 8 од Уставот на Република Македонија, односно со темелните вредности за основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, со уставното начелно на еднаквост пред Уставот и законите, правото на работа, правото на социјална сигурност и правото на социјална заштита.

4. Судот на седницата утврди дека според член 1 од оспорениот закон во Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94, 14/95, 71/96, 32/96, 32/97, 24/2000 и 96/2000), во членот 17 по ставот 2 се додаваат четири нови става, кои гласат:

“Осигуреникот може да стекне право на старосна пензија ако му недостасуваат најмалку до пет години пред исполнување на условите за старосна пензија и ако му престане работниот однос согласно член 133-а од Законот за работните односи.

На осигуреникот од став 3 на овој член, пензиската основица му се утврдува во проценти за навршен пензиски стаж како да бил во работен однос до исполнувањето на условите за стекнување на право на старосна пензија.

За остварување на правото на старосна пензија од ставот 3 на овој член, средствата ги обезбедува работодавецот.

Осигуреник избран на непосредни избори во претставничкиот или во друг државен орган може да стекне право на пензија по престанување на мандатот под услови, начин и постапка утврдена со посебен закон.”

Според членот 2 од Законот во членот 25 став 1 по зборот основа зборовите “на невработените лица кои примаат паричен надоместок” се бришат.

По ставот 2 се додава нов став 3 кој гласи:

“За утврдување на пензиската основа на невработените лица кои примаат паричен надоместок, се зема паричниот надоместок пресметан со коефициент на валоризација од годината во која е исплатен тој надоместок.”

Според членот 3 од Законот, во членот 180 ставот 4 се додава нов став 5 кој гласи:

“Основицата за пресметување и плаќање на придонесот за пензиското и инвалидското осигурување за невработените лица, претставува паричниот надоместок во случај на невработеност.”

Во став 6 по зборот “платата” зборот “односно” се заменува со зборот “од”, а по зборот “осигурување” се додаваат зборовите: “односно од паричниот надоместок што го примаат невработените лица во случај на невработеност”.

Ставовите 5, 6, 7, 8, 9, 10, 11 и 12 стануваат ставови 6, 7, 8, 9, 10, 11, 12 и 13.

Судот, исто така, утврди дека со Одлука У.бр.10/2001 од 12 септември 2001 година го укина Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.3/2001) и дека овој закон е функционално поврзан со членот 1 од оспорениот закон.

5. Според член 8 став 1 алинеја 1, 3 и 8 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Во членот 9 од Уставот е утврдено дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, а според ставот 2 на овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност, а во ставот 5 на овој член е предвидено дека правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективен договор.

Во членот 34 од Уставот е предвидено дека граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и колективен договор, а според член 35 став 1, исто од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална правичност.

Од анализата на означените одредби произлегува дека Уставот го прокламира правото на работа и материјална обезбедност за време на привремена невработеност, утврдувајќи дека правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективен договор.

Исто така, Уставот го прокламира и принципот на право на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување кое се уредува со закон и колективен договор. Уставот предвидува и обврска на државата да обезбеди социјална заштита и социјална сиругност на граѓаните, а која се остварува врз основа на начелото на социјална правичност, што укажува на остварувањето на социјалниот карактер на државата. Видовите на правата, обемот, начинот на стекнување и користење на правата Уставот го резервирал да го уреди законодавната власт, што значи Уставот утврдил обврска за нивно законско уредување. Според тоа, нормативната функција на државата во уредувањето како на правата од работен однос, така и на правата од социјалното осигурување со Уставот не е димензионирана, меѓутоа, со законите мора да бидат утврдени такви односи кои еднакво ќе се однесуваат на сите граѓани, односно на сите вработени или невработени лица. Притоа, државата е должна, зависно од материјалните можности во уредувањето на правата на граѓаните во прв ред да поаѓа од уставните гаранции за еднаквоста на граѓаните во остварувањето на правата од работен однос и социјалното осигурување, односно во користењето на тие права да бидат еднакво третирани и да се однесуваат на сите граѓани што се наоѓаат во иста положба.

Тргнувајќи од тоа дека со оспорениот закон се вршат измени и дополнувања на Законот за пензиското и инвалидското осигурување и тоа со предвидување на посебен начин на остварување право на старосна пензија, ако на осигуреникот му недостасуваат најмногу до пет години пред исполнувањето на условите за стекнување право на старосна пензија и ако му престане работниот однос согласно со член 133-а од Законот за работните односи, што би значело посебни услови за остварување право на старосна пензија при престнаок на работен однос кога во својство на работодавец се јавува државата, односно во јавниот сектор, Судот смета дека вработените во јавниот сектор се наоѓаат во поинаква правна положба од вработените во стопанството и дека за нив, со овој закон се утврдуваат поинакви услови и начин за остварување на правото на старосна пензија како последица од престанок на работниот однос, исто на поинаков начин и под поинакви услови.

Од наведените уставни одредби произлегува дека уставна обврска на законодавецот при уредување на односите во врска со остварувањето правото на старосна пензија како основно право од правото на социјално осигурување, граѓаните да ги стави во еднаква правна положба. Меѓутоа, Судот утврди дека оспорениот закон не пропишува еднакви услови за остварување право на старосна пензија. Имено, со воведувањето на нови услови за остварување право на старосна пензија во системот на пензиското и инвалидското осигурување, и тоа поврзано со престанокот на работниот однос по потреба на службата со отказ, и да се однесува само за вработените во јавниот сектор, а не на сите вработени кои остваруваат право на пензија од ист извор значи дека Законот граѓаните ги става во нееднаква положба. При тоа, треба да се има предвид дека Законот за пензиското и инвалидското осигурување на единствен начин го уредил пензиското и инвалидското осигурување на работниците неправејќи никаква разлика во остварувањето на правата по основ на работа, односно вработување во стопанството или во јавниот сектор.

Според ставот 6 на член 1 од оспорениот закон е предвидено дека осигуреникот избран на непосредни избори во претставничкиот или во друг државен орган да може да стекне право на пензија по престанување на мандатот под услови, начин и постапка утврдена со посебен закон што несомнено укажува дека определена категорија граѓани само поради нивната општествена положба со Законот се издвојуваат од системот на пензиското и инвалидското осигурување. Всушност, во системот на пензиското осигурување се воспоставува нов систем за остварување право на пензија на определена категорија граѓани, а со посебен закон ќе се утврдат условите, начинот и постапката за остварување правото на пензија.

Тргнувајќи од означените уставни начела на социјалната сигурност и социјалното осигурување и уставната обврска државата да се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност, соглансо со начелото на социјална праведност, покрај сето изнесено треба да се има предвид дека овие гаранции граѓаните ги остваруваат по протекот на работниот век или прекин на работниот век ако настапи трајна неспособност за работа. Меѓутоа, од оспорената одредеба несоменно произлегува како услов за стекнување пензија е само осигурениот да бил избран во претставничкиот орган или во друг државен орган, па може и да биде без никаков предходен пензиски стаж што би значело без никакви вложувања во пензиски фонд. Оттука, Судот оцени дека ваквата одредба е надвор од концептот за социјалното осигурување и дека покрај начелото на еднаквост, ги доведува во прашање и уставните начела на социјалното осигурување, социјалната правда, владеењето на правото, хуманизмот и солидарноста.

Тргнувајќи од сваќањето дека правата од социјално осигурување се утврдуваат со закон и колективен договор, не е спорно дека законодавецот е овластен нормативно да го уреди начинот на пресметување на придонесот за пензиското и инвалидското осигурување. Меѓутоа, законодавецот е обврзан и при нормирањето на начинот на пресметување на придонесот за пензиското и инвалидското осигурување да се раководи од уставните гаранции за социјалната сигурност на граѓаните.

Со Законот за вработување и осигурување за случај на невработеност (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/97 и 25/2000), се уредени правата и обврските на работодавците, невработените лица и државата во врска со вработувањето во случај на невработеност, меѓу другото, и правото на осигурување во случај на невработеност, а како едно од правата од осигурување во случај на невработеност според овој закон е паричниот надоместок и правото на пензиско и инвалидско осигурување, во согласност со прописите од пензиското и инвалидското осигурување.

Согласно член 68 од овој закон висината на месечниот паричен надоместок за време на невработеност се утврдува врз основа на пресметаните и исплатените плати кај работодавецот, согласно закон и колективен договор и изнесува 50% од просечната месечна нето плата на работникот за последните 12 месеци за лице кое има право на паричен надоместок до 12 месеци, а 40% за лице кое има право на паричен надоместок подолго од 12 месеци.

Надоместокот од став 1 на овој член не може да изнесува повеќе од просечната месечна нето плата по работник во нестопанството на Републиката, објавена за последниот месец.

Тргнувајќи од значењето за обезбедување средства за остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување членот 25 и членот 180 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување поблиску ги дефинира основиците за пресметување и плаќање на придонесот за овој вид осигурување.

Не е спорно дека паричниот надоместок кој се обезбедува за време на невработеност не преставува плата туку остварување на уставната гаранција за материјална обезбедност за време на привремена невработеност. Ако се има предвид дека и пензијата, согласно членот 19 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, се утврдува од месечниот просек на платите што осигуреникот ги остварил за време на вкупното траење на осигурувањето, Судот смета дека утврдувањето на пензиската основа на невработените лица од паричниот надоместок и соодветно на тоа и пресметувањето на придонесот за пензиско осигурување отстапува од принципот дека пензиите се утврдуваат од платата на осигуреникот што од своја страна продуцира социјална неправда, поради што оцени дека со членот 2 и 3 од Законот се повредува начелото на социјална праведност, како основен принцип во задолжителното пензиско и инвалидско осигурување.

Со оглед на изнесеното и функционалната поврзаност на членот 1 од означенчиот закон со укинатиот Закон за изменување и дополнување на Законот за работни односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.3/2001), Судот оцени дека оспорениот закон не е во согласност со наведените уставни одредби.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.23/2001
У.бр.24/2001
У.бр.48/2001
21 ноември 2001 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply