52/2001-0-0

52/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 септември 2001 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ укинува член 66 став 4 од Статутот на општина Центар Жупа (“Службен гласник на општината Центар Жупа” бр. 3/97).

2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Нузи Шахин, градоначалник на општина Центар – Жупа, со Решение У.бр. 52/2001 од 21 јуни 2001 год., поведе постапка за оценување законитоста на член 66 став 4 од Статутот на општината Центар Жупа затоа што основано се постави прашањето за неговата согланост со Законот за плати и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани функционери во Републиката воопшто, а конкретно и со членот 17-в од овој закон, во однос на кој во иницијативата директно се оспоруваше неговата законитост.

4. Судот на седницата утврди дека во членот 66 став 4 од Статутот е предвидено дека градоначалникот има право на надоместок на плата по престанувањето на функцијата, во траење и под услови утврдени во републички прописи, но не помалку од една година.

5. Според член 17 – в став 1 од Законот за плати и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката (“Службен весник на Република Македонија” бр.36/90,38/91,23/97), коефициентите за утврдување на платите на градоначалниците на општините и градоначалникот на град Скопје изнесува од 2,70 до 3,70, со тоа што во наредните ставови на овој член од Законот, овие коефициенти се утврдени конкретно за секој градоначалник според бројот на жителите во определена општина.

Покрај определувањето на коефициентите за утврду-вање на платите на градоначалниците, во ставот 5 на овој член од Законот е предвидено дека правата утврдени со овој закон им припаѓаат на градоначалниците од денот на нивниот избор до крајот на месецот во кој им престанал мандатот, ако со овој закон не е поинаку определено.

Од наведените законски одредби произлегува дека општествениот статус на градоначалникот како јавна функција и неговите права што тој ги има во врска со таквиот статус се утврдени со Законот за плати и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката. При тоа, ниту во членот 17-в, ниту во било која друга одредба од овој закон не е утврдено овластување за единицата на локалната самоуправа со свој акт да ги уредува овие прашања на било кој начин.

Од друга страна, вакво овластување за единиците на локалната самоуправа не произлегува ниту од Законот за локалната самоуправа бидејќи уредувањето на правата што му припаѓаат на градоначалникот со овој закон воопшто не е утврдено како прашање од локално значење за кое е надлежна општината.

Имајќи ја во предвид наведената правна состојба, како и фактот дека со оспорената одредба од Статутот се утврдува право на градоначалникот на општината на надоместок на плата по престанувањето на функцијата, Судот смета дека во конкрет-ниот случај општината Центар – Жупа ги надминала своите овластувања, поради што и оцени дека оспорената одредба не е во согласност не само со Законот за плати и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, но и со Законот за локалната самоуправа.

6. Во врска пак со наводите во иницијативата дека градоначалникот согласно член 17 – в од Законот за плати и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката нема право на плата по престанокот на функцијата, Судот смета дека одговорот на ова прашање спаѓа во доменот на толкувањето и примената на овој член од Законот, а посебно на ставот 5, за што се надлежни други органи, а не овој Суд.

7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.52/2001
12 септември 2001 год.
Скопје
л.а

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply