10/2001-0-0

10/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 септември 2001 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.3/01).

2. Оваа одлука произведува правно дејство со објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијативи на Сојузот на синдикатите на Македонија, Ѓорѓија Коруноски од Битола, Сојузот на здруженијата на работниците прогласени за технолошки вишок од 25-те загубари од Република Македонија, Миле Трајковски од Куманово, Лазо Денковски од Куманово, Владимир Вешовски од Струга, Лилјана Поповска од Скопје подржана од дваесет потписнички на Македонското женско лоби и Петре Илиевски од Скопје, со Решение У.бр.10/2001 од 13 јуни 2001 година, поведе постапка за оценување уставноста на Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за согласноста на оспорениот закон со одредбите на Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека со член 1 од оспорениот закон, се дополнува член 1 став 1 од Законот за работните односи, со тоа што на крајот се додаваат зборовите: “и засновањето и престанокот на работниот однос, доколку со закон поинаку не е утврдено”.

Со членот 2 од оспорениот закон се брише член 3 став 2 од Законот за работните односи.

Со член 3 од оспорениот закон се дополнува член 105 став 1 од Законот за работните односи со нова точка 6 која гласи: “со отказ по потреби на службата”.

Со член 4 од оспорениот закон, по член 133 од Законот за работните односи се уредуваат прашањата за престанокот на работниот однос со отказ по потреби на службата, преку три нови членови. Така, според член 133-а од Законот, работниот однос престанува со отказ по потребите на службата кога државните органи, органите на единиците на локалната самоуправа и градот Скопје, јавните претпријатија, јавните установи, фондовите и другите организации и институции основани од Република Македонија и во сопственост на Република Македонија или во државна сопственост, како и фондовите, организациите и институциите основани со закон, ќе престанат со работа, односно ќе бидат укинати или во нив ќе настане промена во внатрешната организација, намалување на надлежностите и обемот на работата и други организациони промени коишто предизвикуваат укинување на работното место.

Според член 133-б став 1 од Законот, на работникот му престанува работниот однос согласно со член 133-а од овој закон врз основа на претходно донесено решение од работодавецот, а според став 2 на овој член од Законот, кај работодавецот кај кој со закон е основан стручен орган, решението од став 1 на овој член се донесува врз основа на претходно добиено мислење од тој орган.

Со член 133-в став 1 од Законот, на работникот на кој ќе му престане работниот однос согласно со член 133-а од овој закон има право на: старосна пензија ако му недостасуваат најмногу до пет години за исполнување услови за стекнување право на старосна пензија и отпремнина заради одење во пензија согласно со колективен договор или еднократен надомест во вид на испратнина во износ од 12 негови исплатени месечни нето плати остварени во последниот месец пред престанокот на работниот однос, а според став 2 од овој член на Законот, правото од став 1 на овој член за кое се определил работникот ќе го оствари по донесување на решението за престанок на работниот однос.

Членовите 5 и 6 од Законот содржат завршни одредби што не се актуелни за оценување на нивната уставност.

5. Според член 8 став 1 алинеја 1, 3 и 8 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, валдеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со член 9 став 1 од Уставот е утврдено дека граѓаните во Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, а според став 2 на овој член од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност, а според став 5 на овој член од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Со член 34 од Уставот се уредува дека граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор, а спроед член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓание согласно со начелото на социјална правичност.

Со Законот за работните односи се уредува остварувањето на правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавецот од работен однос и засновањето и престанокот на работниот однос, доколку со закон поинаку не е утврдено. Работниот однос како договорен однос меѓу работникот и работодавецот заради вршење на определени работи и остварување на правата и обврските од тој однос, согласно член 2 од овој закон, се уредува со овој закон, со друг закон и со колективен договор. Според член 3 од Закнот, работникот заснова работен однос доброволно на начин и под услови утврдени со закон и колективен договор.

Операционализирајќи ја уставната одредба за остварувањето на правата на вработените и нивната положба, со Законот за работните односи и со колективните договори, покрај другото, се уредени прашањата во врска со условите и начинот на престанок на работен однос, како и формите и начините на зштитата на правата на работникот во случај на престанок на работниот однос. Во таа смисла, со член 105 од Законот се определени начините на престанок на работниот однос на работникот и тоа: по спогодба; по истек на времето за кое е заснован работниот однос; по сила на закон; со отказ; поради економски, технолошки, структурални или слични промени, а со последните измени на Законот и со отказ по потреби на службата, што всушност е предмет на оспорување. Прашањата за престанок на работниот однос со отказ поради економски, технолошки, структурални или слични промени се уредени со членовите 125 до 129 од Законот, а со член 130 од овој закон, е утврдено ако на работникот му престане работниот однос поради економски, технолошки, структурални или слични промени, работодавецот е должен да му обезбеди едно од следните права: 1. Вработување кај друг работодавец, без огласување на работното место, со преземање и склучување договор за работа на работно место кое одговара на неговата стручна подготовка, односно квалификација или 2. Стручно оспособување преквалификација или доквалифи-кација за работа кај друг работодавец или 3. Еднократен надомест во вид на испратнина, во висина на едномесечна плата на работникот за секои две години работен стаж наполнет кај работодавецот кај кого му престанува работниот однос, а најмногу 12 месечни плати, остварена во претходниот мсец од денот на престанокот на работниот однос на работникот, што се исплатува со денот на престанокот на работниот однос. Според последното дополнување на овој закон, односно според член 133-в од Законот, на работникот на кој ќе му престане работниот однос со отказ по потреби на службата има право на: старосна пензија ако му недостастуваат најмногу до пет години за исполнување услови за стекнување право на старосна пензија и отпремнина заради одење во пензија согласно со колективен договор или еднократен надомест во вид на испратнина во износ од 12 негови исплатени месечни нето плати остварени во последниот месец пред престанокот на работниот однос.

Врз основа на наведеното, може да се заклучи дека правата и должностите, како на работникот, така и на работо-давецот, во случај на престанок на работниот однос конкретно се уредени со Законот и колективните договори.

За одбележување е, исто така, дека во Законот за работните односи во однос на колективното договарње се предвидуваат два посебни колективни договори за работниците во Републиката. Имено, според член 88 став 1 од овој закон, на ниво на Република Македонија, организацијата на мнозинскиот синдикат и организацијата на работодавците склучуваат општ колективен договор кој се однесува на работниците и работо-давците во стопанството на Републиката, а според став 2 од овој член, на ниво на Република Македонија, Владата на Република Македонија и организацијата на мнозинскиот синдикат склучуваат општ колективен договор за јавните служби, јавните претпри-јатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и други правни лица кои вршат нестопанска дејност. Според став 3 од овој член на Законот, општиот колективен договор се применува непосредно и е задолжителен за организацијата на работниците и организацијата на работодавците кои го склучиле и за сите работници во чие име договорот е склучен. Такви колективни договори за стопанството и за нестопанството постојат и на ниво на гранка и на ниво на работодавец.

Тргнувајќи од анализа на содржината на напред наведените уставни и законски одредби, јасно произлегува дека Уставот го прокламира правото на работа и материјална обезбедност за време на привремена невработеност, определу-вајќи остварувањето на правата на вработените и нивната положба да се уредуваат со закон и со колективни договори. Исто така, Уставот го прокламира и утврдува општиот принцип на правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување кое е препуштено на уредување со закон и колективен договор. Уставот ја прокламира и грижата на Републиката за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните, која се остварува врз основа на начелото на социјална правичност. Според тоа, прокламацијата на наведените уставни принципи произлегуваат од социјалниот карактер на државата, а видовите на правата, нивната висина, начин на стекнување и користење се резервирани за законодавната власт. Значи, Уставот не го определува остварувањето и обемот на правата од работен однос и од социјално осигурување, туку создава обврска за нивно законско регулирање, така што, законодавниот орган има широк простор за уредување на сите релевантни односи кои се од значење за остварување на тие уставни права.

Нормативната функција на државата во областа на работните односи, како и во областа на социјалната сигурност, со Уставот не е димензионирана, меѓутоа со законот, односно со законите во овие области мора да бидат утврдени начела кои еднакво ќе се однесуваат на сите граѓани, односно на сите вработени или привремено невработени лица. Во уредувањето на тие односи, државата поаѓајќи од своите материјални и други можности и од другите бројни обврски од економски и социјален карактер, е должна да ја запазува уставната обврска граѓаните, односно корисниците на тие права да бидат еднакво третирани и да се однесуваат на сите лица што се наоѓаат во иста положба и да важат подеднакво за сите.

Во конкретниот случај, поаѓајќи од тоа дека предмет на дополнувањето на Законот за работните односи, е предвидувањето на посебен начин на престанок на работниот однос по потреби на службата, улогата на работодавец ја има во основа државата. Таквото нејзино својство и дава за право да одлучува кои од можните права при престанок на работниот однос ќе му припаднат на работникот и ќе му го овозможи користењето на тие права во зависнот од финансиските и други можности и услови. Притоа, таа е должна да обезбеди механизам за заштита, односно правна сигурност на работникот, утврдувајќи ги условите и критериумите за остварување на таквата заштита на работникот.

Тргнувајќи од напред наведеното, Судот направи обид да одговори на прашањето дали вработените во јавниот сектор се наоѓаат во поинаква правна положба од вработените во стопанството и дали во зависност од тоа за нив може со закон да се утврдат и поинаков начин и услови за престанок на работниот однос, па, според тоа и поинакви права што произлегуваат од таквиот нивен статус. Понатаму, дали со оспорениот закон е обезбеден механизам за заштита на работникот, односно правна сигурност на работникот на кој му престанал работниот однос со отказ по потреби на службата.

Според мислењето на Судот, уставна обврска на законодавецот е при уредувањето на прашањата во врска со остварувањето на правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавецот од работниот однос и засновање и престанок на работниот однос, како и со социјалната сигурност на граѓаните и пензиите како нивен дел, граѓаните да ги стави во еднаква правна положба по наведените основи. Оспорениот закон, според мислењето на Судот, не пропишува еднаква правна положба на граѓаните. Имено, предвидувањето со оспорениот закон остварувањето на правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавецот од работен однос и засновањето и престанокот на работниот однос, да можат да се уредуваат, освен со Закнот за работните односи, и со друг закон; воведувањето на нов правен институт “престанок на работниот однос со отказ по потреби на службата”, кој ќе се применува само на една категорија работници, односно на вработените во јавниот сектор; престанокот на работниот однос на оваа категорија работници да зависи од волјата на работодавецот и утврдувањето на различни права на работниците на кои ќе им престане работниот однос по тој основ, не значи друго освен ставање на вработените од јавниот сектор во привилегирана положба во однос на вработените во стопанството, со што се нарушува принципот на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите.

Понатаму, Уставот не прави разлика помеѓу вработените во стопанството и нестопанството, ниту, пак, дава елементи од кои законодавецот би можел да прави таква разлика, поради што, според мислењето на Судот, оспорениот закон не ја запазува уставната обврска за тоа граѓаните да бидат еднакво третирани и недискриминирани со закон. Имено, правото на работа, односно работниот однос е универзално право утврдено со Уставот, кое не може да се специфицира и да зависи од секторот во кој се остварува. Според тоа, работниот однос (неговото засновање, престанок, права и обврски што произлегуваат од таквиот однос) е единствена категорија на договорен однос меѓу работникот и работодавецот заради вршење на определени работи и остварување на правата и обврските од тој однос, кој еднакво се однесува на сите работници, без оглед на дејноста или областа во која се остварува.

Во основа, вработените во стопанството и вработе-ните во нестопанството се наоѓаат во еднаква правна положба, односно вработените во јавниот сектор не се наоѓаат во поинаква правна положба од вработените во стопанството и во зависност од тоа со закон не можат да се утврдат поинакви услови за засновање и престанок на работниот однос по потреби на службата, ниту поинакви права по тој основ.

Покрај тоа, оспорениот закон не содржи услови и критериуми на кои би бил обврзан работодавецот да се придржува при давањето на отказ на работникот по потреби на службата, како што е тоа случај при престанокот на работниот однос поради економски, технолошки, структурални или слични промени. На таков начин, се загрозува правната сигурност на работникот и се ограничува можноста од заштита на работникот на кој му престанал работниот однос по тој основ, со што се доведува во прашање и принципот на владеење на правото.

Имајќи ја предвид содржината на член 133-в од Законот, односно квалитетот на правата што се утврдуваат за работниците на кои ќе им престане работниот однос со отказ по потреби на службата, за разлика од правата на другите работници, се доведува во прашање еднаквата положба на вработените, привилегирајќи ги вработените во јавниот сектор.

Тргнувајќи од наведеното, според мислењето на Судот, со оспорениот закон се повредува принципот на еднаквост на граѓаните и на еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот, како и правната сигурност на работниците на кои им престанува работниот однос со отказ по потреби на службата, поради што Судот оцени дека оспорениот закон не е во согласност со напред наведените одредби на Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.10/2001
12 септември 2001 година
С к о п ј е
л.а

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply