Решение У.бр.74/2001, У.бр.77/2001 и У.бр.78/2001

У.бр.74/2001, У.бр.77/2001и У.бр.78/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 ноември 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на целината на:

а) Правилникот за составот, надлежноста и начинот на работата на лекарските комисии на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, донесен од Управниот одбор на Фондот на 27 ноември 2000 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.111/2000);

б) Правилникот за начинот на користење на здравствени услуги на осигурените лица во странство, донесен од Управниот одбор на Фондот на 27 ноември 2000 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.111/2000);

в) Правилникот за индикациите за остварување на право на ортопедски и други помагала, донесен од Управниот одбор на Фондот на 27 ноември 2000 година и 7 септември 2001 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.111/2000 и 71/2001); и

г) Правилникот за содржината и начинот на остварување на правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување, донесен од Управниот одбор на Фондот на 27 ноември 2000 година и на 7 септември 2001 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.111/2000 и 71/2001);

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за висината на учество на осигурените лица во цените на здравствените услуги, донесена од Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија на 25 декември 2000 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.1/2001);

3. Петре Киревски и Стамен Филипов – граѓани од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа одвоено иницијативи за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на целината на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение, затоа што со нив биле уредувани правата на граѓаните од сферата на здравствена заштита и здравствено осигурување иако таа материја можела да се регулира само со закон и колективен договор, поради што оспорените акти во целина не биле во согласност со член 34 од Уставот и со одредбите од Законот за здравствено осигурување.

Истовремено, со иницијативата на првиот подносител е побарано запирање од извршување на поединечните акти и дејства донесени односно преземени врз основа на наведените пет акти,со цел да се спречи настанување на тешко отстранливи последици од нивната примена.

4. а) Судот на седницата утврди дека со правилникот означен во точката 1 под а) од ова решение се уредува составот, надлежноста и начинот на работа на лекарските комисии за оцена на привремената спреченост за работа, на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (член 1). Така, на пример, околу составот се предвидува комисиите да се формираат за подрачјето на секоја подрачна служба на Фондот, или да ги сочинуваат доктори на медицина (членови 2 и 3); околу надлежноста на лекарските комисии се определува, на пример, првостепената да дава оцена за привремена спреченост за работа над 15 дена, или второстепената комисија да одлучува по приговорите изјавени против актите на првостепената комисија (членовите 4-6); околу начинот на работата на лекарските комисии се предвидува, на пример, тие да работат во полн состав, а да одлучуваат со мнозинство гласови врз основа на медицинска документација од извршениот преглед (членовите 7-16);

4. б) Потоа, Судот на седницата утврди дека со правилникот означен во точката 1 под б) од ова решение се утврдува начинот на користење на (1) болничкото лекување на осигурениците во странство, (2) здравствените услуги на осигурениците кои се на привремена работа во странство, (3) итната медицинска помош на осигурениците кои привремено престојуваат во странство, (4) најповолните цени на здравствените услуги во странство и (5) надоместувањето на патните трошоци (член 1). Така, на пример, околу болничкото лекување во странство, се определува дека постапката за лекување во странство се поведува по барање на осигуреникот, или, на пример, барањето се поднесува, преку подрачната служба на Фондот, до Фондот за здравствено осигурување на Македонија, заедно со конзилијарно мислење од Клиничкиот центар во Скопје и потребната медицинска документација (членовите 2-21); околу користењето на здравствените услуги во странство од осигуреници на привремена работа во странство, Правилникот предвидува, на пример, осигуреникот за тоа да добие потврда од подрачната служба на Фондот, на барање на осигуреникот, а по завршувањето на привремената работа во странство, работодавецот го известува Фондот за тоа (член 22-26), околу начинот на користењето на здравствени услуги во странство на осигуреници кои привремено престојуваат во странство, се определува дека под тоа се подразбира приватно или службено патување, студии, школување, стручно усовршување, престој во врска со меѓународна соработка, при што се предвидува во тие случаи, осигурениците да можат да остварат, на пример, итна медицинска помош заради отстранување непосредна опасност по нивниот живот и здравје (член 27); околу здравствените услуги за итна медицинска помош, тие се признаваат во полн износ; околу трошоците за превоз на посмртните останки на умреното лице лекувано во странство врз основа на одобрение од Фондот, се определува дека нив целосно ги плаќа Фондот (член 28);

4. в) Судот, исто така, утврди дека со правилникот означен во точката 1 под в) од ова решение се се утврдуваат индикациите (показателите) врз основа на кои се остварува правото на протези, ортопедски и други помагала, помошни и санитетски справи и материјали и заботехнички средства, начинот на остварување и висината на учеството на осигурениците во цената на тие помагала (член 1). Така, во врска со индикациите и видовите на помагала, на пример, членовите 3 – 28 се посветени на – ортопедските помагала (и тоа на протези за раце и нозе; на ортопедски средства – ортози; на инвалидски колички; на ортопедски чевли и ортопедски влошки, еластични чорапи и останати помагала и санитарни справи. Со членовите 55 – 62 од Правилникот се уредува начинот на остварувањето на ортопедските и други помагала (на пример, дека е за тоа потребна потврда што ја издава лекар специјалист од соодветната специјалност, или, на пример, дека потврдата ја заверува подрачната служба на Фондот после прибавено мислење од првостепена лекарска комисија). Членовите 63 – 65 од Правилникот се однесуваат на учеството на осигурениците во цената на ортопедските и други помагала (и тоа 40% од цената на помагалото, што е согласно Законот).

4. г) Судот на седницата утврди дека со правилникот означен во точката 1 под г) од ова решение се уредува содржината на остварувањето и начинот на кој се доаѓа до правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување преку Фондот (член 1). Во таа смисла, членовите 4 – 9 од Правилникот го утврдуваат начинот на стекнување својство – осигурено лице, а членовите 10-12 начинот на докажување на својството – осигурено лице. Членовите 13-51 пропишуваат начин на остварување на правата од примарната здравствена заштита (околу избраниот лекар, околу содржината на основните здравствени услуги, околу стоматолошка здравствена заштита, домашното лекување, итна медицинска помош, превоз со санитетско возило, патронажна посета, околу користење на лекови). Членовите 52 – 58 се однесуваат на тоа како се остваруваат правата од специјалистичко-консултативна здравствена заштита. Понатаму, членовите 59 – 72 се однесуваат на начинот на остварувањето на правата од болничка здравствена заштита. Членовите 73 – 76 се однесуваат на начинот на остварувањето на правото на медицинска рехабилитација. Членот 77 е посветен на прашања околу обдукција на умрени, а членот 78 се однесува на остварувањето на правото на протези и други ортопедски помагала. Членот 79 е посветен на остварување на право на лекување во странство (ако се исцрпени можностите за лекување во Република Македонија, кога осигуреникот е на привремена работа во странство и кога привремено престојува во странство). Членовите 80-97 се однесуваат на начинот на остварувањето на правата на парични надоместоци (и тоа, околу утврдувањето на привремената спреченост за работа, надоместокот за плата и за патните трошоци околу лекувањето).

Имајќи ја предвид изнесената содржина на наведените четири правилници како целини, која всушност претставува разработка на правата на граѓаните определени во Законот за здравственото осигурување, како и уредување на начинот и постапката на остварувањето на законските права, Судот утврди дека целините на правилниците се во функција на остварувањето на Законот и како такви не излегуваат надвор од законските рамки, поради што Судот смета дека не може да се постави прашањето за нивната согласност со член 34 од Уставот и наведениот закон.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Во врска со одлуката означена во точката 2 од ова решение, Судот утврди дека со неа “се утврдува висината на учеството на осигурените лица со лични средства при користењето на здравствените услуги и лековите” (член 1). Така, на пример, во член 2 се уредува учеството во лековите, а членот 3, пак, се однесува на учеството во цената на здравствените услуги.

Истовремено, Судот утврди дека со друга Одлука (“Службен весник на Република Македонија” бр.48/2001), престанала да важи оспорената одлука на 4 јули 2001 година.

Со оглед на тоа што оспорената одлука престанала да важи, Судот утврди дека нема процесни претпоставки за постапување по таа иницијатива, поради што, согласно член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Судот, одлучи како во точката 2 од ова решение.

6. Што се однесува до барањето за изрекување на времена мерка, Судот утврди дека не се исполнети условите за тоа определени во член 27 став 1 од Деловникот на Судот, со оглед дека не можат да настанат тешко отстранливи последици од примената на оспорените акти.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.74/2001
У.бр.77/2001
У.бр.78/2001
21 ноември 2001 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply