50/2001-0-0

50/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 септември 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на дел И од Одлуката бр.0202-245/2 од 24.06.1998 година, донесена од Управниот одбор на ЈП “Исар”од Штип.

2. Панче Анчев, адвокат од Штип на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на означениот дел од одлуката затоа што со неа се воведувала такса за изградба на надгробни споменици, што не било во согласност со член 33 и член 55 од Уставот на Република Македонија според кои јавните давачки се утврдуваат само со закон и се гарантира еднаква положба на пазарот на сите субјекти.

3. На седницата Судот утврди дека со одлуката “се задолжуваат сите правни и физички лица кои изведуваат работи на градските гробишта (градење на споменици) на ЈП “Исар” – Штип да платат надомест во износ од 3000,00 денари за еден изграден споменик (дел И).

4. Според член 33 од Уставот секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон. Согласно член 68 од Уставот, јавните давачки ги утврдува Собранието на Република Македонија.

Во член 55 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.

Според член 12 од Законот за гробиштата (“Службен весник на РМ” бр.18/73) употребата на гробиштата се регулира со пропис на општината. Со гробиштата се управува врз основа на правила што ги донесува општината или организацијата што ќе ја задолжи.

5. Разгледувајќи ја оспорената одлука во контекст на изнесените уставни и законски одредби, Судот утврди дека надоместокот пропишан во дел И од Одлуката, и по својот формален назив, но и по природата на односот заради кој се воведува, не претставува јавна давачка. Имено, Судот врз основа на содржината на одлуката, како и на претходно одлучување по ваков вид на одлуки, утврди дека надоместокот е пропишан како цена на трошоците кои на ЈП му се причинуваат со ставањето на располагање изведување градежни работи на гробиштата како објект со кој управува, како што се користењето на патиштата, водата, електричната енергија и др. инфраструктурни услови за изведување на градежните работи, што е неспорно право на ЈП во контекст на управување со гробиштата и работењето на претпријатието.

Со оглед на тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на дел И од Одлуката со член 33 и член 68 од Уставот.

Исто така, Судот смета дека оспорениот дел од Одлуката не имплицира повреда на принципот на еднаквата положба на пазарот на сите субјекти било од аспект на положбата на субјектите кои изведуваат градежни работи на гробиштата, ниту од аспект на ЈП во однос на други субјекти кои не управуваат со гробиштата. Висината, пак, на надоместокот може да биде прашање за процена, но во тој поглед Уставниот суд нема надлежност да одлучува.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр. 50/2001
12 септември 2001 год.
Скопје
лк/сд

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply