30/2001-0-0

30/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 септември 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на
а) член 11 став 2
б) член 14 став 1 алинеја 5 и
в) член 19 од Законот за Воена академија (“Службен
весник на РМ” бр. 30/95 и 54/97).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.

Имено, според него, деканот на Академијата не бил овластен со правилник да ги утврдува работните места, туку дека истите требало да бидат утврдени со закон.

Вака формулиран, оспорениот став 2 на член 11 од Законот бил несогласен со Законот за организација и работа на органите на државната управа според кој правилникот, како акт, се носел само во функција на операционализација на законите, дека негов доносител можел да биде само соодветниот ресорен министер, а не деканот на високо-образовната установа.

Во овој контекст, подносителот на иницијативата го отвара и прашањето за статусот на Воената академија во смисла дали истата е орган на државната управа.

4. Судот на седницата утврди дека согласно ставот 2 на член 11 од Законот за воената академија, работните места во Академијата со правилникот ги утврдува деканот на Академијата, по претходна согласност од министерот за одбрана.

Во тој контекс пред Судот како спорно се постави прашањето дали деканот на Воената академија може со правилник да ги утврдува работните места во Академијата.

Согласно членот 8 од Законот за воената академија одредбите од Законот за високото образование и Законот за научно истражувачката дејност се применуваат на Воената академија, доколку со овој закон не е поинаку определено.

Така, во членот 185 од Законот за високото образование е предвидено дека одредбите на овој закон се применуваат на високообразовните државни воени и полициски академии, доколку во законите со кои се основани поинаку не е определено.

Согласно член 8 од Законот за високото образование основен акт на високообразвната установа е статутот со кој, меѓу другото, се уредуваат внатрешната организација, начинот на вршењето на високообразовната дејност и други прашања од значење за образовната дејност, за кои со овој закон е предвидено дека се уредуваат со статут во согласност со остварувањето на нејзината автономија.

Согласно ставот 3 на овој член од Законот, статутот го донесува органот на управување на високообразовната установа, а согласност добива од деканот на универзитетот.

Во конкретниов случај Наставно-научниот совет на Воената академија, по претходно мислење на министерот за одбрана, донел статут со кој во членот 30 предвидел дека со Академијата раководи декан кој е воен старешина од редот на наставно-научните и научните работници, кого го поставува и разрешува министерот за одбрана.

Согласно член 31 став 1 алинеја 2 и став 2 од Статутот деканот обезбедува законито и ефикасно вршење на работите и задачите на Академијата, а особено ги утврдува работните места во Академијата. Во вршењето на овие работи тој донесува правилници, правила, одлуки и сл.

Всушност, наставно-научниот совет, преку Статутот на Академијата, го овластил деканот на истата, меѓу другото, да ги утврдува и работните места.

Врз основа на ова овластување деканот на Академијата донесува правилник со кој ги утврдува работните места во истата, што, според Судот е согласно со Уставот на Република Македонија.

Во случајов утврдувајќи ги работните места на Академијата со правилник, според Судот деканот постапил согласно со Уставот и со закон, поради што оцени дека нема основ за оспорување на одредбата од овој аспект.

Во врска со прашањето за правниот статус на Воената академија во смисла дали истата претставува орган на државната управа, Судот смета дека Академијата е образовна и научно истражувачка установа, поради следното:

Согласно член 1 од Законот за воената академија, истата се основа за образование на кадри за потребите на Армијата на Република Македонија.

Согласно член 2 на овој закон, Воената академија е високо образовна и научно-истражувачка установа.

Членот 4 на овој закон предвидува дека одредбите на Законот за високото образование и Законот за научно истражувачка дејност соодветно се применуваат и во работата на Академијата, доколку со овој закон не е поинаку определено.

Во тој контекст членот 8 од Законот за Воената академија предвидува дека Академијата врши научно-истражувачка работа како интегрален дел од вкупната дејност и основа за остварување на наставно-образовната работа.

Работите од став 1 на овој член од Законот поблиску се уредуваат со Статутот на Академијата.

Како што се гледа од наведените одредби, законодавецот го определил статусот на Академијата како научно-истражувачка установа при што предвидел дека во работата на Академијата ќе се применуваат одредбите од Законот за високо образование и Законот за научно истражувачка дејност, доколку овој закон не предвидува поинакви решенија за одделни случаи.

Исто така, од одредбата од член 8 став 2 од Законот произлегува дека законодавецот упатува научно истражувачката работа, како интегрален дел на вкупната дејност, поблиску да се уреди со Статутот на Академијата.

Од тие причини, за Судот е неспорно дека Воената академија има статус на образовна и научно-истражувачка установа, а не статус на орган на државната управа.

Во прилог на оваа констатација оди и одредбата од членовите 11 и 15 од Законот за организација и работа на органите на државната управа каде што воената академија не се споменува како орган на државната управа.

Меѓутоа, во тој контекст иницијаторот се повикува и на несогласноста на членот 11 став 2 од Законот за Воената академија со членовите 95 став 3, 96 и 97 од Уставот на Република Македонија.

Од тие причини, Судот направи осврт и на овие уставни одредби.

Имено, согласно член 95 став 3 од Уставот, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Имено, оваа норма упатува организацијата и работата на органите на државната управа да се уреди со закон, поради што Судот смета дека не би можело основано да се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.

Понатаму, согласно член 96 од Уставот, на кој иницијаторот се повикува во смисла на неуставноста на оспорената законска норма, предвидува органите на државната управа работите од својата надлежност да ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни пред Владата.

Како што се гледа од содржината на оваа норма, истата зборува за самостојноста на државните органи која мора да се движи во рамките на Уставот и законите, но не во таа смисла во која ја интерпретира подносителот на иницијативата.

Од тие причини, Судот оцени дека не би можело, од овој аспект, да се постави прашањето за уставноста на овој член од Законот.

И на крај, според членот 97 од Уставот со органите на државната управа во областа на одбраната и полицијата раководат цивилни лица кои непосредно пред изборот на тие функции биле цивилни најмалку три години.

Според Судот е неосновано од овој аспект да се коментира уставноста односно неуставноста на оспорената законска одредба наспроти овој член од Уставот, кој нема врска со спорните прашања што ги поставува.

5. Исто така, Судот на седницата утврди дека согласно членот 14 став 1 алинеја 15 од Законот за Воената академија право на учество на конкурсот за прием на Академијата имаат кандидати, кои, покрај општите (алинеи 1, 2, 3 и 4) ги исполнјуваат посебните услови за прием определни во Статутот на Академијата.

Подносителот на иницијативата смета дека посебните услови можат да се предвидат само со закон.

Согласно членот 19, пак, од овој закон, посебните права и обврски меѓу питомците на Академијата се уредувват со договор во согласност со Статутот на Академијата.

Оваа одредба од Законот се оспорува затоа што предвидувала посебните права и обврски меѓу питомците да се уредуваат со договор, во согласност со статутот на Академијата, а не со закон, како што смета подносителот на иницијативата.

Гледајќи ги во корелација овие два члена од Законот, пред Судот се поставија, како спорни две прашања:

1. дали посебните услови за прием во Академијата мораат да бидат определени исклучиво со закон и

2. дали посебните права и обврски меѓу питомците на Академијата можат да се уредуваат со договор во согласност со Статутот на Академијата.

Согласно член 185 од Законот за високото образование одредбите на овој закон се применуваат на високообразовните државни воени и полициски академии, доколку во законите со кои се основани поинаку не е определено.

Така, согласно член 4 став 4 од Законот за високото образование, високообразовна установа може да го носи називот “универзитет”, “факултет”, “уметничка академија” и “висока стручна школа”, доколку е основана и аредитирана согласно со овој закон.

Членот 6 став 5 од Законот, кој спаѓа во главата “Достапност на високото образование за стекнување статус на студент во високообразовните установи поблиску ги уредува условите за стекнување на овој статус на универзитетот, односно високообразованта установа која не е во состав на универзитет.

Имајќи ги предвид овие уставни и законски одредби, Судот оцени дека условите за прием во Академијата можат да бидат утврдени со статутот на истата, односно дека законот всушност упатува овие услови да се уредат со статутот на универзитетот, односно високообразовната институција.

Од тие причини, Судот смета дека не може да се постави прашањето за уставноста на членот 14 став 1 алинеја 5 од овој закон.

Во прилог на ова стојалиште оди и фактот дека овие посебни услови важат само за лицата кандидати за питомци на Академијата.

Во врска со прашањето дали посебните права и обврски меѓу питомците во Академијата можат да се уредуваат со договор во согласност со Статутот на Академијата, Судот оцени дека договорот, во случајов, содржи права и обврски и за питомците, од една страна, и за Академијата од друга страна за придржување кон одредените правила.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 на ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.30/2001
19 септември 2001 година
С к о п ј е
лк/сд

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply