15/2001-0-0

15/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 19 септември 2001 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 60 став 1 од Законот за семејство (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/92 и 9/96).

2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива со Решение У.бр.15/2001 од 6 и 21 јуни 2001 година поведе постапка за оценување уставноста на член 60 став 1 од законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата од одредбата на член 60 став 1 од законот, произлегува дека детето е ограничено во правото да може да води постапка за утврдување на татковство, а додека лицето кое се смета за татко е неограничено да води постапка за утврдување на татковство независно од возраста на детето. Според тоа решенијата содржани во законот по однос на ова прашање го доведуваат во нерамноправна положба детето во однос на лицето кое се смета за татко на детето што е спротивно на член 9 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека во Законот за семејството прашањето на утврдување на татковство односно мајчинство е регулирано во членовите 51-63. Во оспорениот член 60 став 1 е предвидено дека детето родено надвор од брак тужба заради утврдување на татковство може да поднесе до навршување на 21 година од животот.

Од наведените законски одредби кои го регулираат прашањето на утврдување на татковство односно мајчинство на дете родено надвор од брак произлегува дека на родителите им е признато неограничено право во текот на животот да можат да

бараат утврдување на татковство односно мајчинство без оглед на возраста на детето, па дури и да го признаат со тестамент.

Од друга страна, пак, детето родено надвор од брак при утврдување на татковство односно мајчинство е ограничено и тоа може да бара утврдување на татковство односно мајчинство до навршување на 21 година од животот.

5. При оценување на уставноста на оспорената законска одредба од аспект на начелото на еднаквост и рамноправност во однос на кои истата и се оспорува со иницијативата, Судот смета дека пред се треба да се имаат во предвид односите кои се регулираат со Законот за семејство во целина, а посебно односите меѓу родителите и децата, каде како основни принципи врз кои се темели семејното право се принципот на еднаквоста и рамноправноста, принципот на заштита на интересите на децата и принципот на заштита на семејството.

Имено Судот смета дека семејно правниот однос како предмет на семејното право претставува специфична правна категорија во која доминација имаат лично правните елементи, кои се сведуваат на права и обврски меѓу членовите на семејството и тие се јавуваат како права и обврски од неимотен карактер (верност, помагање, почитување и друго) и права и обврски кои се од имотен карактер (право на издржување меѓу брачните другари, како и меѓу родителите и децата) меѓу брачните другари и меѓу родителите и децата, при што утврдените рокови во законот се меѓа за започнување или престанување на остварување на утврдените права, меѓутоа тие не треба да претставуваат пречка за остварување на одредени права.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај кај институтот на утврдување на татковство односно мајчинство на дете родено надвор од брак, детето е ограничено да го оствари ова право до 21 годишна возраст во однос на родителите кои тоа право го имаат во текот на целиот свој живот, Судот оцени дека оспорената одредба не е во согласност со начелото на еднаквост и рамноправност.

Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 на оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.15/2001
19 септември 2001 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply