12/2001-0-0

12/2001-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 21 јуни 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Инструкцијата на директорот на Републичката геодетска управа, бр.10-2250/1 од 14 ноември 1994 година.

2. Слободан Костовски од Куманово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Известувањето на Владата на Република Македонија бр.10-2250/1 од 14 ноември 1994 година. Според наводите во иницијативата оспореното известување не било засновано на закон, туку било назначено дека тоа било во согласност со член 56 од Уставот. Оваа одредба од Уставот не уредувала сопственички односи на земјоделското земјиште, туку тоа било уредено со Законот за премер, катастар и запишување на недвижностите според кој правото на сопственост се запишувало на лицето кое ќе доставело валиден документ за сопственост, без разлика дали било правно или физичко лице. Меѓутоа, Одделението на Државниот завод за геодетски работи Куманово, и покрај тоа што му биле доставени валидни документи за сопственост на недвижностите, во решенијата што ги донесувало како сопственик ја евидентирало Република Македонија, а правниот субјект ЗИК Куманово бил запишан како корисник на земјиштето.

ЗИК Куманово располагал со валидна документација дека дел од земјиштето што го користи било поранешна сопственост на земјоделски задруги кои стопансувале на подрачјето на Општина Куманово, а кои и доброовлно се интегрирале со ЗИК Куманово, а дел поради лошо работење престанала со работа. Земјоделското земјиште на тие задруги било приватна сопственост на задругарите но земјата ја внеле во задругите.

Според мислење на подносителот требало да се изврши разграничување на земјоделското земјиште во смисла да се утврди кое земјиште било сопственост на комбинатите односно на задругите, а кое земјиште е државна сопственост, па потоа да се евидентира во катастарот, како и доколку земјоделските организации се заинтересирани да обработуваат државно земјоделско земјиште да им се отстапи по пат на концесија. Со оспореното известување всушност се вршела денационализација на земјиштето на задругите за сметка на Република Македонија што не било во согласност со Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот акт не е Известување на Владата на Република Македонија, туку Инструкција на директорот Републичката геодетска управа упатена до одделенијата за премер и катастар со која се појаснува начинот на евидентирањето на земјоделското земјиште во катстарот на земјиштето.

Судот, исто така утврди дека до одделенијата за премер и катастар е упатена нова Инструкција под бр.07-1926/1 од 10 мај 1999 година со што практично оспорената инструкција не се применува.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од содржината како на оспорената инструкција тка и на подоцна издадената инструкција, како и од причините за оспорување, Судот оцени дека не постојат претпоставки за нивна уставно-судска оценка затоа што не претставуваат пропис во смисла на член 110 од Уставот, поради што одлучи како во точката 1 на ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.12/2001
21 јуни 2001 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов

Leave a Reply